Според податоците на невладината организација „Фронт 21/42“, добиени по пат на жалби и тужби до Општина Охрид, само во општината Охрид има над 19.900 дивоградби, од тоа над 2.000 се во рамките на националниот парк Галичица, 420 згради за домување се дивоградби, 37 кампа, над 20 индивидуални хотели и 13 хотелски комплекси
СТАТУСОТ НА ОХРИД ВО УНЕСКО КАКО ПОВОД
Статусот светско наследство на УНЕСКО е најпрестижната титула што едно подрачје или локалитет може да ја добие. За едно место да биде прогласено за светско наследство се подготвува опсежна документација, која треба да ги докаже неговата исклучителна вредност и важност за човештвото денес и во иднина. Едновремено, УНЕСКО проценува дали државата воспоставила систем за заштита и може да гарантира трајно зачувување на интегритетот и автентичноста на доброто како главни атрибути на исклучителната универзална вредност. Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во 1979 година го впиша Охридско Езеро на листата на природни наследства, а една година подоцна Охридскиот Регион е впишан како природно и културно наследство, односно како мешано добро.
Денес, повеќе од 40 години подоцна, на нашиот бисер му се заканува губење на титулата, поради бескрупулозното градење и уништување на Охрид и езерото. За среќа, титулата не ја изгубивме, но, ако сакаме да ја зачуваме, УНЕСКО со последниот извештај и препораки ни даде многу домашни задачи што ќе ги сработиме за да покажеме дека сме подготвени и достојни на титулата. Меѓу задачите што треба да ги завршиме, секако, е справување со дивоградбите и нивното уривање.
ВЛАДАТА ПРЕСЕЧЕ – ЌЕ СЕ СПРОВЕДУВААТ ПРЕПОРАКИТЕ НА УНЕСКО
Со години еден од главните проблеми е токму урбанистичкиот хаос на градот Охрид и неговото крајбрежје, но тоа сепак не беше доволна причина за решавање на урбанистичкото безредие, туку напротив, невладините организации укажуваа на нови дивоградби што се градат прекуноќ.
Владата овој пат е децидна. Таа им даде низа задачи и задолженија на ресорните институции за преземање мерки и решавање на овој горлив проблем, а особено за Охридскиот Регион да го задржи статусот на заштитено подрачје.
Деветнаесетте препораки од УНЕСКО и лани, но и годинава, чекаа реализација, а меѓу нив беше воспоставување мораториум на каква било крајбрежна и урбана трансформација додека не се усвојат релевантна и ефикасна законска заштита, изработка на регистар на дивоградби, одлуки за уривање дивоградби, затворање на илегалните депонии и решавање на проблемот со отпадот.
Во согласност со препораките, а во рамките на нивната реализација, Министерството за животна средина и просторно планирање ќе треба да го задолжи Хидробиолошкиот завод – Охрид да изработи приоритетна листа на клучни живеалишта од национално и европско значење и листа на статус на видови на загрозени приоритетни видови риби, безрбетници и алги во Охридско Езеро.
Министерството за транспорт и врски, во соработка со Капетанијата на пристаништата – Охрид, треба да формира работна група за изработка на анализа на пловила во Охридско Езеро со пресметка и на капацитетот на носивост на пловила во Охридско Езеро.
Задолженија има и за Министерството за култура, кое во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, Управата за животна средина и Управата за заштита на културното наследство треба да изработи нацрт-верзија на предлогот на законот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион.
Да се заштити старото градско јадро
Управата за заштита на културното наследство треба да достави насоки до Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, со што ќе ги ограничи можностите за изградба на нови објекти, надградби и доградби во старото градско јадро на Охрид, имајќи предвид дека членот 59-ѕ од Законот за градење не е правна основа за доградби, надградби и реконструкции во старото градско јадро на Охрид.
Министерството за транспорт и врски, како и општините Охрид, Струга и Дебрца, имаат задолженија во прецизирани рокови, да започнат со отстранување на бесправно изградените објекти за кои се издадени правосилни решенија и се обезбедени средства за нивно отстранување.
Од Владата информираат дека Министерството за транспорт и врски е задолжено, а на општините Охрид, Струга и Дебрца им е укажано да ги достават сите урбанистичко-плански документации до Комисијата за управување со светското природно и културно наследство на мислење, уште во фаза на предлог опфат, поточно пред тие да бидат усвоени од општинската комисија за урбанизам и инкорпорирани во годишната програма.
ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ПЕЦАКОВ: ДА СЕ ДОНЕСАТ УРБАНИСТИЧКИ ПЛАНОВИ, ПА ДА СЕ УРИВА!
И покрај барањето за уривање на дивоградбите, градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, истакна за „Дојче веле“ дека додека не се донесат урбанистичките планови таму каде што ги нема и не заврши процесот на легализација почнат според важечките закони, не може да се одлучи што, кога и колку дивоградби ќе се уриваат.
– Дури тогаш ќе може да се постапи и отстрани сето она што нарушува одредено заштитено подрачје или крајбрежна зона или национален парк – вели Пецаков.
Но, целата постапка се врти во круг оти Министерството за транспорт со години бара од општините да достават комплетна листа на дивоградби, а тие пак од државата бараат урбанистички планови за да може да се види кои од спорните објекти ќе може да се вклопат во нив, а кои ќе треба да се уриваат.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска деновиве порача дека препораките за заштита на Охридскиот Регион не се лесни и нивното реализирање бара целосно внимание.
– За да постигнеме успех во тоа, неопходно е секој да го преземе својот дел од обврските – и централната власт и локалната самоуправа, и установите и граѓаните. Од нашата соработка ќе зависи имплементацијата на посочените мерки за рехабилитација на регионот. Обврските се точно адресирани – потенцира министерката на прес-конференција по враќањето од Ријад, каде што на 45. сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, Охридскиот Регион го задржа статусот на светско наследство.
ОХРИД ИМА НАД 19 ИЛЈАДИ ДИВОГРАДБИ
Но невладините организации сметаат дека не се преземаат доволно мерки за заштита на Охридскиот Регион. Тие бараат и каналот Студенчишта веднаш да биде ставен под привремена заштита до моментот кога ќе биде приклучен или во Споменикот на природата – Охридско Езеро или во Паркот на природата – Студенчишко Блато, но и поригорозно да се контролира што се гради и колку се почитуваат издадените мислења и дозволи.
– Пополека се губи дел од охридската историја, од архитектонското наследство. Често и самите институции даваат дозволи за ‘реконструкција’ или изградба на нов објект на некоја локација со поголем обем од оригиналниот. Тоа е можеби најпоразителниот момент – реагираат охридските еколошки здруженија.
Според податоците на „Фронт 21/42“, добиени по пат на жалби и тужби до Општина Охрид, само во општината Охрид има над 19.900 дивоградби, од тоа над 2.000 се во рамките на националниот парк Галичица, 420 згради за домување се дивоградби, 37 кампа, над 20 индивидуални хотели и 13 хотелски комплекси.
Од мини-анкетата во Охрид
Во обид да најдеме одговори за прашањата што ја мачат цела Македонија, а кои се однесуваат на единствениот туристички бисер на нашата земја, наидовме на поразителни размислувања. Охриѓани, добро упатени во состојбите, со разочарување за „Нова Македонија“ велат дека Охрид не заслужува да биде на листата на УНЕСКО.
– Ма, каков црн УНЕСКО!? Охрид треба да биде избришан. Од улиците направија сокаци, од сокаците јамци, го уништија крајбрежјето, го затрупаа градот со згради. На влезот на градот имаме цел рид депонија за која никој ништо не презема. Она што очигледно луѓето не го знаат е фактот што во времето кога Охрид беше прогласен за природно наследство од УНЕСКО, во септември 1979 година, а потоа во мај 1980 беше прогласен и за светско културно наследство, Македонија беше дел од моќна држава, имавме дипломатија и голема држава стоеше зад сето тоа. Од независноста наваму не е донесен ниту еден саглам ГУП ниту пак ДУП, а законот за градење се менуваше на 24 часа заради нечии интереси. Крајбрежјето е уништено. Никогаш никој немал имот, нива или земјиште на самиот брег. Сега одеднаш сите извадија денационализации дека имаат во сопственост место баш до езерото. Ниту по Отоманската Империја во 1913 година никој немал таква сопственост. Да, можеби имале покрај езерото, но до самото езеро не. Тоа било во државна сопственост. Е, одеднаш, се наоѓаат поединци што си земаат од крајбрежјето, градат бетонски објекти, како ќе се уриваат тие, кога има закон што ги штити?
Нашиот извор вели дека граѓаните треба да знаат дека УНЕСКО самото не го штити Охрид, туку дава препораки до надлежните.
– Тоа е организација при Обединетите нации што проценила дека Охрид и езерото се светско културно наследство што треба да биде заштитено. Кој треба да го заштити? Се разбира дека ние, градот и државата. Тие не го штитат. Се сеќавам, при една посета на експерти од УНЕСКО, еден Јапонец ни рече: „Вие овде не смеете ниту еден клинец да заковате повеќе“. Старите охриѓани го паметат Канео како место каде што сме оделе на капење и тоа било така секогаш, сега одеднаш се најде некој да изгради куќа таму. Повторно ќе кажам, Охрид не треба да биде дел од УНЕСКО, бидејќи е уништен – вели нашиот извор.