Промена на Изборниот законик што ќе значи излез од партиското вкалапување
- Претставници на невладиниот сектор, професори, аналитичари, експерти за изборни системи, немаат никаква дилема дека токму отворените листи претставуваат еден од клучните чекори кон вистинска демократизација на изборниот процес во Македонија
Под будното око на јавноста деновиве се следат активностите поврзани со расправата околу потребата за нов Изборен законик во пресрет на редовните парламентарни избори што треба да се одржат во 2028 година, а како обврска што земјава ја презела во насока на исполнување на забелешките на ОБСЕ/ОДИХР поврзани со изборниот процес.
Во целиот овој пакет на изборни реформи се издвојуваат неколку работи, пред сè дефинирањето на Македонија како една изборна единица, намалувањето на бројот на пратеници во Собранието од сегашните 120 на 90, како и потребата од воведување отворени листи при изборот на народни претставници.
Токму овој механизам би им овозможил на граѓаните поголемо влијание врз изборот на конкретни кандидати наместо автоматски да гласаат за редоследот што го утврдиле партиските раководства, без притоа воопшто да ги знаат другите кандидати на листата.
Таквата нетранспарентност придонесе граѓаните често да немаат мотивација да го даваат својот глас за луѓе што воопшто не ги познаваат, што од друга страна резултира со сè понамален одзив во секој изборен циклус.
Кој се плаши од загуба на пратеници
Особено гласни во барањата за воведување отворени листи на изборите се помалите партии, кои сметаат дека стручноста, компетентноста, кредибилитетот и одговорноста на понудените кандидати треба да бидат примарни, а оцената за тоа најдобро можат да ја дадат граѓаните доколку ги познаваат кандидатот и неговите ставови пред да го заокружат на гласачкото ливче.
– Тоа е како да одите во маркет и да избирате кој кроасан е најдобар за вас наместо да ви дадат што ќе ви дадат. На тој начин се зголемува одговорноста на избраните претставници кон граѓаните, а не само кон партиските лидери – вели Моника Зајкова, претседателка на ЛДП, која заедно со други помали партии е главниот заговарач за промена на актуелниот изборен модел.
Според неа, конзервативниот систем во моментов го попречува воведувањето отворени листи бидејќи поголемите партии сакаат да ја задржат контролата врз изборниот процес и да ги одржуваат членовите под партиска контрола наместо директно пред граѓаните.
– Овој систем ги ограничува граѓаните и ја намалува одговорноста на избраните, затоа се потребни промени што ќе ги стават интересите на народот пред партиските структури – заклучи Зајкова.
Феноменот султан-партии уште од осамостојувањето
Претставници на невладиниот сектор, професори, аналитичари, експерти за изборни системи, немаат никаква дилема дека токму отворените листи претставуваат еден од клучните чекори кон вистинска демократизација на изборниот процес во Македонија.
– Во сегашниот систем граѓаните практично гласаат за партија, додека редоследот на кандидатите на листите го определуваат партиските раководства. Тоа значи дека пратениците, во голема мера, својата политичка кариера ја должат на одлуките на партиските централи, а не директно на волјата на гласачите. Затоа ја имаме онаа терминологија т.н. „султан-партии“, бидејќи лидерот (султанот) на партијата одлучува кого да стави на листите, а тие потоа нему му должат и ги исполнуваат неговите наредби наместо да работат во интерес на оние што гласале за нив. Со воведување отворени листи, гласачите би добиле можност да влијаат не само на тоа која политичка опција ќе влезе во парламентот туку и кои конкретни личности ќе ги претставуваат. На тој начин одговорноста на пратениците би се префрлила од партиските лидери кон граѓаните, што е суштината на претставничката демократија – истакнуваат соговорниците.
Според нив, отворените листи би можеле да придонесат и за подобрување на квалитетот на кандидатите.
– Кога кандидатите знаат дека нивниот избор зависи од довербата на гласачите, тие се мотивирани да водат активна кампања, да бидат препознатливи во јавноста и да градат директна комуникација со граѓаните. Тоа создава поголема конкуренција во рамките на самите листи, што во крајна линија може да доведе до избор на поквалитетни и покредибилни претставници. Дополнително, ваквиот систем би можел да ја намали и партиската дисциплина, која често се претвора во слепо следење на партиските директиви. Пратениците што знаат дека повторниот избор зависи од поддршката на гласачите, а не само од местото на партиската листа, имаат поголем стимул да ги застапуваат интересите на граѓаните – појаснуваат соговорниците.
Тие уште додаваат дека во македонски услови, каде што довербата во институциите и во политичките елити е релативно ниска, отворените листи би можеле да бидат важен механизам за враќање дел од таа доверба.
– Секако, тие не се магично решение за сите слабости на политичкиот систем, но се чекор кон поголема транспарентност, отчетност и реално учество на граѓаните во изборот на своите претставници. Затоа, доколку Македонија навистина сака да го модернизира својот изборен модел и да го приближи до стандардите на развиените демократии, воведувањето отворени листи е реформа што сериозно заслужува внимание и широка политичка поддршка – заклучуваат соговорниците, од кои некои и сами учествувале на голем број јавни расправи поврзани со изборните реформи.
Што значат отворените листи
Отворена листа значи дека гласачите можат да гласаат за оној кандидат за пратеник или општински советник за кого тие сметаат дека е најдобар, без разлика на кое место на гласачкото ливче се наоѓа таквиот кандидат. Во сегашниот изборен систем постојат затворени листи, каде што гласачите гласаат за една партија или коалиција и со тоа немаат можност да преферираат одреден кандидат од истата партија. Тоа значи дека на крајот на изборниот процес пратеници стануваат само оние кандидати што се највисоко на листата и во зависност од освоените гласови на партијата.
Во моделот со отворени листи, пак, пратеници стануваат оние кандидати што добиле најмногу поединечни гласови од гласачите. Тоа, според упатените, значи дека отворените листи значат поддршка за личност, а затворените поддршка за партија.
Отворените листи значат и повеќе простор да се слушне мислењето на секој гласач, а граѓаните би имале избор да гласаат токму за оној кандидат што ним им се допаѓа. На тој начин би се намалила улогата на партиските раководства во номинирањето на „сигурните“ пратенички места од врвот на листата. С.Т.

































