Фото: Игор Бансколиев

Поголеми или помали недоследности, па и пропусти во однос на начинот на констатирањето, евидентирањето и интерпретирањето на бројот на смртните случаи од коронавирус во изминативе две години се појавија речиси во сите земји во светот. Таквите недоследности и пропусти не ја заобиколија ниту Македонија. Потврда за тоа се и глобалните и националните статистики, во кои, според сите толкувања, состојбата во нашата земја е навистина крајно сериозна

ДУРИ И СО „БЕЗОПАСНИОТ“ ОМИКРОН,
СМРТНОСТА СЕ ЗГОЛЕМУВА

Поголеми или помали недоследности, па и пропусти во однос на начинот на констатирањето, евидентирањето и интерпретирањето на бројот на смртните случаи од коронавирус во изминативе две години се појавија речиси во сите земји во светот. Таквите недоследности и пропусти не ја заобиколија ниту Македонија. Потврда за тоа се и глобалните статистики, во кои, според сите толкувања, состојбата во нашата држава е навистина крајно сериозна. Тоа особено како атрибут прилега за опис на здравствените состојби, откога во текот на измината недела, од 24 до 30 јануари, процентот на смртноста беше зголемен за 38,3 отсто во споредба со претходните седум дена, како и поради загрижувачки големиот процент на починатите во болнички услови.
Во исчекување на резултати од деталната анализа за смртноста во Македонија, која ја најави директорот на Институтот за јавно здравје, Шабан Мемети, експертите не ја исклучуваат можноста дека и во земјава постојат недоследности при констатирањето, евидентирањето и интерпретирањето на смртните случаи од коронавирус, но, сепак, како најголеми пропусти ги посочуваат сѐ уште нискиот процент на вакцинирани граѓани, недостапноста на бесплатните тестови и ограничените можности за лекување.
– Анализата треба да ја опфати секоја смртност, секој смртен случај од ковид, придружните болести во детали и која е суштината од што починал човек – рече Мемети, објаснувајќи дека времето потребно за добивање резултати од студијата ќе зависи од расположливоста на податоците и соработката со надлежните.
Министерот за здравство Беким Сали, пак, веќе имаше делумно објаснување.
– Можеби сме земја со висока смртност од пандемијата, но не значи дека ние не сме го згрижиле пациентот. Во регионот имаат друга методологија, па не треба да ве залажува бројката што кај нас е осум, а кај нив две или три илјади – изјави Сали.
И додека здравствените власти се занимаваат со бројките, луѓето од струката бараат итни интервенции, пред сѐ, во насока на постигнување поголем степен на имунизација.

– Луѓето не треба да се опуштаат и да мислат дека омикрон е лесна варијанта, затоа што ова охрабрување е клинички неиздржано – рече Илир Демири, доктор од Инфективната клиника.
Тој објасни дека неговото досегашно искуство покажало оти нема евидентирано ниту еден починат од ковид-19 без коморбидитети а да е редовно вакциниран.
– Единствената мерка што би нѐ заштитила да го поминеме ова полесно е вакцинацијата и тоа е наша обврска – нагласи тој.
И во Хрватска, каде што се присутни слични дилеми, на експертите им се поставува прашањето каде и во кој момент е направена грешка, а најчестиот одговор е дека требало поагресивно да се влезе во кампањата за вакцинирањето.
– Го имаме примерот на Австрија, која има многу поголем процент на вакцинираните и сега тргнува и со задолжително вакцинирање. Требаше уште порано, кога се воведуваа ковид-потврдите, да се оди во насока на задолжително вакцинирање. Премногу се попушташе и балансираше, а го знаеме менталитетот на нашиот народ. Не сум поддржувач на жестоките рестрикции, но мислам дека уште летоска можеше да се претпостави каква есен и зима ќе имаме. Ваквиот исход можеше да се спречи – објасни за тамошните медиуми хрватскиот пулмолог Саша Сриќа.
Инаку, заклучно со 29 јануари 2022 година, во Македонија се вакцинирани вкупно 866.227 лица барем со една доза на вакцина против ковид-19. Комплетно вакцинирани, со две дози, се вкупно 842.917 лица, а со трета доза се вакцинирани 128.268 лица. Д.М.М.


„Џонс Хопкинс“: Карантинот со мал ефект врз смртноста

Ограничувањата наметнати во пролетта 2020 година, поради коронавирусот, имаа мал ефект врз смртноста во САД и во Европа, но доведоа до сериозни економски и социјални штети, констатирале истражувачите од универзитетот „Џонс Хопкинс“.
– Ограничениот пристап до отворени простори, особено паркови и плажи, ги натера луѓето да се состануваат во затворени простории, каде што ризикот од инфекција е многу поголем – објасниле истражувачите.
Сепак, тие забележале дека стопирањето на несуштинските активности на фирмите имало позитивно влијание, бидејќи ја намалило смртноста за 10,6 отсто.