Постојаните забелешки дека сите овие предизвици се наметнати од некакви глобални процеси однадвор нема да ги решат проблемите. Затоа би било мудро во овој момент и власта и опозицијата да најдат сили, во интерес на сите граѓани и државата, да подготват заеднички настап со прагматични (аполитичко-партиски) чекори, во насока за излез од оваа светска безбедносна, економска и енергетска криза. Да се усвои една практична излезна стратегија, државата да има што помала штета, а граѓаните да не ја плаќаат цената за непревенираните состојби

Македонија во наредниов период ќе се соочи со голем број сложени предизвици

Повеќе од извесно е дека Македонија во периодот што следува ќе биде исправена пред голем број предизвици за кои ќе мора да изнајде прагматични решенија ако сака да покаже дека има државотворен капацитет, во спротивно ризикува да се соочи со процеси што само дополнително ќе ја зголемуваат апатијата во македонското општество и ќе влечат надолу.
Постојаните забелешки дека сите овие предизвици се наметнати од некакви глобални процеси однадвор нема да ги решат проблемите. Затоа би било мудро во овој момент и власта и опозицијата да најдат сили, во интерес на сите граѓани и државата, да подготват заеднички настап со прагматични (аполитичко-партиски) чекори, во насока за излез од оваа светска безбедносна, економска и енергетска криза. Да се усвои една практична излезна стратегија, државата да има што помала штета, а граѓаните да не ја плаќаат цената за непревенираните состојби.
Сигналите што доаѓаат од сите страни јасно покажуваат дека Македонија би можела да се соочи со внатрешна политичка криза, со повторно разгорување на етничките агенди, со проблеми во меѓународната политика, со тешка зима ако навреме не се обезбедат енергенти, но и со социјални протести и потенцијално нова здравствена криза од есен.

Потенцијалните предизвици и искушенијата што нѐ чекаат

По релативно мирниот период на македонската политичка сцена и изминувањето на 100-те дена од работењето на новата влада на премиерот Димитар Ковачевски, опозицијата повторно го актуализира барањето за предвремени избори, најавувајќи дека ако кај власта нема подготвеност за разговор за предвремено одмерување на силите на парламентарни избори, тие од 10 мај ќе почнат да ја блокираат работата на Собранието. Повеќе од јасно е дека нова ваква блокада ќе ја втурне земјата во длабока политичка криза, бидејќи парламентот нема да може да носи закони што во вакви турбулентни времиња можат да бидат исклучително важни. Тоа се потврди за време на пандемијата, кога поради блокираното Собрание не можеше да се изгласа кризна состојба, ниту, пак, пакети помош за граѓаните. Несомнено, тоа ќе доведе до нови партиски пазарења, лидерски средби, инаетења, подметнувања и секакви други политички сплеткарења, само за да се оцрни политичкиот опонент. Во сето ова интересот на граѓаните и на државата го нема никаде, а блокадата ќе значи вовед во нова политичка криза и загубено драгоцено време.
Втор предизвик со кој државата мора итно да се соочи е повторното разгорување на етничките агенди. Без оглед колку некој да го релативизира подигањето на спомен-кулата во Слупчане, сепак, зад тоа стои сериозна внатрешна провокација, која е закана за меѓуетничките односи, кои барем во последно време како малку да се релаксираа. Навраќањето на настани од пред повеќе од 20 години, наместо градење заедничка иднина, говори дека во државата сè уште има сили што се обидуваат да ја покриваат со споменици личната неспособност да испорачаат резултати до граѓаните, непотребно создавајќи експлозивна атмосфера, која може лесно да излезе од контрола. А некои центри однадвор како и да го посакуваат тоа.
Тринеделниот штрајк на просветните работници, како и најавите за други штрајкови, покажуваат дека државата во овој период ќе мора да се справи и со бранот социјално незадоволство, кое сè повеќе расте. Толеранцијата на граѓаните има своја граница, па тие почнуваат да бараат од надлежните да испорачуваат резултати, односно да работат на обезбедување пристоен живот за сите. Галопирачкиот раст на цените на храната и на енергентите го направија своето, па оние средства што пред половина година биле доволни да се помине месецот, сега не се доволни ниту за половина месец. Новите задолжувања на државата кај ММФ нема да го решат овој проблем, туку ќе купат само привремен социјален мир, но од друга страна на долгорочен план уште повеќе ќе ја задолжат државата, а долговите ќе треба да ги исплаќаат идните генерации.

Македонија е исправена и пред сериозен предизвик во надворешната политика, особено сега во јуни, кога ќе биде познато дали земјава ќе го добие фамозниот датум за почеток на пристапните преговори со ЕУ или, пак, ќе се соочи со ново бугарско вето. Повеќе од јасно е дека нова бугарска блокада ќе значи крај на целиот евроентузијазам тука, оставајќи ја државата без перспектива што понатаму. При евентуално ново бугарско вето, јасно е дека преговорите со Софија, најверојатно, ќе бидат ставени во мирување на подолг рок, што само ќе придонесе за уште поголемо заладување на односите меѓу двата народа, без оглед што во последно време има иницијативи од голем број интелектуалци од двете земји за еден поинаков пристап на соработка. Со блокирани евроинтеграции, Македонија ќе се соочи со сериозни предизвици во надворешната политика и затоа треба конечно да се смени наративот дека нема алтернатива или некаков план Б. Таа алтернатива или план Б може да биде и Европската економска заедница, проширен „Отворен Балкан“ со Словенија, Хрватска, БиХ, Црна Гора, Косово, Грција, Бугарија, Романија и Турција во него, па и некакви форми на соработка со Евроазиската унија и со Арапската лига, се разбира, за проекти што се во интерес на Македонија и на нејзините граѓани.
Ако навреме се анализираат состојбите, тогаш на властите во земјава треба нешто да им говорат информациите за новите рестрикции и затворања во Кина поради ширење на коронавирусот, што е само повторување на сценариото од 2020 година.
Епидемиологот Драган Даниловски неодамна ги повика здравствените власти уште сега да почнат да ги екипираат болниците со здравствен кадар и да се подготвуваат за нов бран на вирусот од есен, кој, според него, иако веројатно ќе стане ендемски вирус, сепак, ќе биде поопасен од грипот. Новите варијанти на вирусот што се појавуваат во Кина, Јужна Африка, како и во САД треба да бидат доволен аларм за државата навреме да се подготви за наесен, да се набават потребните лекови, вакцини, медицинска опрема и слично, за да не се најдеме повторно во ситуација на неподготвеност.
Еден од најголемите предизвици на кои исто треба веќе да се работи е обезбедувањето енергенти во пресрет на следната зима. Пристапот до руски гас и нафта повеќе е невозможен, со оглед на европските санкции поради руската инвазија врз Украина, така што Македонија мора да размислува на алтернативно снабдување. Тоа мора да се реши брзо, бидејќи без обезбедени енергенти ќе трпи и економијата, што уште повеќе ќе се одрази врз животниот стандард на граѓаните, но и на цените воопшто.

Мудрост, прагматичност и синергија во изнаоѓање решенија

Секој од овие предизвици со кои Македонија се соочува оваа пролет може уште повеќе да се продлабочи и да ја втурне државата во длабока криза, во еден вид одење по жар, па затоа решенијата треба заеднички да се бараат бидејќи не е време за политички поентирања ако залогот е иднината на земјата.
– Мислам дека е многу важно на отворен и реален начин да создадеме заеднички национален наратив околу идните планови. Да не се залажуваме дека курсот можеме да го смениме, но да не се залажуваме ни дека предизвиците се едноставни, ниту, пак, дека деус екс махина некој ќе ги реши проблемите наместо нас. Единствен пресек што генерира некаква агенда за напредок, а притоа не застранува во геостратегиски или политички авантури, е да се свртиме кон реформи дома. Само така нема да губиме време, а ќе имаме придобивки што се видливи и овозможуваат сврзувачко ткиво за иднината на нашето општество – е ставот на политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
Според него, неопходно да се размислува за некаква концентрација на политичка енергија, опции за поширока експертска или концентрациона влада, или друг вид политички консензус, кој ќе се наметне како потреба во наредниот период.
– Ако не успееме да оформиме таква енергија за продолжување на овој курс, тогаш поддршката за сегашните политики воопшто ќе продолжи да се намалува, а енергијата ќе отиде или кај радикални опции, или во летаргија. Доказ за тоа е растечкиот број на анархистички расположени гласачи и паралелно растот на бројот на апстиненти. Овие промени кај гласачкото тело се индикатор дека без стабилизација на политичкиот курс во ова време на криза, ќе бидеме сведоци на политички промени, кои се закануваат да го доведат под прашање вкупниот курс на нашето општество – заклучува Арсовски.