Фото: „Нова Македонија“

Од средината на 1900-тите, глобалното население следи стрмна нагорна траекторија. Периодот што го обележи значително зголемување на раѓањата беше демографскиот феномен бебибум, кога бројот на жители на Земјата достигна 2,5 милијарди. Помалку од сто години подоцна има осум милијарди луѓе на планетата, а тој број сè уште се зголемува. Процените велат дека до 2050 година бројот на жители треба да биде 9,7 милијарди

Краток осврт на трендовите на светската демографија

Најновите проекции на Обединетите нации сугерираат дека глобалното население би можело да порасне на околу 8,5 милијарди во 2030 година, 9,7 милијарди во 2050 година и 10,4 милијарди во 2100 година. И ова се сосема веројатни податоци. Има дури две земји што имаат по милијарда жители и сѐ уште се во тесна трка за првото место. Од друга страна, има земји, меѓу кои и нашата, кои мака мачат со сè помал број жители, а процените на Обединетите нации немаат позитивни прогнози за нив. Откриваме како изгледа графиката со најновите процени.

Нерамномерна распределба на населението

Од средината на 1900-тите, глобалното население следи стрмна нагорна траекторија. Периодот што го обележи значително зголемување на раѓањата беше демографскиот феномен бебибум, кога бројот на жители на Земјата достигна 2,5 милијарди. Помалку од сто години подоцна, има осум милијарди луѓе на планетата, а тој број сè уште се зголемува. Процените велат дека до 2050 година бројот на жители треба да биде 9,7 милијарди.
Сепак, населението не е рамномерно распределено. Кина има повеќе од милијарда луѓе со години, а таа бројка беше толку критична што тие дури воведоа политика за планирање на семејството за да се намали стапката на раст на населението.
Обединетите нации објавија процена дека месецов Индија треба да ја престигне Кина во однос на населението и да стане најнаселена земја во светот. Додека Кина стратегиски го планира демографскиот развој, Индија никогаш немала стратегиско планирање на семејството.
Трендовите на населението првенствено се обликувани од стапките на фертилитет во земјата (просечниот број на раѓања по жена во текот на нејзиниот живот) и смртноста (вкупниот број на смртни случаи секоја година). Меѓутоа, други фактори, како меѓународната миграција, ја одредуваат промената на населението на една земја со текот на времето.
Организациите како што е Одделот за население на ОН се потпираат на различни извори на податоци, како што се пописи, анкети и податоци за раѓање и смрт за да ги пресметаат процените за населението.
Се наведува дека до 2040 година се очекува 28 отсто од населението во Кина да има над 60 години, а за Индија се тврди дека населението е релативно младо – половина од населението има под 30 години, а само една осмина има над 60 години.
Иако голем дел од овој раст е концентриран во Кина и во Индија, истражувачите очекуваат следниот бран на раст да се случи во Африка. На пример, од 2019 година просечната жена во Нигерија има повеќе од шест деца во својот живот
Овој драматичен раст главно е поттикнат од зголемувањето на бројот на луѓе што ја преживеале репродуктивната возраст, постепеното зголемување на животниот век на човекот, зголемената урбанизација и забрзаната миграција. Големите промени во стапката на плодност го придружуваат овој раст. ОН велат дека овие трендови ќе имаат далекосежни импликации за генерациите што доаѓаа.

Земји со намалување на населението

На спротивниот крај на овој спектар се голем број земји што се чини дека се „смалуваат“ од гледна точка на населението. Топ 10 земји според падот на населението се Бугарија со пад од 22,5 проценти, Литванија со 22,1 проценти, Летонија 21,6 процент, Украина 19,5 проценти, Србија 18,9 проценти, Босна и Херцеговина 18,2 проценти, Хрватска 18 проценти, Молдавија 16,7, Јапонија 16,3 проценти и Албанија 15,8 проценти.
Оваа листа ги рангира земјите според стапката на опаѓање на населението, врз основа на проектираната стапка на промена помеѓу 2020 и 2050 година, користејќи податоци од Обединетите нации.
Повеќето од овие земји се наоѓаат во Источна Европа или во нејзина близина. На оваа листа само Јапонија е од друг континент.

Кои се причините за ваквите бројки?

Првото прашање е стапката на наталитет, која, според институтот за меѓународна економија „Петерсон“ (ПИИЕ), е намалена по распадот на Советскиот Сојуз. Во целиот регион, просечниот број на деца по жена падна од 2,1 во 1988 година на 1,2 до 1998 година.
Стапката на наталитет оттогаш малку закрепна, но не доволно за да се надоместат смртноста и емиграцијата, што се однесува на граѓаните што ја напуштаат својата земја за да живеат на друго место.
Источна Европа доживеа неколку брана на емиграција по проширувањето на границите на Европската Унија во 2004 и 2007 година. ПИИЕ известува дека до 2016 година, 6,3 милиони Источноевропејци живееле во други земји на ЕУ.
Населението на 61 земја или област во светот се очекува да се намали до 2050 година, од кои 26 земји би можеле да доживеат намалување од најмалку десет проценти. Се очекува дека неколку земји ќе доживеат пад на населението за повеќе од 15 проценти до 2050 година, вклучувајќи ги горенаведените земји.
Плодноста во сите европски земји сега е под нивото потребно за целосна замена на популацијата на долг рок (околу 2,1 деца по жена), а во повеќето случаи плодноста е под нивото на замена веќе неколку децении.
Нашата земја спаѓа во категоријата земји со катастрофални бројки, а процените покажуваат дека тие земји се соочуваат со драматичен пад на населението. Ако продолжат сегашните трендови, за помалку од 50 години во земјата ќе живеат нешто повеќе од еден и пол милион луѓе, се наведува во анализата објавена од Фондот за население на ОН (УНФПА).