Министерот за надворешни работи Бујар Османи ги демантираше тврдењата дека досегашниот директор на протокол на МНР наскоро заминува за Москва, истовремено потврдувајќи дека амбасадорската функција му била доверено на почетокот на годинава. Османи уверува дека оставката на директорот на протокол е од морални причини, како и дека не е поврзана со испраќањето на амбасадор во Русија, за што се прават дополнителни проценки.

Во однос на наводите во соопштението на Македонскиот дипломатски синдикат дека „директорот на протоколот во МНР за една недела треба да замине како амбасадор во една голема земја“, Османи потврди дека станува збор за Русија.

– Ние требаше да пратиме амбасадор во Москва на почетокот на годината. Тој ги помина сите процедури, но тогаш се случи агресијата врз Украина и решивме да го спуштиме нивото на дипломатски односи со Русија и да не пратиме амбасадор. Бидејќи амбасадорот беше без должност, го назначив за директор на протокол и ја извршуваше таа задача досега. Дента кога се случи тој инцидент, иако немаше никаква директна одговорност, ми се јави и рече дека бара да биде разрешен од позицијата поради морална одговорност – кажа Османи на прес-конференција по средбата со неговиот казахстански колега Мухтар Тлеуберди.

Македонскиот дипломатски синдикат денеска преку соопштение обвини дека објаснувањето на Османи за оставката на директорот на протокол не е веродостојно, бидејќи амбасадорската функција, односно билетите на Москва му биле обезбедени уште пред гафот за време на неодамнешната средба на Османи со шефицата на словенечката димпломатија Тања Фајон во Скопје.

– Во оваа држава има демократија, меѓутоа морам да објаснам дека тоа е лажна вест. За жал тоа е еден човек од синдикатот, а не целиот синдикат, бидејќи тука има два синдиката и ние соработуваме на дневна основа – потенцира Османи.

Османи синоќа информираше за одлуката на директорот на протокол да отстапи од позицијата и додаде дека тој ја прифатил оставката. Гафот се случи пред десетина дена кога наместо словенечко, во кабинетот на Османи во МНР, за време на неговата средба со словенечката министерка беше поставено знамето на Словачка.

Шефот на дипломатија потенцира дека одлуката за тоа дали и кога Македонија ќе прати амбасадор во Москва ќе биде политичка во зависност од тоа дали ќе процениме дека како претседавачи со ОБСЕ, ќе треба да имаме комуникација и со Руската Федерација.