Во рамките на работата на споменатата комисија, еден дел бугарски членови не само што го негираат македонскиот идентитет на Гоце Делчев или на некои други истакнати личности од македонската национална историја туку ги негираат воопшто македонската историја и народ како нешто засебно низ вековите. Тоа го потврдува и бугарскиот историчар Димитар Атанасов, кој нагласува дека одредени бугарски партиски централи и ним блиските историчари се обидуваат да ја наметнат идејата дека тоа е бугарска историја, која Македонија треба да ја признае за своја и на тој начин да стане заедничка
Рефлексии по најновата средба на
заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања
Подолг период експерти посочуваат на фактот дека една од главните пречки за напредок во работата на комисијата за историски прашања е токму ирационалниот став на еден дел од бугарските членови, односно од нивното непризнавање на македонскиот идентитет, јазик и нација. Дека токму непризнавањето на македонскиот народ е еден од главните проблеми беше потврдено по одржувањето на двете средби во Софија помеѓу членовите на комисијата, средби за кои бугарските медиуми информираа дека поминале во напната атмосфера, што беше потврдено од македонските членови. Дополнително, неуважувањето на македонскиот идентитет во комисијата беше образложено и од некои бугарски историчари, кои укажаа и на одредени замешателства во работата на комисијата од страна на некои од бугарските политички партии, со што се доведува под знак прашалник кредибилитетот на бугарските членови.
Се негира македонскиот идентитет низ вековите
Минатата недела во Софија се одржаа две средби помеѓу членовите на македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања. На првата средба помеѓу македонските и бугарските историчари и експерти се разговарало за улогата и местото на Охридската архиепископија и како е таа претставена во учебниците за седмо одделение во македонското образование, а на втората средба се дискутирало за предлогот што треба да се упати до македонската и бугарската влади за заедничка прослава на ликот и делото на македонскиот национален деец и револуционер Гоце Делчев. Дискусиите завршија без резултати и во напната атмосфера.
Тоа беше потврдено и од страна на д-р Љупчо Ристески, етнолог и член на комисијата, според кого ниедна од досегашните седници на комисијата не поминувала без одреден тип тензии. Според Ристески, на последната средба тензиите не произлегле од природата на дискусијата за Гоце Делчев.
– Произлегоа повеќе, за нас сѐ уште на големо зачудување, кај дел од членовите на комисијата, на целосно игнорантско однесување спрема постоењето на современиот македонски народ, современата македонска нација и современиот македонски јазик. Оттука, неколкумина од нас реагиравме дека во академските кругови, во денешно време, да не се прифати и да не се препознае реалноста на современиот македонски јазик, нација и идентитет, во најмала рака, е несфатливо и непоимливо – рече д-р Љупчо Ристески
Тој исто така нагласува дека несогласувањата произлегуваат од различниот пристап кон минатото.
– За мене, како антрополог и етнолог, е чудно и неразбирливо дека колегите од другата страна сѐ уште нудат релативно монолитен и едностран поглед како може да се чита минатото. Тука е главниот судир или недоразбирање. Јас сум уверен дека повеќето колеги од бугарската страна на комисијата дефинитивно многу добро ги познаваат овие современи концепти на видувања на минатото. Но е многу интересно, а за нас и чудно, зошто сѐ уште се држат до тој традиционален, дури и традиционалистички, пристап во историјата – рече Ристески.
Иако еден дел бугарски членови го прифаќаат постоењето на македонскиот идентитет, како што нагласува Љупчо Ристески, кога ќе треба да се одлучува, ги поддржуваат официјалните бугарски ставови.
Според информациите до кои дојдовме, во рамките на работата на спомената комисија не се негира само македонскиот идентитет на Гоце Делчев или на некои други истакнати личности од македонската национална историја туку се негираат воопшто македонската историја и народ како нешто засебно низ вековите. Во овој контекст се и постоењето и дејноста на Охридската архиепископија, црковна институција што некои од бугарските членови ја третираат како бугарска автокефална црка и настојуваат тоа да биде потврдено од нивните македонски колеги во комисијата.
Дека се негира постоењето на македонската историја потврдува и бугарскиот историчар Димитар Атанасов. Според него, терминот заедничка историја што бил вметнат во договорот за пријателство е проблематичен и несоодветен.
– Таа заедничка историја, всушност, одредени партиски централи и ним блиските историчари, за жал мои колеги, се обидоа да ја наметнат како идеја дека тоа е бугарската историја, која Македонија треба да ја признае за своја и на тој начин да стане заедничка. За жал, тој национален комунистички наратив, од кој произлегуваме ние, многу одамна е совршено изветреан и докажано е дека е политички, а не научен инструмент. Не се обидуваме да ја запознаеме заедничката историја, туку се обидуваме да практикуваме насилство – вели историчарот Димитар Атанасов.
Флагрантни бугарски политички замешателства во историската комисија
По одржувањето на неуспешните средби во Софија, бугарскиот историчар Димитар Атанасов потврди дека еден дел бугарски историчари, како и некои од бугарските членови во комисијата, го негираат македонскиот идентитет.
Според Атанасов, голем дел од бугарскиот наратив за Македонија почива на ненаучни основи.
– Тоа е поврзано со пропагандата од крајот на 19 и првата половина на 20 век, според која Македонија треба да се распарчи меѓу одредени балкански земји, меѓу кои како главна се гледа Бугарија. Но сега ситуацијата е многу поинаква, многу одамна помина тоа време и ништо не најавува дека тоа ќе се врати – вели историчарот Димитар Атанасов.
Тој исто така посочува и на одредени политички влијанија и замешателства во работата на комисијата, односно дека историските прашања ѝ се дадени „под концесија“ на партијата од Пиротска 5. Според Димитар Атанасов, едно од главните лица во таа комисија е „практично партиски пропагандист“.
– Како може да претпоставиме дека таа комисија ќе работи во ситуација кога таму фигурира лице што е партиски пропагандист – вели Димитар Атанасов.
Бугарскиот историчар како виновник ја посочува бугарската партија ВМРО-БНД, но веќе станува сосема јасно (и од бугарската страна искажано) постоењето на партиска пропаганда во комисијата, за што говори Атанасов. Искажувањето на Атанасов за ставот на партија ВМРО-БНД за историските прашања и македонскиот идентитет е потврдено неколкупати и од скандалозните изјави на членовите на оваа партија. Но не смееме да заборавиме дека македонскиот идентитет низ вековите се негира континуирано од бугарската држава и институции, што беше потврдено во изјавите на највисоките државни лица во Бугарија, меѓу кои и бугарскиот претседател и министрите во неколку бугарски влади, како и од Бугарската академија за науки (БАН). Д.Ст.