Достоинствено одбележување на Богојавление-Водици
Со пригодни црковни свечености на територијата на целата земја вчера беше одбележан големиот христијански празник Богојавление-Водици, вековна традиција, која по минатогодишниот прекин поради пандемијата, годинава повторно продолжи.
Централните манифестации, како по обичај, и годинава се одржаа во Охрид и во Скопје, каде што се собраа голем број верници за да ја проследат церемонијата на осветување на македонските води. Празникот Богојавление се одбележува уште од вториот век. На овој ден, според христијанското предание, свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан.
Годинава честа прв да дојде до крстот во водите на Охридско Езеро ја имаше Мартин Гоџоски од охридската населба Варош.
– Речиси десет години скокам во езерото за да го фатам крстот. Голема желба ми беше да го фатам, еве тоа се исполни. Чувството е прекрасно, мислам дека тоа ќе ми донесе многу среќа и благосостојба во фамилијата. За да стигнеш до чесниот крст мора да постиш, да си внесен во верата и да ги почитуваш правилата на црквата – порача Гоџоски.
На манифестацијата во Охрид присуствуваа повеќе илјади граѓани од градот, но и од другите делови на земјата.
Во Скопје, пак, годинава поради пандемијата бројот на учесници што влегоа во водите на реката Вардар беше ограничен на околу 30, а по претходен договор меѓу капачите, немаше традиционално скокање по крстот, туку сите заедно, прегрнати го дочекаа положувањето на крстот. Светиот крст водите го донесоа до рацете на Игор Јакимовски, кој беше дел од групата што влезе во студените води на Вардар.
– Јас ја имав таа чест да дојде во моите раце, тие ме испочитуваа како буквално јас да сум го фатил, но тоа е наш заеднички крст и покажавме една сплотеност во овие, како да ги кажам, тешки времиња – изјави Јакимовски, притоа изразувајќи надеж дека пред нас ќе биде безгрижна година во која работите ќе почнат да се враќаат во нормала.
Претходно групата верници што се пријави за манифестацијата најави дека без оглед кој ќе го фати крстот, тој ќе биде заеднички успех.
– Единство, братство, сплотеност. Крстот ќе биде со сите нас, ние ќе го вратиме во црква и се одрекуваме од сите материјални награди. Оваа година имаме повеќе среќници, а не еден среќник – порачаа верниците што беа во водите на Вардар кога архиепископот г.г. Стефан го положи светиот крст во водата.
Слични манифестации на осветување на водите се одржаа и во Струга, Прилеп, Куманово, Кавадарци, Крива Паланка, Кичево, Гостивар, Тетово, Велес и во другите македонски градови и населени места.
Според верувањето, оној што ќе го фати светиот крст ќе го следи благослов и среќа во текот на целата година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со спуштањето на крстот во водите се осветуваат и стануваат лековити.
Честитки до верниците по повод големиот христијански празник Богојавление-Водици упатија целиот државен врв и претставници на политичките партии.