Фото: Влада

Можноста Северна Македонија да претседава во 2023 година со ОБСЕ е признание на успесите на државата која ги постигна своите стратешки цели преку нејзин уникатен модел на развој, во тежок регионален контекст. Тоа е обврска, но и привилегија која ќе ја покаже нашата вистинска слика пред светот, кои сме кои се нашите вредности – мир, стабилност, владеење на право, демократија и тоа преку дијалог и компромис, порача министерот за надворешни работи Бујар Османи на настанот „Северна Македонија и ОБСЕ: 30 години партнерство“.

Според него, не случајно поминала толку лесно нашата кандидатура со консензус од 57 земји учеснички на министерскиот совет во Тирана, и тоа дошло како признание на успесите на државата.

– Северна Македонија е држава која ги постигна своите стратешки цели и еден уникетен модел на развој на државата и во тоа во тежок регионален контекст, во тешко соседство, во комплицирана внатрешна композиција. Таа денеска е уникатен модел на функционална мултиетничка демократија, пример за култура на компромис за помирување со соседите, земја која има витална демократија и може тоа свое искуство и капацитет со претседавањето да го пренес на оваа важна платформа на ОБСЕ чија суштина и длабока цел е да го обезбеди и зачува мирот – рече министерот Османи.

Според него, ова е една општа општествена државна обврска која, како што потенцира, не само што е важна обврска во важно време, туку и привилегија која ќе ја покаже нашата вистинска слика пред светот, кои сме, кои се нашите вредности.

-Тие секогаш биле мир, стабилност, владеење на право, демократија и тоа преку дијалог и компромис, што и е суштината на ОБСЕ. Северна Македонија е парадигма на тие вредности и во едно најтешко време ни се дава таа можност да претседаваме. Јас сум сигурен дека со заеднички напори ќе оставиме наследство дека Организацијата е важна и кредибилна и ќе може да влијае на конкретни човечки судбини бидејќи ОБСЕ е е за луѓето и тоа ќе биде нашиот фокус – истакна Османи.

Тој вели дека за успехот на државата говори фактот што од консуматор на безбедносни услуги на оваа Организација во 1992 година, неможност веднаш да стане членка и двегодишен статус на набљудувач, денес има привилегија и признание да претседава со најголемата безбедносна регионална организација и да придонесува во европската безбедност, во, како што нагласи, период кога европската безбедносна архитектура е целосно разрушена и светот се соочува со агресија на една земја членка, над друга земја членка.