Патот на Македонија кон ЕУ ќе биде блокиран, доколку лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски својата кампања ја води со ставови против Бугарија и се противи на вклучувањето на Бугарите во Уставот на земјата смета бугарскиот европратеник и известувач на Европскиот парламент за земјава, Илхан Ќучик.
– Процесот на преговори меѓу ЕУ и Република Северна Македонија сѐ уште не е започнат, бидејќи се чека да заврши скринингот, кој ќе потрае извесно време. Од бугарското искуство знаеме дека тоа трае од година и половина до две години и мора да се дадат оценките за тој скрининг – вели Ќучук за софиската телевизија „БТВ“.
Тој нагласува дека францускиот предлог за деблокирање на евроинтеграцијата на земјава претставува предлог на Европската Унија, бидејќи е прифатен со консензус од сите членки на ЕУ, ја доби и потребната политичка поддршка, како во бугарското, така и во македонското Собрание.
Согласно францускиот предлог, преговорите на земјава по кластери и поглавја треба да почне по завршувањето на процесот на скрининг, но и по вклучувањето на Бугарите во Преамбулата на Уставот во редот на останатите делови од народи што живеат во државата.
– За жал, во македонскиот Парламент, францускиот предлог беше прифатен само со гласовите на владејачките и дел од опозициските партии. Најголемата опозициска партија категорично се спротивстави на ово ј предлог и најави дека нема да гласа за измените на Уставот и вклучувањето на Бугарите во нивниот Устав. Ова, би рекол, е многу тажен развој на настаните – додаде Ќучук.