По повод 30 години од независноста на Македонија, францускиот сенатор Роберт Бадинтер, доби признание од земјава. Признанието му го врачи шефот на дипломатијата Бујар Османи, кој заедно со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, го посетија во неговиот дом во Париз.

– Ми беше особена чест и задоволство да го посетам сенаторот Роберт Бадинтер, во неговиот дом во Париз и да му го врачам признанието по повод 30-годишнината од независноста на Република Северна Македонија. Сенаторот Бадинтер придонесе во два клучни момента од историјата на Северна Македонија, и тоа во периодот на осамостојувањето и меѓународното признавање на земјата, тогаш во улогата на претседател на Арбитражната комисија на Мировната конференција за Југославија и во 2001 година, со заложбите за уставните измени и воспоставување стабилност и мултиетнички соживот во државата – напиша на Фејсбук министерот Османи.

Со овој чин, како што посочи Османи, му оддаваме симболично признание за оставениот белег во консолидација на нашата самостојност, поддршката и помошта во заокружување на евро-атлантската перспектива, како и зацврстувањето на мултиетничката, мултикултурна и мултиконфесионална кохезија на нашата држава и општество, пренесе МИА.

– Во една прилика, сенаторот Бадинтер за Северна Македонија ќе каже „иднината на ова земја се разбира е во рамките на Европската Унија. Знам дека патот е тежок. Но затоа ќе се послужам со девизата на големиот ред на Језуитите, чие учење не сум го следел – Пер аспера, ад астра! (преку трње до ѕвездите) – напиша Османи.


Османи и Маричиќ на средба со Клеман Бон: Македонија и Албанија треба да ги почнат преговорите без одложувања

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи, Бујар Османи денеска за време на работната посета на Париз остварија средба со Клеман Бон, државен секретар за европски прашања во Министерството за Европа и надворешни работи на Франција, објави МИА.

Во фокус на разговорите, како што соопшти МНР, беше европското досие на Македонија, во светло на актуелното француско претседателство со Советот на Европската Унија и во таа насока за потенцијалите на ова претседателство за напредок во нашите европски интеграции. Соговорниците се согласија дека Македонија и Албанија треба да ги почнуваат преговорите за членство во Унијата, без одложувања.

Соговорниците исто така разменија мислења и за сетот на реформи, неопходни за реализација на европската агенда, со посебен акцент на клучните области како што е владеењето на правото, борбата против корупција и организираниот криминал, а во согласност со новата Методологија за проширување на ЕУ, иницирана од Франција.

За време на разговорот беа добиени јасни и недвосмислени пораки за поддршка од страна на Франција, пораки за нашата подготвеност за почеток на преговорите, како и за улогата на Франција во овој процес.

Османи и Маричиќ информираа и за создадената нова политичка клима меѓу двете нови влади вo Македонија и Бугарија, која покажува една нова енергија, нова иницијатива во нашите меѓусебни односи, што говори и за сериозноста и посветеноста на двете земји за да се постигне напредок.

Имајќи ја во предвид евидентната посветеност на Франција кон Западниот Балкан и европска иднина на овој регион, стана збор и за најавата за одржување Конференција за Западен Балкан во јуни, за време на француското претседателство со ЕУ, а меѓу другото, беа најавени и политики на инвестирање, со цел економска интеграција на земјите на Регионот и потврдување на европската перспектива на Регионот.

На средба соговорниците разговараа и за билатералните односи меѓу Македонија и Франција, а се зборуваше и за актуелните предизвици на целиот континент, со посебен фокус кон состојбите во и околу Украина – за кои како НАТО сојузници беше изразен заеднички став дека треба да бидат вложени сите напори за дипломатско надминување на предизвиците.

Во рамки на посетата на Париз, Османи и Маричиќ се сретнаа и со Изабел Думон, дипломатскиот советник за Континентална Европа и Турција на Претседателот на Франција, Емануел Макрон, а се сретнаа и со сенаторот Роберт Бадинтер, при што од страна на министерот Османи му беше врачено признанието по повод 30 годишнината од независноста на Македонија.

Од утре, Османи и Маричиќ ќе се придружат на владината делегација во Брисел каде што ќе имаат средби со највисоките претставници на ЕУ и НАТО институциите.