- Низ симболиката на ослободувањето може да се насети патот по кој треба да врви модерната македонска држава, да се оттргне од чувството на помала вредност и самата да ги креира решенијата што ќе значат подобар живот на граѓаните и посилна позиција на државата
- Факт е дека светот сега е мултиполарен, има повеќе опции, повеќе играчи на светската сцена. Гледаме дека дури и државите во рамките на ЕУ си го избираат својот пат и склучуваат договори што ним ќе им донесат интерес. Значи едно е паневропската идеја, но настрана секој си гледа сам за себе. Тоа го прави Франција, го прават и Германија, Италија и Шпанија бидејќи се свесни дека повеќе нема еден центар на моќ. Така е и со Македонија. Настрана нашите евроинтеграции, кои се обременети со уцени, ние треба да постигнеме внатрешна катарза и да го допреме моментот на ослободување од сите наметнати стеги, дека мора да направиме уште еден чекор, дека мора да го промениме Уставот, дека не смееме да се грижиме за нашите малцинства во соседството, дека мораме да почитуваме договори што другата страна не ги почитува и слично. Напротив, ние мора да се ослободиме од сето она што го разбива нашето внатрешно единство. Затоа мора да направиме нешто околу кое ќе се обединиме, а тоа е да изградиме силна држава во која секој ќе си го најде своето место
Точно 81 година се навршуваат денеска откако партизанските одреди успеаја да го ослободат Скопје, започнувајќи ја стихијата што доведе до ослободување на другите градови и воопшто на целата територија на Македонија.
Без оглед што крајот на војната веќе се наѕираше, фашистичките сили и натаму беа силни во однос на лесно вооружените партизански единици, но сепак желбата за ослободување беше посилна од сѐ и на крајот резултираше со создавање македонска држава.
Сето тоа беше израз на волјата на македонскиот народ и на сите други што живееја на оваа територија, да не бидат ничии поданици, туку сами да ја градат сопствената иднина, во мир, заедништво, благосостојба и просперитет, без некому да му полагаат сметки или, пак, да исполнуваат туѓи барања.
Токму низ таа симболика на ослободување може да се насети патот по кој треба да врви модерната македонска држава, да се оттргне од чувството на помала вредност и самата да ги креира решенијата што ќе значат подобар живот на граѓаните и посилна позиција на државата.
Македонија веќе не витка ’рбет, туку сама да го избира сопствениот пат
Во разговор со повеќе историчари, професори, политичари, но и граѓани, заеднички беше констатирано дека на оваа земја ѝ треба поголема самодоверба, односно ослободување од матрицата на помала вредност, од постојаното чувство дека треба да исполнуваме некакви услови, да му угодуваме некому, со други зборови, постојано да се приспособуваме на туѓите желби.
– Во чинот на ослободувањето на Скопје има една огромна симболика бидејќи послабиот го победил посилниот. Го победил затоа што копнеел по слобода, сакал да биде свој на своето, внел сопствен автентичен пристап базиран на храброст, верба, славно историско наследство и го постигнал она што на прв поглед се чинело невозможно. Таа енергија ни е потребна денеска во општеството наместо апатијата и понизниот однос дека мора да слушаме и да исполнуваме што некој друг ни кажува. Не мора ништо да слушаме, сме создале сопствена автентична држава и треба да градиме сопствени автентични политики што се од наша полза, а не од полза на некој друг. Сме поставиле стратешки цели, но нивното остварување треба да зависи исклучиво од нас и од нашата способност постојано да се подобруваме, а не од барањата од страна да ги менуваме Уставот, името, знамето, законите само колку да му се додвориме некому. Тоа не е сувереност, тоа е полтронство и, за жал, последните години тоа полтронство нѐ доведе во ситуација да ја загубиме нашата суштина, односно целата идеја зошто отсекогаш мечтаеме да имаме сопствена македонска држава – велат соговорниците.
Според нив, Македонија мора да престане да биде држава што некого моли, туку да стане држава што сама го избира сопствениот пат.
– Факт е дека светот сега е мултиполарен, има повеќе опции, повеќе играчи на светската сцена. Гледаме дека дури и државите во рамките на ЕУ си го избираат својот пат и склучуваат договори што ним ќе им донесат интерес. Значи едно е паневропската идеја, но настрана секој си гледа сам за себе. Тоа го прави Франција, го прават и Германија, Италија и Шпанија бидејќи се свесни дека повеќе нема еден центар на моќ. Така е и со Македонија. Настрана нашите евроинтеграции, кои се обременети со уцени, ние треба да постигнеме внатрешна катарза и да го допреме моментот на ослободување од сите наметнати стеги, дека мора да направиме уште еден чекор, дека мора да го промениме Уставот, дека не смееме да се грижиме за нашите малцинства во соседството, дека мораме да почитуваме договори што другата страна не ги почитува и слично. Напротив, ние мора да се ослободиме од сето она што го разбива нашето внатрешно единство. Затоа мора да направиме нешто околу кое ќе се обединиме, а тоа е да изградиме силна држава во која секој ќе си го најде своето место. Ние треба да ја избираме нашата иднина, а не некој друг што случајно се нашол на функција во Брисел, Вашингтон или во некој друг голем центар, што по четири години ќе ја напушти и потоа ќе ни кажува дека не требало никого да слушаме, туку да си го тераме сопствениот пат – појаснуваат соговорниците.
Да почнеме да веруваме во себе, оти само така ќе нѐ биде
Понатаму се осврнуваат и на она што „Нова Македонија“ во своите писанија веќе подолго време го актуализира, дека освен накај Брисел, треба да се гледа и пошироката слика во светот.
– Дури и самиот Брисел не гледа кон себе кога се во прашање интереси. Кога дел од земјите членки на ЕУ побараа дел од замрзнатите руски средства да се искористат за купување оружје за Украина, се спротивстави Белгија, свесна дека таа ќе ја плати цената ако утре се соочи со тужба. Бугарија за еден месец ќе остане без гориво поради американските санкции, но од друга страна унгарскиот премиер Орбан отиде во САД и издејствува едногодишно одложување на снабдувањето со руски енергенти. Македонија веќе има правно-формална рамка за соработка со САД, односно стратешко партнерство, така што треба да ја интензивира соработката во сите можни сфери, вклучително и околу експлоатацијата на ретките минерали. Со Британија постигнавме сличен договор во делот на инфраструктурата, а нашата дипломатија треба да погледне и кон земјите што не се дел од ЕУ, а со кои може да имаме плодна соработка. Тука е Норвешка, тука е Исланд, но тука се и блискоисточните земји. Посебно треба да се развиваат односи и со Кина, со која и САД постигнуваат сериозни трговски договори. Зарем и во САД сега има кинеско влијание? Мора да се ослободиме од таа прагма дека ако бараме партнери надвор од ЕУ, всушност застрануваме од европскиот пат. Нема европски пат ако тој е попречен со постојани уцени и условувања. Нам ни треба ослободување од тие предрасуди. Да, наша стратешка цел е членството во ЕУ, но ние ги избираме Копенхашките критериуми на тој пат, ништо повеќе, ништо помалку. И имаме право и слобода да избираме и секакви други патишта што на овој народ и оваа држава ќе им донесат просперитет, почит и можности. Додека ја чекаме ЕУ, младите ни се иселија, државата ни се преплави со бугарски пасоши, а Европа упорно исполнува билатерални желби. Не, еднаш се ослободивме пред 81 година од сличните поданички стеги, ќе се ослободиме и сега. Потребна е нова стратегија на надворешна политика во која земјава ќе биде активен субјект, ќе се штитат македонските интереси, ќе се инсистира на инвестиции, на инфраструктурни поврзувања, ќе се градат партнерства врз рамноправна основа, а не врз политички ултиматуми. Кога ќе изградиме таква силна држава, без корупција, во која владеењето на правото ќе биде на прво место, каде што ќе има квалитетно образование и здравство, каде што граѓаните ќе уживаат во здрава животна средина, каде што патиштата ќе бидат безбедни, каде што економијата ќе генерира нови и нови работни места, тогаш никој нема да поставува услови, сите ќе сакаат соработка. Потребен ни е поглед ширум отворен, не поглед закован во една врата што три децении стои заклучена. ЕУ можеше да биде дом на вредностите што ги посакувавме, но со ваквите одлуки, таа стана дом на двојни аршини. Затоа да се ослободиме од подаништвото и да почнеме да веруваме во себе, само така ќе нѐ биде – заклучуваат повеќето соговорници.


































