Нов европски „изум“ – отпорот кон неофашизмот да ти бил говор на омраза!?! И според овој нов „изум“ на ЕУ, отпорот и борбата против фашизмот во II светска војна би биле говор на омраза! Сѐ во име на ревизија на историјата. Честитки за ЕУ!
Во последно време сѐ почесто сме сведоци на „заборавање“ на фашистичкото минато од западноевропските земји, членки на ЕУ, коишто го поттурнуваат под черга. Така, од 2008 година 9 мај повеќе не се слави како Ден на победата над фашизмот, туку како Ден на Европа, што е доста неопределено.
Во стилот на македонскиот крал Филип V (221-179 г. ст. ера) треба да се постави прашањето: Која Европа и како ја определувате ЕУ, господа? Имено, во 198 г. ст. ера, во текот на преговорите за мир во Хелада, а со посредство на Римјаните, римскиот војсководец Тит Фламинин побарал Филип „да се повлече од цела Хелада, на сите да им ги врати затворениците и дезертерите што ги држи, на Римјаните да им ги предаде заземените делови од Илирија што ги зазел по договорот склучен во Епир“ (во 205 г. ст. ера, по крајот од Првата римско-македонска војна) итн. На тоа Филип V одговорил: „Од која Хелада барате да се повлечам и како ја определувате? Повеќето од Ајтолците не се Хелени, а пак земјата на Аграите, Аподотите и на Амфилохијците не е Хелада. Или пак мене ми ги оставате?“, со што го насмеал римскиот војсководец (Полибиј, 18-та книга).
Значи прашањето денес гласи: „На која Европа е празник Денот на Европа?“. Европа во каква смисла – географска, политичка, религиозна, етничка? Ако во географска смисла Европа е колку-толку точно определена, тоа за „политичка“ Европа воопшто не може да се каже – дотолку повеќе што „старата“ Европа, поточно ЕУ, не ги признава како европски земјите од т.н. Западен Балкан кои сѐ уште не се, ако некогаш воопшто бидат членки на ЕУ.
Затоа т.н. Ден на Европа, т.е. на ЕУ, не може да биде изедначен со празникот за победа над фашизмот. Имено, поимот Европа (т.е. ЕУ) не е ист со поимот фашистичка Европа, зашто не беа фашистички сите европски земји, па дури ни фашистичките – некаде фашистичка беше власта, но не и народот, а некаде беа и двете. Згора на тоа, сите европски земји не се членки на ЕУ, ниту пак сите нејзини членки беа антифашистички!!!
Затоа кога ќе се рече Ден на Европа, тоа не значи ништо, но кога ќе се каже Ден на победата над фашизмот точно се знае на кое време, на кои држави и на кои народи се однесува. Се разбира дека не станува збор за некаков превид, зашто западноевропската цивилизација почива врз логика, а не врз чувственост како источната. Повеќе од јасно е дека станува збор за извртување на минатото и за вешто смислен обид да се прикрие, намали, заборави и избрише улогата на СССР во големата победа над фашизмот.
Така, годинава ниту еден руски претставник не беше поканет да присуствува на комеморацијата на 78-годишнината од ослободувањето на концентрациониот логор Аушвиц во истоимениот полски град, којшто на 27 јануари 1945 г. беше ослободен ТОКМУ од војниците на Црвената армија – каква иронија!!!
Западноевропскиот свет, во лицето на ЕУ, тивко и лицемерно го слави дури и негира фашизмот, победниците на фашизмот ги изедначува со фашистите и дури ги прогласува за злосторници, злосторничкиот идеолошки прогон кон поединци во некои социјалистички земји го изедначува со нацистичкиот геноцид, што е различно како ден и ноќ, фашистички окупатори се прикажуваат како администратори итн.
Затоа не е чудно што фашизмот се повампирува и кај водечки членки на ЕУ, како што е Германија (т.н. „Граѓани на Рајхот“). Ваквото повампирување на неофашистички идеологии во рамките на ЕУ, воспевана како најдемократска творба по Втората светска војна, го користат некои од државите што се нејзини членки. Некои новопрогласени Европејци тоа го прават грубо, простачки (бугарските европратеници), а пак идните Европејци (нашите политичари) снисходливо. Најнов и најбезобразен пример за тоа е Бугарија – која безочно го негира своето фашистичко минато и окупација на Македонија и бара да биде избришано од спомениците, колективното сеќавање и од учебниците, а со тоа и од свеста на Македонците.
Првенствено воспоставена од геополитички и економски причини (како ЕЗ), ЕУ се претставува како најдемократска творба, но го нема надраснато нејзиниот колонијален културен и ментален склоп, та така нејзините челници го учат македонскиот народ дека знаењето на сопствената историја е непотребно, додека истовремено љубоморно ја чува и велича својата. Нејзината најсиромашна членка преку политички комисии бара македонскиот народ да се откаже од идентитетските белези и да ја заборави и својата фашистичка борба, кога заедно со другите југословенски народи го постигна највисокиот степен на еднаквост и достоинство во согласност со правилото за самоопределување на народите, што е вечна човекова потреба и идеал, но, за жал, се чини дека е само утопија.
Ваквата политика на „старата дама Европа“, којашто сака да нѐ навикне на самозаборав, се спроведува во содејство со домашните поткупливи политичари, на кои во прв ред им се нивните лични интереси, кои со сервилно умилкување кон ЕУ си обезбедуваат останување на власт којашто одамна им се лизга под нозете, та прават лизгачки акробации за да ја задржат, како што се дозволите за отворање клубови со имиња на осведочени бугарски фашисти, прифаќање на секакви барања од соседите итн.
Со молкот на ЕУ, чиј парламент има донесено резолуција за борба против нацизмот и неонацизмот, за забрана на неофашистичките и неонацистичките групи и здруженија, се овозможува тивко раѓање на европски неофашизам (што започна во деведесеттите години на минатиот век), како и негирање на антисемитизмот.
Така, на одбележувањето на 80-годишнината од депортацијата на околу 3.000 битолски Евреи, кои на 11 март 1943 г. беа спроведени од бугарските власти во логорот на смртта Треблинка, од каде што ниеден не се врати, не присуствуваше делегација не само од бугарската амбасада во Македонија туку и од Генералниот конзулат на Бугарија што се наоѓа во Битола. И токму во Битола минатата година беше отворен првиот бугарски клуб со име на фашистички соработник „Ванчо Михајлов“, а иронијата да биде поголема клубот е сместен токму во еврејскиот кварт! И кога ваквите појави не се осудуваат од европските челници и кога домашните политичари не ја вршат работата за којашто се платени, тогаш народот ја презема работата во своите раце и својот гнев го искажува со оштетување на овие клубови. Но во истиот тој миг, ЕУ којашто молчи за фашистичките изјави на бугарските европратеници како и за имињата на клубовите, се јавува со осуда за ситните штети направени врз просториите на клубовите, прогласувајќи ги за говор на омраза, впрочем како и секој израз на македонски патриотизам.
И ако отпорот кон неофашизмот е говор на омраза, тогаш и отпорот и борбата против фашизмот во II светска војна биле говор на омраза! Нов европски изум што се промовира во догма и во нова вредност. Сѐ во име на ревизија на историјата. Честитки до ЕУ за оваа нова европска вредност.
Наде Проева
(Авторот е универзитетски професор)