Од голема важност е навремено да се препознае дали има преклопување на интересите или, пак, дали има голем дисбаланс од она што се наши и она што се туѓи интереси, за да може навремено да се реагира и државата да не се доведува во подредена ситуација да мора да се откажува од сопствените интереси како услов да се зачлени во некоја организација, а во исто време да ги задоволува туѓите интереси на своја штета Задача на политичарите е да препознаат дали има преклопување или разлики во интересите, бидејќи ако не се води сметка за тоа, тогаш земјата свесно се турка во поданичка позиција кон сите други
Интересите на државата секогаш треба да бидат во прв план, без оглед на утврдените стратегиски цели, а способноста паралелно да се менаџираат двата процеса влијае врз тоа колку една земја ќе напредува кон поставената цел, без притоа да ги загрозува и да се пазари со државните интереси.
За жал, политичарите што ја предводеа Македонија изминатите години сметаа дека остварувањето на нашите стратегиски цели, членството во НАТО и во Европската Унија, нема никаква алтернатива и дека за таквата цел вреди на маса да се стават и највисоките државни интереси, како името на државата, идентитетот, јазикот, историјата и културата на еден народ.
Тоа водеше кон создавање атмосфера на општествена летаргија во која македонските граѓани целосно ги загубија ентузијазмот и вербата во европската иднина само затоа што оние што ги предводеа не ја препознаа единствената желба на граѓаните, да бидат дел од Европа, но достоинствено, без да бидат понижувани и уценувани за работи за кои ниту една друга држава не ни помислува да ги спомене, а не, пак, да разговара.
И ЕУ и НАТО ги гледаат своите интереси
Она што е повеќе од јасно, тоа е дека и ЕУ и НАТО секогаш тргаат од крупните геостратегиски интереси и не дозволуваат некој да застане на нивниот пат. Но задача на секоја одговорна влада е да тргне од сопствениот народ или граѓани, односно национални интереси и така да ги води преговорите со асоцијациите во кои сака да се зачлени.
Од голема важност е навремено да се препознае дали има преклопување на интересите или, пак, дали има голем дисбаланс од она што се туѓи интереси, а што наши, за да може навремено да се реагира и државата да не се доведува во подредена ситуација да мора да се откажува од сопствените интереси како услов да се зачлени во некоја организација, но во исто време, да ги задоволува туѓите интереси на сопствена штета.
Затоа задача на политичарите е да препознаат дали има преклопување или разлики во интересите, бидејќи ако не се води сметка за тоа, тогаш земјата свесно се турка во поданичка позиција кон сите други.
Неодамна српскиот претседател Александар Вучиќ, говорејќи на панелот „Пристапување на Западен Балкан во ЕУ“ организиран како дел од глобалниот безбедносен форум „Глобсек 2024“ во Прага, рече дека интересите на ЕУ одвреме-навреме се разликуваат од српските, притоа изнесувајќи сопствена оцена дека земјите кандидати од регионот нема да влезат во ЕУ пред 2030 година.
Клучната дилема што се наметнува сега е дали и македонските политичари сиве овие години дијагностицирале и препознале какви било разлики меѓу македонските национални интереси и оние на ЕУ или, пак, се воделе исклучиво од директивите на Брисел, верувајќи дека европските интереси не се во колизија со македонските.
Во разговор со поранешни дипломати, аналитичари, претставници на невладиниот сектор, општиот впечаток што се добива е дека сите оние досега што управувале со државата многу повеќе воделе сметка да им излезат во пресрет на меѓународните претставници отколку што се грижеле за зачувување на националните интереси.
– Со години постоеше една слепа послушност кон Брисел и Вашингтон, дека сѐ што тие ни кажуваат е најдобро за нас и дека тоа го гарантира нашиот напредок. Тоа го правеа затоа што тоа беше нивен интерес, да ја прошират својата сфера на влијание и врз овие простори. Од друга страна, за задоволување на тој нивен интерес ние плативме и продолжуваме да плаќаме исклучително висока цена. Можеби нашите политичари во одреден момент препознале дека дел од нашите државни интереси се спротивни со оние на ЕУ и НАТО, но немајќи што друго да им понудат на сопствените граѓани, со години им ја продаваа приказната дека ЕУ ќе нѐ храни, а НАТО ќе нѐ брани само за да останат на власт. А цената за останување на власт беше да се задоволуваат исклучиво странските интереси. Затоа се најдовме во контрадикторна ситуација, од една страна наш национален интерес да биде членство во НАТО, од друга страна да го загрозиме највредното, да го жртвуваме вековното име на државата. Сега истото тоа ни се случува и со ЕУ. Наш национален интерес е достоинствено и со зачуван идентитет, јазик и историја да бидеме рамноправен дел од ЕУ, а интерес на Унијата е да ги задоволи барањата на една своја членка, која бара да се откажеме од идентитетот, јазикот и историјата – велат соговорниците.
Ќе престане ли пазарот со националните чувства, белези, интереси…?
Според нив, ако немало разлики во македонските национални интереси и оние на ЕУ, тогаш се наметнува прашањето зошто Македонија не е дел од Унијата.
– Ако постоеле разлики во интересите само со две земји членки на ЕУ, со Грција и со Бугарија, тогаш генерално не говориме за разлики со Европа, туку за билатерални прашања што требало да ги решаваме со тие земји, независно од ЕУ. Не може билатерален проблем да се претвора во мултилатерален и во него да се вклучува цела ЕУ само затоа што две земји членки имаат некои свои стари неостварени интереси и сега ги користат Унијата и НАТО за да ги остварат – посочуваат соговорниците.
Понатаму тие додаваат уште и дека ако се изземат условувањата на Грција и на Бугарија, тогаш постои стоотстотна усогласеност на македонско-европските интереси.
– Ако името не е пречка, ако идентитетот, јазикот и историјата не се проблем, тогаш сите преостанати европски интереси се и македонски интереси, како борба со корупцијата, владеење на правото, заеднички европски пазар, поврзана инфраструктура и слично. Тука нема никакви разлики – наведуваат соговорниците.
Она што за нив е најсимптоматично, тоа е дали нашите политичари воопшто ги лоцирале различностите во интересите и што направиле да ги надминат разликите, но и да ги хармонизираат сличностите.
– Од она што досега го видовме изминатите седум години, изгледа дека нашите политичари не лоцирале ништо. Се закотвија во удобните фотелји и не направија ништо за интересите на државата, туку, напротив, целосно ги ставија на пазар, а во меѓувреме си тераа бизниси. Не знам која друга земја во светот би преговарала за името, за идентитетот, за јазикот, за историјата? Тоа е нонсенс, така што очигледно ништо не препознале од она што е важно за нашиот народ. Затоа и народот го кажа своето мислење, дека сака на чело на државата да има одговорни луѓе што националните интереси ќе ги стават пред сите други. Не може странски држави да ни ги диктираат политиките, мора ние да покажеме карактер, дека сме способни да си ги браниме сопствените интереси. Србија оцени дека во нејзин интерес е да одржува врски со Русија, но истовремено и со ЕУ, и го прави тоа. И што се случи, освен вербални укори, таа повторно е лидер на Балканот, ја посетуваат највисоките европски челници, а кај нас доаѓаат само за да побараат да се откажеме од нешто оти нѐ научиле дека не ги браниме и не се бориме за националните интереси. Франција и Италија оценија дека во нивен интерес е да одржуваат економски врски со Кина, и го прават тоа, иако ставот на Брисел е „да се намали зависноста од Кина“. Значи, сега има нови власти и клучно е да не ги продолжуваат политиките од претходно. Точно е, наша стратегиска цел е ЕУ, но и наш стратегиски интерес е да си ги зачуваме државата, идентитетот, јазикот, историјата и културата, а во исто време внатрешно да ја средиме и да ја направиме попристојно место за живеење. Ако со тие наши интереси Европа нема проблем, тогаш немаме ниту ние со другите европски интереси. Усогласени сме во надворешната политика, во законодавството, во енергетскиот сектор, работиме и на поголема економска соработка, така што тоа се заедничките интереси кон кои треба заеднички да се стремиме и да работиме – заклучуваат соговорниците.