Додека низ светот се водат дебати за кризата на претставничката демократија поради забрзаното влошување на квалитетот на понудите на политичките партии, голем број теоретичари и практичари на политиката се обидуваат да понудат решенија, кои сѐ уште емпириски не се потврдиле како успешни. За едни од нив се сметаат и обидите граѓанските движења и невладините организации да го пополнат просторот, кој останал надвор од сферата на интересот на традиционалното политичко организирање, па дури и да преземат дел од просторот на политичките партии. Дали и колку во Македонија е присутен овој нов општествен феномен?
ЗОШТО ОПШТЕСТВЕНО-ПОЛИТИЧКИТЕ АРЕНИ СТАНУВААТ СЀ ПОШАРЕНОЛИКИ
Низ светот сѐ погласни се укажувањата на „кризата на доминантнитe политички системи“, пред сѐ на парламентарните демократии, како форма на претставничката демократија. Низа сериозни истражувања укажуваат дека „граѓаните се сѐ поуверени дека живеат во лажни демократии“, дека се незадоволни главно поради веќе „неповратното влошување на квалитетот на политичката понуда“ и „уште полошата реализација на таа понуда“.
Се интензивираат академските дебати што имаат цел да ги лоцираат и објаснат причините за таканаречената криза на парламентаризмот, но и да понудат насоки за излез од неа.
Граѓанските движења и невладините организации
Во меѓувреме, голем број теоретичари и практичари на политиката се обидуваат да понудат сопствени или преземени решенија, кои сѐ уште емпириски не се потврдиле како успешни. За едни од нив се сметаат и обидите граѓанските движења и невладините организации да го пополнат просторот, кој останал надвор од сферата на интересот на традиционалното политичко организирање, па дури и да преземат дел од неговиот простор. Нивното „тврдо“ НВО-образложување е дека „политичките партии, преокупирани со коруптивните и со криминалните бизниси, се сѐ помалку заинтересирани за решавање на секојдневните проблеми на граѓаните“, но и за заштита на државните и на националните интереси. Покрај многубројните, повеќе или помалку познати слични обиди низ светот, интересно е да се посочи на случајот од непосредното соседство, од Србија, каде што разни граѓански движења и еколошки невладини организации, веќе подолг период му задаваат огромни главоболки на тамошното државно раководство со перманентните, повремено дури и насилни, манифестации на противење и револт кон голем број владини одлуки.
Таа ситуација, која барем на прв поглед, потсетува на „шарената револуција“ со која, во 2016 година, беше постигната последната смена на власта во Македонија, но и претходно споменатите дебати, веројатно охрабрија и некои од овдешните политичари својата шанса да ја видат во некакви потесни или пошироки социјални движења или барем во засега само формалното именување на своите политички партии како движења.
„Движењата“ како нов облик и форма на општествено-интересна група луѓе
Најновиот таков обид како да го најави кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, кога пред некој ден беше запрашан дали е точно дека подготвувал нова политичка партија.
– Не се точни информациите, бидејќи моето мислење е дека народот и граѓаните всушност некое големо фајде од политичките партии не видоа сите овие 20 години. Размислувам дека треба да учествувам заедно со мојот тим, со мои истомисленици на наредните парламентарни избори, без разлика на тоа дали ќе бидат предвремени или редовни, бидејќи тоа го дефинира мнозинството во парламентот, но секако ќе ги следам насоките од електоратот којшто ми ја даде првично довербата како независен кандидат на последните локални избори во Куманово и пошироко – рече Димитриевски.
Тој ги посочи примерите од последните парламентарни избори во Словенија и во Бугарија како доказ дека движења и организации, а на политичките партии, стануваат пресудни на едни избори.
– Можеби движењата се тие што ги носат суштинските промени во едно општество коешто има намера да биде современо, модерно и граѓанско општество во вистинска смисла на зборот. Има голема капацитетност кај сите граѓани, и во македонскиот и во албанскиот блок, како и во сите други блокови или етнички заедници. Секако дека нашиот концепт ќе биде мултиетнички, но да оставиме времето да го каже тоа, бидејќи сега во моментот сметам дека е депласирано да зборуваме предвреме – објасни тој.
А колку е реално политичките планови да се базираат на такви процени и генерално и кога станува збор за Македонија, каде што довербата во политичките партии и во државните институции со кои раководат нивните кадри е на исклучително ниско ниво, но каде што ниту искуствата со таканареченото граѓанско организирање не се многу подобри?
Партиите ги менуваат своите манифестациски форми, но суштината е дека не дозволуваат да се случи ништо посериозно без нивната контрола
Не дека е крајно нереално, туку е сосема утописки, одговора со неговиот карактеристичен филозофски вокабулар академикот Ферид Мухиќ.
– Тоа е убав, не би рекол идеалистички, туку дури и утопистички пристап, бидејќи е невозможно моќта да се оттргне од рацете на политичките партии. Тоа не значи дека не треба да се стремиме кон подобрување на нештата и кон трагање по идеалното. Сега како што стојат работите, а и во последните педесет години, сите тие движења, организации и слично низ светот се само инструмент со кој политичките партии, односно центрите на моќ што стојат и зад нив, ги реализираат своите цели на помалку агресивен начин. Политичките партии можат да ги менуваат своите манифестациски форми, но суштината е во тоа што не дозволуваат да се случи ништо посериозно без нивната контрола. Јасно дека во меѓувреме имаше и искрени невладини организации и граѓански движења, но тие брзо згаснуваа. Така, верувам, и намерата на Максим Димитриевски е искрена, но е неостварлива – оценува Мухиќ, останувајќи цврсто на ставот дека моќта може да се реализира само преку политичките партии.
Уште попоразително дејствува неговото објаснување на состојбата во која веќе предолг период се наоѓа Македонија, поради постојаните меѓусебни блокади на доминантните политички партии и неможноста да се направи квалитетен исчекор во ниту една област.
– Мора да бидеме свесни оти политичките партии прават компромиси само таму каде што не можат да ги одбегнат и никако на сопствената штета. Не е тоа ниту песимизам ниту оптимизам туку реализам – потенцира Мухиќ.
Добро е, според него, што граѓаните на Македонија, како просторно и според бројот на жители, мошне мала земја, се многу посвесни за овие факти од граѓаните, на условно речено, големите и напредни држави.
– Затоа сме во предност, како и секој човек што навреме и правилно ги согледува работите, кој сфаќа дека е измамен и кој затоа ги има на располагање и лошата и добрата опција. Лошата е сознанието дека не може ништо да смени, а добрата е дека треба да се бори за онолку човечко достоинство колку што тоа е можно во дадените услови – констатира тој.
Сепак, дебатите насочени кон оправданоста на учеството на разните движења и организации во политичкиот живот и понатаму се водат, иако практиката потврди дека тие, по излегувањето на политичката сцена и влегување во владејачките коалиции, многу лесно и многу брзо се откажуваат од својата корективна улога.
Членовите на движењата се групираат заради остварување на заедничките политики што ги застапуваат, а членовите на партиите ѝ се лојални на партијата без оглед на политиките што ги спроведува
Иако, како што укажуваат аналитичарите, организациите и движењата се обидуваат да ја потенцираат својата „надмоќ“ над политичките партии со аргументите дека тие ја имаат врската со општествената база што партиите одамна ја изгубиле и дека инсистираат на хоризонталната внатрешна организација за разлика од вертикалната, хиерархиска, која сѐ уште доминира во политичките партии, а со тоа и подемократски начин на одлучување, тоа, барем досега, не било ефектуирано.
– Ниту една од тие „предности“ во изминативе десетина години не даде ефекти. Што се однесува до поцврстиот однос со базата, се покажа дека таа, во одреден момент, им станува товар затоа што нештата ги гледа низ перспективите на општествените, а не на политичките процеси. Во однос на организацијата, ниту хоризонталноста не даде ефекти затоа што во мејнстрим-политиката не се натпреваруваат со идејните решенија на другите субјекти, туку, најчесто, против персонификацијата на тие решенија, што значи, против лидерите. Затоа, засега, движењата не успеаја да ги убедат гласачите оти идеите се поважни од луѓето, а се поставува и прашањето колку воопшто и самите тие веруваат во сето тоа – објасни пред извесно време политичкиот филозоф од Србија, Филип Балуновиќ. По сето тоа, дури и кога јасно ќе се постават границите помеѓу движењата и партиите, при што може да се рече дека членовите на движењата се групираат заради остварување на заедничките политики што ги застапуваат, додека членовите на партиите, пред сѐ, ѝ се лојални на партијата без оглед на политиките што ги спроведува, оцените произлезени од искуствата во регионот се дека движењата не се развиваат како алтернатива на партиите, туку, во подобриот случај, како можност за посуптилно вклучување во политичкиот натпревар, а во полошиот случај, онака како што објасни Мухиќ, како инструмент на партиите. Д.М.М.