Исходот од гласањето во Собранието само потврди дека народните избраници се оглушија на потребите на повеќе од половина милион македонски граѓани, за сметка на налогот што го добиле од партиските структури. Уште еднаш се покажа на дело дека партиските врски внатре помеѓу пратениците се посилни од врските што пратениците треба да ги имаат со граѓаните. Врската пратеник-граѓанин треба да биде нераскинлива и за вистинска демократија е неопходно да е посилна од тие внатрепартиски поврзаности, но во практика не е така
Собраниските пратеници забораваат кој им го делегира мандатот и кого го претставуваат во претставничкиот дом
Пратениците во македонското собрание во своите говори постојано истакнуваат дека работат во интерес на граѓаните, од кои впрочем го црпат својот мандат, но во практика покажуваат дека работат исклучиво по налог на партиското водство, занемарувајќи ги целосно граѓанските интереси, но и волјата на оние што им го дале мандатот.
Тоа се покажа во повеќе наврати во изминатите години, кога народните избраници најбезобѕирно ја погазуваа народната волја за сметка на директивите од нивното партиско раководство, со што целосно ја девалвираа функцијата пратеник како претставник на народот. Веќе со право се наметнува дилемата дали во македонското собрание има народни избраници или, пак, обични партиски намесници, кои стискаат копче исклучиво по налог на партискиот лидер.
Најсвежа потврда дека пратениците работат во интерес на сопствените партии, а не во интерес на граѓаните, беше завчерашната собраниска седница, на која не поминаа измените на Законот за патни исправи со кои требаше да им се излезе во пресрет на 600 илјади граѓани што останаа без пасоши поради институционална немарност.
Имено, при сто присутни пратеници во собраниската сала, владиното мнозинство предводено од СДСМ и ДУИ не гласаше за овој предлог туку против. Епилогот беше 54 гласа „против“ и 46 беа „за“.
Исходот од гласањето во Собранието само потврди дека народните избраници се оглушија на потребите на повеќе од половина милион македонски граѓани, за сметка на налогот што го добиле од партиските структури. Уште еднаш се покажа на дело дека партиските врски внатре помеѓу пратениците се посилни од врските што пратениците треба да ги имаат со народот. Врската пратеник-граѓанин треба да биде нераскинлива по никоја цена и мора да е посилна од таа внатрепартиска врска, но во практика не е така.
За познавачите на состојбите на домашната политичка сцена ваквото однесување на пратениците воопшто не е изненадување, а причините ги лоцираат во немањето демократски капацитет во самите партии.
– Нашите партии се султан-партии, односно што ќе каже лидерот, тоа спроведуваат пратениците, оти тој ги номинирал да станат пратеници, па сега тие се однесуваат како идолопоклоници кон сопствениот лидер, а за граѓанските интереси воопшто не им е гајле. Полна им е устата за интересите на граѓаните, но никој не работи за граѓанските интереси. Секој гледа да си го наполни џебот. Треба да им стане јасно дека граѓанските интереси секогаш мора да се светост за нив, а не партиските. Да имаше систем за отповикување на пратениците од страна на оние што ги избрале, можеби тогаш ќе почнеа повеќе да ги слушаат своите гласачи, вака не. Ќе работат само во интерес на партијата и за личен интерес – велат познавачите на состојбите на домашната политичка сцена, додавајќи дека изборниот систем е еден од фундаментите на проблемот.
Според нив, пратениците од власта не покажаа ниту малку волја да најдат каква било опција за средување на состојбите со пасошите, имајќи го предвид фактот дека власта што тие ја поддржуваат е одговорна за институционалното потфрлање.
– Нашиве пратеници од владејачкото мнозинство наместо барем да се обидат да најдат некаква можност да се пролонгира рокот, со кој би важеле пасошите до Нова година, повеќе се грижат за интересите на Грција, на Бугарија, на Брисел, но не и за интересите на своите граѓани. Требаше да покажат барем малку доблест, тие се македонски народни пратеници, не се грчки, бугарски или слично. Постојат такви ситуации кога граѓанската волја се става над која било друга, па. ако треба. и над волјата на некоја голема сила, затоа што на 600 илјади граѓани им се скратени човековите права, па и на тој начин државата прекршува меѓународен договор ако веќе зборуваме за некакво почитување на меѓународните договори. Приоритет на пратениците мора да бидат граѓаните, а очигледно тие повеќе мислат на сопствената партија. И нека не зборуваат повеќе за интересот на граѓаните истите тие што постојано слушаат што им кажува партиското раководство. Доста го лажат народот. Ако беа вистински народни избраници, ќе ги сослушаа оние што им го дале мандатот и самите ќе понудеа некакво решение преку некаков предлог-закон или слично. Тие треба да се борат за волјата на граѓаните во парламентот, вградувајќи ги нивните желби во законски решенија. Сега овој граѓански проблем со пасошите можеа да го вградат во некаква техникалија што ќе важеше до Нова година, за да олеснат малку – посочуваат нашите соговорници.
Тие уште еднаш потсетуваат дека пратениците не смеат да ја заборават врската со гласачите бидејќи на тој начин се загрозува релацијата пратеник-граѓанин, така што и изборите почнуваат да губат секаква смисла бидејќи народот нема вистински свои претставници.
– Затоа се прават и народни канцеларии, затоа треба да се одржуваат средби на пратениците со своите гласачи, да ги слушнат ставовите и желбите на оние што ги избрале и да ги спроведат во практика така што ќе предлагаат закони со кои ќе им го подобрат животот на оние што им го дале мандатот, а не само себеси – заклучуваат соговорниците.