Францускиот предлог е уцена и целосно фијаско на Ковачевски поради што треба да си даде оставка веднаш, велат утрово од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение. Од партијата коментираат дека како што паднала бугарската влада, така треба да падне и владата на Ковачевски во Македонија.
– Францускиот предлог од тоа што беше пренесено во медиумите е целосно фијаско и остварување на сите бугарски барања без било какви гаранции за Македонија. Наместо да молчи Ковачевски треба веднаш да излезе и да го отфрли предлогот кој беше презентиран од медиумите. Зошто молк и дали молкот значи согласност на СДСМ и Ковачевски со капитулацијата која и се спрема на Македонија. Дали СДСМ ќе прифати тивка бугаризација или целосно отфрлање на Македонија од процесот на евроинтеграции? СДСМ прави идентитетски удар врз постоењето на народот, државата и идентитетот. Францускиот предлог е уцена и целосно фијаско на Ковачевски поради што треба да си даде оставка веднаш – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Деновиве се потврди уште една лага на ВМРО-ДПМНЕ, асимилација и бугаризација на Македонците немаат никаква врска со реалноста, тоа е очајнички обид на Христијан Мицкоски за заплашување на граѓаните, велат од СДСМ преку соопштение.
Според владејачката партија, ВМРО-ДПМНЕ користи опасни манипулации и тези со кои ги поткопува нашите „загарантирани позиции за зачувување на јазикот и индентитетот во преговорите со Бугарија“.
– Нивната желба е по секоја цена да ги деградираат граѓаните со цел политички да профитираат. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ директно ја подржаа резолуцијата на ЕПП со која се бранат позициите на Бугарија и се директно на штета на нашите граѓани, додека дома глумат патриоти. Лагите и лицемерието на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ немаат крај – велат од СДСМ преку соопштение.