Фото: „Нова Македонија“

Долга е листата на подеми и падови на македонската дипломатија, но, според упатените, листата на лоши дипломатски, па и катастрофални одлуки, каква што беше признавањето на Тајван, е многу подолга. Последната кабинетска одлука за коспонзорство за резолуцијата за Сребреница ги разбранува не само домашните туку и регионалните духови, но никој не направил анализа за евентуалните реперкусии

МАКЕДОНСКАТА ДИПЛОМАТИЈА БЕЗ СТРАТЕГИЈА ЗА ОДБРАНА НА НАЦИОНАЛНИТЕ И ДРЖАВНИТЕ ИНТЕРЕСИ

Кога Македонија во 1991 година храбро, достоинствено и со референдумски печат, кој не може никој да го избрише, се осамостои од југословенската федерација, имаше еден голем хендикеп – пред да се случи тоа Европската заедница усвои директиви со кои се предвиде сите новонастанати држави да мораат поединечно да бараат членство во меѓународни организации. Па така, Македонија, која беше правен наследник на Југославија, не доби членство во ООН по таа основа. Низ тој процес поминаа сите држави од Источниот блок, некои полесно, некои потешко, а Македонија најтешко. Името Република Македонија не го помина филтерот на светската организација, а, за жал, младата македонска дипломатија не најде дипломатски алатки да го реши тој проблем, па се задоволи со прием под референцата „поранешна југословенска Република Македонија“.
И од тука почнува историјата на подемите и падовите на македонската независна дипломатија, која требаше да се потпре главно на сопствени кадри што лебот го печеа и го печалеа во рамките на југословенската дипломатска школа. Некои решија трпеливо да чекаат да видат да не случајно Југославија се повампири, па си седеа во Белград, па откако не се случи тоа, ѝ се предадоа во служба на македонската дипломатија.

ТОЛКУ ЗНАЕВМЕ?!

На новинарско прашање до еден искусен дипломат, кој беше вклучен во процесот на барање членство во ОН, зошто се прифати членство со референцата, тој искрено одговорил: „Толку знаевме“.
Овој искрен одговор ја отвора дилемата што сѐ уште трае – дали Министерството за надворешни работи (МНР), претседателот на државата и Собранието, кои се задолжени за водење на надворешната политика, како и за креирање политики, имале и имаат стратегија за тие области и надлежности. Дали навистина ги бранеле и ги одбраниле националните и државните интереси? И што нѐ чека во иднина во време кога се црта новиот светски поредок?
– Како кој министер доаѓаше, така ја водеше дипломатијата. Да не речам секој измислуваше топла вода – вели еден поранешен кариерен дипломат, кој инсистираше на анонимност поради изборниот молк.
Тој додава дека министерството никогаш не го достигнало потребното организациско ниво, а, за жал, партиите го растуриле и тоа што макотрпно се создавало, при што истакнува дека во моментов „МНР е максимално партизирано и етницизирано, место каде што се вработени кадри што не можат воопшто да одговорат на дипломатските предизвици“.
– МНР е целосно партизирано, нема дипломатска академија, не постои сектор за креирање политики. Нема во државата ни независни институти што би се занимавале со такви прашања и би нуделе анализи, одговори и решенија што би ги барало МНР – вели за „Нова Македонија“ професорот Јован Донев, поранешен амбасадор во Лондон.

Македонија имала најдобра меѓународна позиција кога цврсто се држела до меѓународното право!

Искусни дипломати велат дека Македонија имала најдобра меѓународна позиција кога цврсто се држела до меѓународното право и истакнуваат оти тој е рецептот за успешна одбрана на националните интереси.
– Да го земеме примерот со стратегиското партнерство со САД, кое е градено на чуден начин. Ние решивме да ги поддржиме САД во нивното изземање од надлежноста на Меѓународниот кривичен суд, за што добивме многу негативни пораки од ЕУ. Па ни се случи „случајот Ел Масри“, за кој повторно поради тоа стратегиско партнерство добивме пенали од Брисел и од Стразбур, каде што го изгубивме случајот. Затоа секогаш кога се носат чувствителни одлуки, мора да се имаат првин предвид сопствените национални интереси – истакнува дипломатот.
Македонската дипломатија заспа или доцна се разбуди и за време на конфликтот во 2001 година, па резултатите од таквата неподготвеност се видливи и денес.

СЛОБОДЕН ДИПЛОМАТСКИ ПАД БЕЗ ПАДОБРАН И ТРЕСНУВАЊЕ ВО ПРЕСПА

А дека кога се држиме до меѓународното право добиваме, а не губиме, потврда се случаите со грчкото економско ембарго што беше наметнато во 1994 година и траеше 18 месеци и кога земјата претрпе загуби од над две милијарди долари, кога победивме, а добивме и огромна меѓународна поддршка. Секако тука е и случајот што исто така го добивме против Атина пред Меѓународниот суд на правдата, кој на 5 декември 2011 година донесе чиста и обврзувачка пресуда во корист на Македонија. Како дипломатска победа се смета и претседавањето со Комитетот на министрите на Советот на Европа, и тоа што поранешниот македонски министер за надворешни работи, Срѓан Керим, беше претседател на 62. Генерално собрание на ООН.
Но се чини дипломатскиот слободен пад без падобран се случува откако МНР не успеа или не сакаше да ја ефектуира пресудата на Судот во Хаг, а потоа за време на министерувањето на Никола Димитров одбраната на уставното име исчезна од приоритетите на македонската дипломатија. За кусо време ни се случи и Преспанската спогодба, со која се погреба историското и уставно име на Македонија. Со таа спогодба се отвори Пандорината кутија, па следуваше уште еден асиметричен и лош договор за Македонија, а тоа е билатералниот Договор за добрососедство со Бугарија, со што е регистриран уште еден дипломатски пораз. Дали ова одење надолу има крај?

ИМА ЛИ АНАЛИЗИ ЗА ПОСЛЕДИЦИТЕ ОД РЕЗОЛУЦИЈАТА ЗА СРЕБРЕНИЦА?

Долга е листата на дипломатски промашувања, но едно од најголемите промашување поради кое Македонија сериозно излета од меѓународниот колосек е кога во 1998 година реши да воспостави дипломатски односи со непостојната држава – Тајван. Тоа ги налути Кинезите, по што ја откажаа поддршката во Советот за безбедност за предупредувачката мировна мисија УНПРЕДЕП, која имаше цел косовскиот конфликт да не се прелее во Македонија.
Можеби и од причини што се носеле вакви кабинетски одлуки, без сериозни консултации и анализи, на водечкиот дипломатски кадар, при што главно се мисли на кабинетот на МНР, му било најсоодветно да применува политика на „како ќе реши Брисел, така и ние ќе го следиме и применуваме тоа“. Проблем е што не секогаш интересите на Брисел се и наши интереси, а тоа налага да се има вештини и автентична надворешна политика.
Бидејќи веќе нема криење на дипломатските гафови и промашувања под црвени протоколарни теписи, прашањето е што ќе ни донесе сегашната поддршка на предлог-резолуцијата за геноцидот во Сребреница, за кој се вели дека Македонија е коспонзор.
– Никој не зборува за реперкусии од тоа. Станува збор за артангрубизација на надворешната политика. А што се случува со предлогот за коспонзорство на резолуцијата? Се изјасни ли Владата? – прашува поранешниот амбасадор Љупчо Арсовски и вели дека имаме случај, по угледот на Лончар – Керим, предлагачот да се претставува како да е граѓанин на светот, како да не е од Македонија. Н.Р.


Косовизација што води кон изолација и демонтажа на МНР

Аналитичари и поединци добро запознаени со состојбите во МНР велат дека чашата не само што е прелеана туку може и да се скрши со таканареченото коспонзорство на државата за резолуцијата за Сребреница. Тие сметаат дека станува збор за одлука што не е донесена на ниво на МНР, претседател и Собрание, не се анализирани реперкусиите од тоа.
Упатените предупредуваат дека владее атмосфера на „косовизирање“ на дипломатскиот апаратус, при што се фаворизираат односите со Приштина и со Албанија, а можат посериозно да ни се влошат односите со Србија.
– Имам впечаток дека министерот врши консултации само со ДУИ, при што целта е да им се парира на Албин Курти и Еди Рама. Притоа не се согледуваат реперкусиите, како на пример за намерата да излеземе од иницијативата Отворен Балкан, која почнува да дава резултати. Но Отворен Балкан е сериозна конструкција, таа се заснова на билатерални и трилатерални договори и не можете толку едноставно да излезете – вели за „Нова Македонија“ Јован Донев.
Поранешниот амбасадор Зоран Дабиќ неодамна рече дека МНР е во процес на демонтажа, а кабинетот на министерот е претворен во „феудална кула“ затворен за поголемиот број вработени дипломати, а комуникацијата се одвива само преку одредени личности. Тој потсетува дека 18 врвни кадри, некои и со дипломи од „Харвард“ не биле примени на конкурс за вработување, што јасно говори за курсот во која насока оди МНР.
Дека МНР е во процес на демонтажа, според Дабиќ, говорат и низа индикатори веќе подолго време, како да е отсечена и да не е во функција македонската мисија при ООН во Њујорк, каде што амбасадор е Љубомир Фрчкоски, а тука таа работа ја врши специјално одделение во МНР?! Тоа, пак, што се случува во МНР, каде што и платите се не само скромни туку и мизерни, се одразува и врз работата и екипираноста на дипломатско-конзуларната мрежа.