За жал, стана практика последните неколку години македонските политичари повеќе да водат сметка да не ги повредат чувствата на соседите отколку чувствата на сопствените граѓани, па затоа сè почесто го премолчуваат и она што сите други јавно го говорат, дека Бугарија и Грција не ги почитуваат малцинските права
Специјализирано тело при Обединетите нации (ОН) отворено ја повика Бугарија да им ги гарантира малцинските права на Македонците
Дводневен настан на високо ниво се одржува во седиштето на ОН во Женева, на кој се расправа токму за малцинските права и почитувањето на Универзалната декларација за човекови права, што е одлична можност Македонија да ги изнесе сопствените позиции во врска со правата на македонското малцинство во соседните земји.
Настанот на високо ниво се случува во момент кога Комитетот за елиминација на расна дискриминација при Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации излезе со најновиот извештај за човековите права, во кој во делот за Бугарија препорача оваа земја да ги разгледа сите можни средства за гарантирање на човековите права на припадниците на малцинските етнички заедници, вклучувајќи ги македонската и помачката етничка група, и да ги имплементира релевантните пресуди на Европскиот суд за човекови права, кои се однесуваат на правото на слобода на изразување и слобода на здружување.
Кога тело на ОН ќе испрати ваква порака, тогаш апсурдно е министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој учествува на настанот во Женева, да говори поинаку од она што го препорачува Комитетот за човекови права при ОН, туку како прв дипломат, тој треба секогаш и на секое место да инсистира за целосно исполнување на точките што се содржани во Универзалната декларација за човекови права, без оглед дали станува збор за Бугарија, за Грција, за Албанија, за Косово, земји со кои Македонија граничи и во кои има значително македонско малцинство, кое е предмет на постојани притисоци и негирања. Поаѓајќи од грижата за македонското малцинство во соседните земји, Османи може да зборува за почитувањето на правата на малцинствата и во сите други земји, користејќи го македонскиот пример за тоа како постојано се надградуваат малцинските права.
Но реалноста говори за еден поинаков пристап од страна на македонските власти. Имено, Македонија цела година беше претседавач со ОБСЕ и тоа беше одлична можност, не директно, туку преку разни дипломатски канали меѓу земјите членки на организацијата да се артикулира прашањето за малцинските права на македонското население во Бугарија, Грција, Албанија и во Косово, но министерот Османи, кој беше во функција на претседавач со ОБСЕ, едноставно заборави на тоа. Сепак, не заборави брзо да реагира и на своја рака да изготви мировен план кога се случи оружен инцидент на северот на Косово.
За жал, стана практика последните неколку години македонските политичари повеќе да водат сметка да не ги повредат чувствата на соседите отколку чувствата на сопствените граѓани, па затоа сè почесто го премолчуваат и она што сите други јавно го говорат, дека Бугарија и Грција не ги почитуваат малцинските права.
Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор Ивица Боцевски смета дека не очекува министерот Османи да се одважи и да почне да зборува за правата на македонското малцинство, без оглед што и ОН го нотираа тоа.
– За жал, тоа нема да се случи. Актуелната влада избра една ирационална и неразбирлива политика да ја злоупотребува меѓународната заедница за пресметка со опозицијата и со граѓанството, а тие изнесуваат јасни и легитимни забелешки. Предлогот Ковачевски – Петков е јасно кршење на словото и духот на едногласно усвоената резолуција во македонското собрание – вели Боцевски.
Според него, подобра стратегија на македонското МНР ќе беше секаде и секогаш да се изнесуваа македонските позиции во однос на правата на македонското малцинство во соседните земји.
– Многу подобра стратегија на власта, а особено на министерот Османи, ќе беше да се користи секоја можна шанса за изнесување на македонските позиции, но тие не го прават тоа, со што ја умртвуваат македонската дипломатија и го задушуваат македонскиот глас во меѓународните односи – истакнува Боцевски.
И дипломатот во пензија Драган Јањатов смета дека најновиот извештај на Комитетот за елиминација на расна дискриминација при Канцеларијата за човекови права на ОН му дава целосно право на министерот Османи да проговори за проблемите на македонското малцинство во соседна Бугарија, без да биде посочен како виновник дека тој ја иницирал оваа тема.
– Тој извештај на Комитетот за човекови права на ОН треба да се искористи. Тоа е добар шлагворт за да се почне нешто, да се проговори секаде каде што има можност за такво нешто. Несомнено министерот треба да ги искористи извештајот и препораките на телото на ОН за да ги афирмира македонските ставови околу грижата за македонското малцинство – посочува Јањатов.
Неговото мислење е дека моментот за ваквиот извештај не е случаен и дека е можно сето ова да има некаква заднина.
– Мислам дека ова не е случајно. Ова е првпат некоја меѓународна институција да се огласи по тој повод. Имаше пресуда на Судот за човекови права, имаше жалби, имаше повеќе реакции од претставници на здруженијата на Македонците од Бугарија отколку од нашата земја. Ова е индикативно и лично мислам дека се создава алиби за тоа ако не се усвојат уставните измени, да се обврзе Бугарија дека ќе им ги гарантира правата на Македонците таму, за да можат тие да влезат во Уставот тука. Затоа сум на мислење дека тоа не се прави случајно. Досега ниту една меѓународна институција не се огласила по тој повод, а од кога кај нас се зборува дека Бугарија не ги почитува малцинските права. Веројатно, меѓународната заедница сака да направи некоја рамнотежа што ќе помогне полесно да се направат уставните измени – заклучува Јањатов, уште еднаш подвлекувајќи дека министерот Османи мора да го искористи извештајот на ОН за да алармира за состојбата со правата на македонското малцинство, како во Бугарија така и во другите соседни земји.