Во Република Македонија се одржаа можеби најмирните и најдемократски избори што се случиле кога било, особено од безбедносен аспект, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Тој оцени дека не се констатирани посериозни прекршувања на изборниот процес во текот на целиот ден.
Се заблагодари на македонските полицајци, граѓаните кои, како што рече, покажаа дека заслужуваме да бидеме дел од европското семејство, набљудувачите и новинарите.
– Да се живи и здрави македонските граѓани, да ни е вечна Македонија – рече Тошковски.
Дополнителниот заменик министер, Митко Бојмацалиев, истакна дека изборите поминале во фер демократска и слободна атмосфера.
– Полицијата беше на својата задача и ги создаде сите предуслови за демократски чин. Честитки на директорот на Бирото за јавна безбедност. Честитки и до граѓаните кои не подлегнаа на притисоци, и на медиумите за транспаретноста – изјави Бојмацалиев.