Фото: „Нова Македонија“

Почна откупот на тутунот од годинашнава реколта. И со отворени 19 откупни ваги, од кои по две во Прилеп и Битола, па во Пелагонискиот и во Источниот регион, тутунарите се воздржани да го носат родот, очекувајќи каква цена ќе биде постигната. Според последните информации, во Прилеп се презеле 150-тина килограми во прва класа по 375 денари за килограм. Од Сојузот на тутунските здруженија најавуваат дека ќе бараат цените да не бидат пониски од 420 денари што би било колку-толку исплатливо за производителите.
Од 305 откупни ваги, во моментов се отворени 19 ваги на две компании, на „Сокотаб“ и на компанијата „Кавекс“. Од денеска пунктовите ќе ги отвори фирмата „Пашоски“, а сѐ уште не се знае кога ќе почнат да откупуваат уште седум компании меѓу кои и прилепскиот Тутунски комбинат, зашто отворањето на пунктовите, поради поверениците, мора пет дена порано да го најават кај Сојузот на тутунските здруженија. Годинава десетте откупувачи имаат склучено договори за околу 26.000 тони тутун, а според сојузот, реално реколтата е околу 17.000 тони. Десетте лиценцирани компании мора да го почнат откупот на тутунот најдоцна до 15 декември. Н.М.