Фото: „Нова Македонија“

Со изјавата на европарламентарецот Вајц, пораките за промена на Уставот зачестуваат, се чека македонскиот одговор

  • Поаѓајќи од констатацијата дека уставните измени се клучни за пробив во евроинтеграциите и дека тоа е исклучиво наша работа, тогаш целиот процес треба да биде во корелација со пристапувањето на земјава кон Европската Унија, односно Уставот да го отсликува европското право и да е во симбиоза со повеќето устави на земјите членки. Тоа е особено важно за да не се случи во текот на преговорите ЕУ да утврди дека македонскиот устав отстапува од европските практики, па да мора повторно да се менува и некои земји членки подоцна да го искористат тоа за нови блокади
  • Круцијално е сега да се применат функционалните уставни европски практики и да се пресликаат во македонскиот устав, бидејќи Македонија како држава со ништо не отскокнува од другите европски држави туку, напротив, во многу од другите држави од ЕУ има далеку покомплициран етнички колаж, па повторно во нивните устави провејува националниот карактер со еден стожерен народ и малцинства. Европското толкување на терминот „малцинства“ (во нашиот предлог со претставката „конститутивни“) подразбира позиција/статус на секое малцинство во која нема никаква разлика во граѓанските права и слободи, дури и со државотворниот народ, и затоа овие земји и нивните устави биле прифатени во ЕУ

Пораките што стигнуваат од повеќето европски претставници одат во насока дека без уставните измени Македонија не може да направи вистински пробив во евроинтеграциите, а очекувањата се движат во насока дека по завршувањето на локалните избори македонската влада сериозно ќе се посвети на ова прашање.
Нова изјава со ваква содржина неодамна стигна од европратеникот и известувач на Европскиот парламент за Македонија, Томас Вајц, кој изрази надеж дека по локалните избори земјава ќе ги направи потребните уставни измени за вклучување на бугарската заедница како малцинство во македонскиот устав, со цел да се откочат евроинтеграциите.
– Земјата сега е опфатена со пристапниот процес, но всушност ги немаме започнато преговорите. Треба да ги започнеме наскоро за да ја одржиме земјата на вистинскиот пат – порача Вајц во изјава за Европската новинска редакција, притоа додавајќи дека Македонија сѐ уште е блокирана од Бугарија за прашања поврзани со идентитетот.

Шанса Уставот да се исчисти од сите вештачки всадени аномалии

Очигледно сите напори сега се насочени кон наоѓање решение како да се откочи македонскиот евроинтегративен пат, а без оглед на сите креативни решенија што се нудеа во меѓувреме од македонска страна, прв чекор и натаму останува земјава да ги направи уставните измени.
Неодамна за време на посетата на земјава и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, повтори дека уставните измени се клучни за одблокирање на процесот, но уште напомена и дека топката е во нашиот двор, односно одлуките и решенијата треба да ги носи исклучиво Македонија.
Пораката на претседателката на ЕК е повеќе од јасна, дека Македонија како суверена држава треба самостојно да ги носи одлуките и да не чека некој друг да ги решава отворените прашања. Во тој контекст, за уставните измени не треба да се измислува некаква топла вода, туку во целост да се применат европските уставни практики што се прифатени од Европската Унија, кои се оценети како високодемократски и во целосна согласност со европските вредности.
Затоа идното отворање на македонскиот устав, кое е сѐ поизвесно и поради забелешките на Венецијанската комисија околу јавното обвинителство, односно како тоа да стане независно и поодговорно во работењето, треба да биде во насока оваа работа да се заврши што поскоро и да се фати европскиот воз. Дополнително, македонскиот устав е преполн со несуштински интервенции, кои во него внесоа системски аномалии што иницираат нефункционалност и различни толкувања на повеќе законски решенија, што од друга страна предизвикува проблеми во примената на законите. Многубројните интервенции, најчесто мотивирани од политички пазарења, од македонскиот устав направија франкенштајнска творба на која ѝ треба сериозна реконструкција. Сето ова говори дека доколку се случи отворање на Уставот, тоа треба да биде во насока на негова европеизација, а не поради туѓи инсистирања.

Уставните измени треба да ги следат европските потврдени практики

Поаѓајќи од констатацијата дека уставните измени се клучни за пробив во евроинтеграциите и дека тоа е исклучиво наша работа, тогаш целиот процес треба да биде во корелација со пристапувањето на земјава кон Европската Унија, односно Уставот да го отсликува европското право и да е во симбиоза со повеќето устави на земјите членки. Тоа е особено важно за да не се случи во текот на преговорите ЕУ да утврди дека македонскиот устав отстапува од европските практики, па да мора повторно да се менува и некои земји членки подоцна да го искористат тоа за нови блокади.
Круцијално е сега да се применат функционалните уставни европски практики и да се пресликаат во македонскиот устав бидејќи Македонија како држава со ништо не отскокнува од другите европски држави туку, напротив, во многу од нив има далеку покомплициран етнички колаж, па повторно во нивните устави провејува националниот карактер со еден стожерен народ и конститутивни малцинства. Европското толкување на терминот „конститутивни малцинства“ подразбира позиција/статус на секое малцинство во која нема никаква разлика во граѓанските права и слободи, дури и со државотворниот народ, и затоа овие земји и нивните устави биле прифатени во ЕУ. И самиот термин „малцинство“, во согласност со европските декларации за човекови права и слободи, не подразбираат некаква потчинетост кон мнозинскиот народ. Дури и во некои земји членки, каде што воопшто не се спомнуваат малцинства, уставите мора да бидат усогласени со европските принципи, за еднаквост на граѓаните и против секаква мајоризација на мнозинството над преостанатите.

Сите треба да преземат дел од одговорноста

Ако се водиме според европските примери, тогаш многу европски устави именуваат титуларен народ, како „словачки, полски, хрватски, унгарски народ“, што во суштина означува историско-симболична формула и не значи по автоматизам отфрлање или незаштита на малцинствата. Заштитата на малцинствата е регулирана во конкретни членови на Уставот како право на мајчин јазик, образование, еднаквост, специјални мерки и сл.
Некои држави членки на ЕУ, пак, си го вклучуваат малцинскиот елемент и во самата преамбула, на пример во словачкиот устав, каде што стои „словачкиот народ со припадниците на националните малцинства“, што е директна сигнализација за плуралистички вклучувачки наратив.
Генералната практика на ЕУ-државите доследно покажува дека формулата „да го именуваме народот“ не е спротивна на заштитата на малцинствата, така што доколку и промената на македонскиот устав ги следи европските примери, тогаш излезот од ќор-сокакот со уставните измени може да се најде многу брзо.
Дотолку повеќе, ако се тргне од унифицираната желба на мнозинството македонски граѓани земјава да стане членка на ЕУ, тогаш сите чинители, политички и општествени, треба да го дадат својот придонес за креирање македонски устав во согласност со европските примери и така и во пракса да докажат дека се за ЕУ, наместо да притискаат само македонскиот народ да прави отстапки што директно задираат во неговиот идентитет.