Можниот економски колапс на Германија, колку и да звучи неверојатно дека може да ѝ се случи, би можел да претставува застрашувачки удар за македонската економија. На Република Македонија ѝ се потребни и ЕУ како европска економска заедница и Германија како стабилна и економски перспективна држава, бидејќи сето тоа ќе придонесе за економски раст на Македонија до ниво на динамика со која за неколку десетици години би фатила приклучок со европскиот просек. Затоа не е добро ако се влоши економската ситуација во Германија до степен на длабока криза, а да не зборуваме и за можен економски колапс
Европа се соочува со повеќеслојна криза, енергетска, економска, индустриска… Како и колку е тоа предизвик за нас?
Водечки светски и економски експерти во своите анализи, опишувајќи ги актуелните економски резултати и трендови, кои ги искажуваат во медиумите и во јавноста, сѐ повеќе говорат дека Европа доживува длабока криза по повеќе основи, па дури и дека може да доживее и акутен колапс!
Осврнувајќи се на „анатомијата на падот на Европа“, уште минатата година (на 9 мај 2024 година) Ноел ван Хулст во своја сериозна и длабока анализа издвои многу загрижувачки факти, заклучувајќи дека „Европа се соочува со тројна криза: климатска криза, енергетска криза и индустриска криза“. Тој притоа посебно посочи на опасностите од деиндустријализацијата на европскиот континент.
Уште позагрижувачки заклучоци изнесува во својата анализа економскиот аналитичар Метју Карничниг на 19 декември 2024 година во краткиот пресек од своето истражување, објавено во реномираниот „Политико“, кој истакнува дека „на ЕУ и на Европа веќе сега им се случува не економски колапс, туку – економска апокалипса!“
Деиндустријализација на Европа
Ноел ван Хулст пишува дека Европа се соочува со тројна криза: климатска криза, енергетска криза и индустриска криза.
– Индустриската криза е потценета, но мора да се има предвид дека е во тек деиндустријализација на Европа. Војната во Украина предизвика експлозија на цените на енергијата во Европа, кои сега се намалија. Сепак, трошоците за енергија за европската индустрија остануваат значително повисоки отколку пред 2022 година и се два-три пати повисоки отколку во САД или Кина. Енергетски интензивните индустрии, како што се хемиската, металниот комплекс, односно челичната индустрија, како и за алуминиумот, одговорија со намалување на производството и со привремени прекини на производството. Продолжувањето на производството по намалувањето на цените на енергијата досега беше делумно, во најдобар случај. Во некои случаи веќе има трајни исклучувања и преселби на технологијата и индустријата подалеку од Европа во региони со пониски нивоа на трошоци за енергија. Ова имплицира дека деиндустријализацијата во Европа веќе се случува. Креаторите на политиките во земји како Германија и Франција се многу загрижени за овој нов тренд и се обидуваат да смислат политички одговори. Клучното прашање сега е каков ќе биде сеопфатниот европски политички одговор на економската криза – наведува Хулс во својата економска анализа.
„Совршена бура“ во текот на 2025 година?!
„На Европа ѝ истекува времето!“, анализира Метју Карничниг во својата статија, во која тој изнесува констатација дека „на Европа веќе ѝ се случува поправо економска апокалипса“. Натаму, тој се обидува да даде аргументи при што од своите анализи извлекува заклучоци и предупредувања.
– Економијата на континентот е во сè подлабок колапс, во темелот врз кој почива нејзиниот просперитет не само што се случуваат пукнатини туку е во опасност и да се распадне. Економските странични ветрови што се шират низ континентот се закануваат да се претворат во „совршена бура“ во текот на 2025 година. Европските метрополи, кои веќе се борат да ги ограничат зголемените дефицити во услови на намалување на даночните приходи, ќе се соочат со уште поголеми финансиски тешкотии. Тоа би можело да предизвика дополнителни политички и социјални превирања. Она што го прави овој момент толку опасен за економскиот просперитет на европскиот континент е поврзано со најголемата непријатна вистина: ЕУ стана пустина за иновации – пишува Карничниг.
Предизвиците што го исцрпуваат европскиот економски потенцијал
Погоре споменатиот економски аналитичар се задржува одделно на некогаш водечката европска економија – Германија и посочува дека „кризата во автомобилскиот свет во Германија е само врвот на ледениот брег, додека таа се бори да се справи со мноштво други комплицирани предизвици што го исцрпуваат нејзиниот економски потенцијал“.
За недостигот од евтина енергија многу детално е пишувано, но за тоа е виновна политиката на европските либерални елити, вклучувајќи ги и доскорашните германски. Според аналитичарите, „Германците си пукаа во едното колено откажувајќи се од енергетските ресурси од Русија, а во другото колено си пукаа откажувајќи се од базичната домашна енергија, како што е нуклеарната, па и јагленот“. Но сега постои уште еден дополнителен проблем, кој исто така се продлабочува.
– Уште еден голем проблем на германската економија е недостигот од висококвалификувани работници. Многумина во земјата се надеваа дека големиот прилив на бегалци, кој Германија го доживеа во последниве години, ќе го намали тој притисок. Проблемот е што малкумина од бегалците имаат образование и вештини за да ги прифатат врвните инженерски работни места и другите технички позиции што германските компании треба да ги пополнат. Германските индустриски компании отпуштаат работници, со забрзано темпо. Компании како „Фолксваген“, „Форд“ и производителот на челик „Тисен Круп“ најавуваат отпуштања на десетици илјади работници. Соочени со едни од највисоките трошоци за енергија во светот, скапа работна сила и ригидна регулатива… многу големи германски компании едноставно се селат во други региони. Речиси 40 отсто од германските индустриски компании размислуваат за таков потег, според неодамнешната анкета на ДИХК, односно организацијата на т.н. „Деловно лоби“. Вероника Грим, членка на Германскиот совет на економски експерти, непартиски панел од водечки економисти што ја советува германската влада, тврди дека единствениот начин земјата да го врати својот пад е да спроведе фундаментални структурни реформи за да ги поттикне инвестициите“ – нагласува Карничниг.
Проблем е и прекумерната зависност од програмите за зелена трансформација
– Планот за повторно вооружување на Европа, вреден над 800 милијарди долари, би можел да доведе до економски колапс, бидејќи европските држави веќе бележат презадолженост и тие мораат да пристапат кон намалување на трошоците, а не да ја отфрлаат стратегијата за кратење на трошоците и за штедење – изјави во март 2025 година изјави за агенцијата „Анадолу“ Хасан Алкаш, поранешен виш економист во Европската комисија (ЕК).
Алкаш беше категоричен дека „во сегашните околности ЕУ не е во позиција да ја спаси својата економија, ниту да ја поддржува Украина“.
Алкаш посочи дека економските предизвици на Европа произлегуваат од прекумерната зависност од програмите за зелена трансформација.
– Особено Германија – движечката сила зад ЕУ – веќе подолго време се сопнува, се третира како ‘болниот пациент на Европа’, а во моментов е на интензивна нега – дополни овој економски експерт.
Исто така и Кенет Рогоф се задржува на состојбата во германската економија. Рогоф, врвен американски економски експерт, поранешен главен економист на Меѓународниот монетарен фонд и сегашен професор по јавна политика и економија на универзитетот „Харвард“, во својата анализа со наслов „Европската економија успорува“ од 28 ноември 2024 година ќе заклучи: „Германија, како и Франција, во уште една година искажува речиси нула проценти економски пораст. За да стекне повторно динамизам и флексибилност, германската економија ќе мора да спроведе далекосежни структурни реформи“.
Македонија да обрне внимание за да превенира економски негативен импакт
Можниот економски колапс на Германија, колку и да звучи неверојатно дека би можел да ѝ се случи, би можел да претставува застрашувачки удар за македонската економија. На Република Македонија ѝ се потребни и ЕУ како европска економска заедница и Германија како стабилна и економски перспективна држава, бидејќи сето тоа ќе го повлече и економскиот раст на Македонија. Затоа не е добро ако се влоши економската ситуација во Германија до степен на длабока криза, а да не зборуваме и за можен економски колапс. Германската и македонската политика имаат свои разлики, но во економијата има значителни блиски релации меѓу двете држави, што е од суштинско значење за Македонија. Можниот економски колапс на целата европска економија секако би можел да предизвика сериозни предизвици и проблеми на македонската економија. Оваа можна опасност, на која зачестено предупредуваат врвните експерти, ќе мора да се земе предвид од страна на политичарите и „кројачите“ на економските политики во Македонија.
Најнови прогнози за германската економија на Германскиот економски институт
Германската економија ќе се намали за дополнителни 0,2 проценти, што ќе ја доведе оваа земја во нов циклус на рецесија. Ова го покажуваат најновите проекции на Германскиот економски институт. Покрај тоа, институтот анализира дека „Германија е страшно погодена од трговската војна предизвикана од царините на американската влада; глобалната неизвесност ги обесхрабрува инвеститорите да инвестираат, што исто така придонесува за економскиот пад, што предизвикува пад на побарувачката и купувањето нови машини и возила; високите оперативни трошоци во Германија дополнително ја комплицираат ситуацијата“… Така, Германија, со бруто-домашен производ што се намалил за 0,2 проценти во 2024 година, останува во рецесија. Перспективите за индустрискиот и градежниот сектор во Германија остануваат – мрачни. Се очекува дека индустриските компании ќе генерираат помала вредност оваа 2025 година, по падот од 3 проценти минатата година. Високите цени на енергијата, инфлацијата и габаритните административни постапки, поврзани со бизнисот, дополнително ја задушуваат германската економија.
Свето Тоевски