Трајко Бошкоски – Тарцан и Мице Козар-Андре

Она што го направија македонските партизани на тој 11 октомври 1941 година одекнува во вечноста. Нападот на бугарската полициска станица во Прилеп, како и нападот на затворот во кој се наоѓале повеќемина политички затвореници и македонски дејци, го означи народното востание на македонскиот народ. Овој чин во македонската национална меморија останува запаметен како почетокот на востанието на македонскиот народ против бугарската фашистичка окупација, а наедно и борба против фашизмот како идеологија, за конечно ослободување на Македонците и создавање македонска држава

Нека ни е честит и долговечен 11 Октомври – Денот на народното востание на македонскиот народ

На почетокот да направиме потсетување на неколку историски факти од настани на тој октомвриски ден кога беше посеано уште едно слободарско семе да ’рти и расте во македонската историја и да биде негувано за вечноста!
Имено, нападот врз Прилеп бил извршен од прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“. Формирањето на овој одред се карактеризира со повеќе фази. Првите никулци на одредот се пројавиле во јули 1941 година. Во овој месец во Прилеп преминале илегално борците: Мирче Ацев, Кузман Јосифоски,-Питу, Борка Талески и Трајко Бошкоски-Тарцан. Втората фаза од формирањето на одредот е пројавувањето на првите партизани на Селечка Планина на врвот Бидимаш, на 19 септември 1941 година, по наредба на македонскиот воен штаб. Од ова партизанско јадро произлегол прилепскиот партизански одред, имено Македонскиот воен штаб одлучил во што пократок можен рок да cе извлечат сите илегалци што биле во Прилеп, бидејќи постоела опасност да бидат разоткриени и уапсени, особено оние што учествувале во оружената акција кај тунелот Гостиражни.

На врвот Бидимаш се собрале следниве партизани: Киро Крстески-Платник, Лазо Филиповски-Лавски, Јоска Орданоски-Сандански, Трајко Бошкоски-Тарцан, Ѓоре Велкоски-Стрелката, Илија Игески-Цветан, Борка Велески-Горанов, a по два дена ќе им ce приклучиле: Благоја Бошкоски-Дабиќот, Перо Стојаноски, Стеван Саздоски-Кременски, и Минда Камчески, вкупно 11 борци партизани. Тука се задржале до 22 септември 1941 година, a потоа cе префрлиле во регионот што гравитирал кон планината Мукос. На овој простор борците биле сместени во логорот Круталот, во близината на манастирот „Св. Димитрија“. Тука била формирана партизанска чета, а било избрано и раководство во состав: Киро Крстески-Платник, Трајко Бошкоски-Тарцан, Лазо Филиповски-Лавски и Јоска Орданоски, Стеван Базеркоски-Лански.
Во логорот биле спроведени воена обука и подготовка за герилско војување против бугарскиот фашистички окупатор. На овој простор партизанската чета има задача да создаде и логори за престој на борците од прилепскиот партизански одред. Притоа како локации била избрана Дуова Вода, во близината на манастирот „Св. Димитриј“, како и Кадин Камен.
Последната фаза од формирањето на прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“ е одлуката за почеток на оруженото востание на македонскиот народ на 11 октомври 1941 година. Во Прилеп од страна на Македонскиот воен штаб (МВШ) и Месниот комитет на Комунистичката партија (МК на КП) било одлучено да cе извршат сите подготовки и борците да cе упатат во месноста Црвени Стени, во близината на Маркови Кули. Всушност ова е место за појдовен напад на градот на 11 октомври 1941 година.
Клучна улога за формирање на прилепскиот партизански одред има состанокот на МК и МВШ во куќата на Марко Ристески-Стариот, одржан на 9 октомври 1941 година, а на состанокот во куќата на Борко Темелкоски-Лилјакот биле изработени и конкретни планови за напад на градот Прилеп.

Пред почетокот на вооружената акција на зборното место Црвени Стени cе собрале 36 борци: Борка Талески-Модерното, Трајко Бошкоски-Тарцан, Крсте Црвенкоски-Октомвриски, Мице Козар-Андре, Мице Димески, Коле Чашуле, Пецо Крстески –Даскалот, Благоја Спиркоски, Орде Чопела, Димо Наредникот, Душан Наумоски, Аспарух Јосифоски, Киро Базеркоски, Милан Димоски-Коки, Венда Темелкоска, Драган Спиркоски-Максо, Благоја Јаничо, Гeрa Јаничо, Никола Попоски, Благоја Попоски, Благоја Корубин, Борка Петрески, Киро Ќосески, Душан Ристески, Оцка Михајлоски, Пецо Стојаноски, Павлина Пирганоска, Даница Оровчанец, Димчен Димоски-Екија, Орде Кабецот, Волче Научески, Гиго Менкароски-Менкар, Трајко Конески, Данче Стојчески, Bace Крстеска, Ило Попадинец и Методија Пишманоски.
На Црвени Стени партизаните биле распоредени во борбени групи за напад на Прилеп на 11 октомври 1941 година во 22 часот. Но, конечниот распоред бил направен пред тргнувањето за напад, а бил направен од Борка Талески и Трајко Бошкоски-Тарцанот.
Со првите истрели што беа испукани од припадниците на прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“ ноќта на 11 октомври 1941 година, при нападот на бугарската полициска станица и затворот започна востанието на македонскиот народ, чијашто борба беше крунисана по три години во „Прохор Пчињски“.

По извршениот напад, одредот cе повлекол на зборното место на Бидимаш, a оттука се префрлил во Мукос Планина во логорот Кадин Камен, каде што официјално го добил името „Гоце Делчев“. Прилепскиот партизански одред извршил повеќе борбени задачи. Една од поголемите борбени задачи било одржувањето на митингот во селото Царевиќ. Оваа акција била изведена со голем успех, затоа што се создала слободна територија каде што се извршило судење на непријателските окупаторски власти во селото и за првпат била запеана песната „A бре, Македонче“.
Прилепскиот партизански одред борбено постоел до крајот на ноември, односно почетокот на декември, кога по одлука на ПК на КПЈ за Македонија бил расформиран, a борците биле испратени на партиска работа во другите краеви на Македонија, a некои останале да дејствуваат во Прилеп и Прилепско. Д.Ст.


Борка Талески-Црниот

Борка Талески, познат и како Црниот или Модерното, останува запаметен како македонски револуционер, партизан, борец во НОБ и македонски народен херој. Талески е непосреден организатор на нападот на градот Прилеп на 11 октомври 1941 година, кога всушност започнува востанието на македонскиот народ за слобода и сопствена држава.
Во 1940 година се одржала големата Илинденска демонстрација во Прилеп, по масовниот излет на Шаторов Камен. Борка Талески бил првиот говорник пред насобраната толпа народ во Прилеп. Пред народот зборувал за независноста и самобитноста на македонскиот народ и Македонија, a особено имал познавања од илинденскиот период. Поради овој настан Борка бил уапсен од властите. Тој бил држен во затворот на Ада Циганлија во Белград, а потоа во логорот Ивањица. Тој бил затворен неколку месеци. По ослободувањето, Борка се вратил во Прилеп во својство на член на Месниот комитет на Комунистичката партија. Во меѓувреме, Борка бил секогаш во центарот на вниманието на полициските служби.
Од 9 до 19 октомври Борка бил меѓу партизаните по планините околу Прилеп, во период кога е извршен нападот на Прилеп на 11 октомври 1941 година. Во 1942 година повторни оперирал во Прилеп, за подоцна да го пратат во Кавадарци. Во Кавадарци станал близок со Лазо Лавски, со кого имал развиена меѓусебна почит и разбирање.
Талески заедно со Лазо Лавски оперирале според плановите на организацијата. На 2 март 1942 година, околу 15 часот, движејќи се од Кавадарци кон Прилеп, во месноста Чашка, во близината на селото Плетвар, по претходно предавство, Борка Талески и Лазо Филипов-Лавски паѓаат во заседа подготвена од бугарската полиција.