Од денешен аспект, 23 години подоцна, со делумно, недоследно и селективно спроведена правда за воените злосторства од 2001 година (Трибуналот во Хаг ги судеше и ги казни само сторителите на делата од легитимните одбранбени сили на државата, која имаше право да се брани од агресијата на паравојската, додека оние извршени од припадниците на парамилитантните војски се амнестирани), се наметнува прашањето на одговорноста и на меѓународната заедница за „кројката“ на мировниот договор. Вметнувањето на амнестијата во Охридскиот договор, низ децениите на неговото спроведување, во голема мера се покажа како генератор на „културата“ (или поточно практиката) на неказнивост, неодговорност и корупција во Македонија
Зошто меѓународната заедница има одговорност за амнестијата на воените злосторства и востановувањето на практиката на неказнивост во Македонија
Потсетувањето за одговорноста на државите од некогаш наречените југословенски простори за справување со насилното минато и поодлучно движење кон социјална кохезија, правда и помирување во своите општества, од страна на комесарката за човекови права при Советот на Европа, за Македонија беше конкретизирано со писмо и препораки за активирање на правдата преку правосудниот систем за воените злосторства против цивили од 2001 година, кои никогаш не застаруваат. Да потсетиме, станува збор за четирите т.н. хашки случаи, односно предмети за злосторства извршени од припадници на паравоената ОНА врз цивилно население во Македонија, вратени во 2008 година за процесирање во македонското правосудство од Трибуналот во Хаг, наменет за воени злосторства од просторите на поранешна Југославија. Наместо да бидат судски процесирани, овие случаи беа амнестирани со автентично толкување од Собранието на Законот за амнестија од 2002 година, иако тие досиеја подготвени од Хаг не влегуваа никако во опсегот на односниот закон. Меѓународноправните експерти и денес велат дека автентичното толкување всушност претставува прекршување на меѓународното право, но, парадоксално, неговото изгласување освен што беше во интерес на тогашните политички елити во Македонија (да „бидат на раат цел мандат“), беше поддржано токму и од меѓународната заедница.
„Култура“ на неказнивост и корупција извира од Охридскиот рамковен договор
Амнестијата на припадниците на паравоената ОНА беше во пакетот на Охридскиот рамковен договор, со кој со посредство на меѓународната заедница беше завршен конфликтот од 2001 година. Од денешен аспект, 23 години подоцна, со делумно, недоследно и селективно спроведена правда за воените злосторства од 2001 година (Трибуналот во Хаг ги судеше и ги казни само сторителите на делата од легитимните одбранбени сили на државата, која имаше право да се брани од агресијата на паравојската, додека оние извршени од припадниците на парамилитантните војски се амнестирани), се наметнува прашањето на одговорноста и на меѓународната заедница за „кројката“ на мировниот договор. Вметнувањето на амнестијата во Охридскиот договор, низ децениите на неговото спроведување, во голема мера се покажа како генератор на „културата“ (или практиката) на неказнивост, неодговорност и корупција во Македонија.
– Охридскиот договор е документ што имаше цел да биде рамка што ќе ѝ обезбеди демократска иднина на Македонија и ќе дозволи „развој на поблиски и интегрирани односи меѓу Македонија и евроатлантската заедница“. Оваа рамка подразбираше престан на насилствата што имаа политички цели, мирен и хармоничен развој на граѓанското општество, земајќи ги предвид етничкиот идентитет и интересите на сите граѓани. Меѓународната заедница се обврза да го надгледува тој процес, во чии предговори беше директно вклучена. Чувствувам дека треба да појасниме дека Законот за амнестија не ги опфати криминалните дејства во периодот од конфликтот во 2001 година ниту, пак, случаите за кои беше надлежен Трибуналот во Хаг. Но, одговорноста е пред сѐ на државата, не на тие што помогнале во процесот на преговори. Советот на Европа, дел од меѓународната заедница, неодамна побара државата да ги процесира вратените случаи. Тие не само што не застаруваат туку и, ако не се адресираат, оставаат простор за политички манипулации и чувство на незавршеност на конфликтот. Значи, духот на Охрид беше да се создаде подемократско и инклузивно општество, но, за жал, инсистирањето на етнички модели на владеење доведе до зголемена сегрегација и злоупотреба на моделот за правична застапеност во многу сектори во општеството. Ние отидовме од преговарање за начини како да обезбедиме недискриминација до целосна сегрегација бидејќи етнопопулизмот вирее во клима на поларизација. За жал, работата на меѓународната заедница е жртва на проектни циклуси, некоординираност, преклопување и немање институционална меморија, повторување програми што и пред 20 години не дадоа плод. Имам чувство дека и меѓународните институции и билатералните амбасади често се плеткаат во вителот на штиклирање наметнати обврски, без да знаат зошто некои програми продолжуваат иако не дале плод цели две децении. Мониторингот што го прават ОБСЕ и ЕУ мора да е во насока на исполнување принципи и вредности, не потценувајќи притоа дека помирувањето е можно само ако чувството за правда е задоволено – вели Ида Мантон, професорка по меѓународни преговори и медијација.
Правдата да не се загуби повторно во лавиринтите на политиката и политикантството
Според неколку соговорници, актуелниот апел на меѓународната заедница, преку институцијата на Советот на Европа за „справување со насилното минато“, се чини предизвика феномен на „консензуално оглушување“ речиси кај сите поголеми политички субјекти во Македонија, влезени веќе во предизборен налет и комбинаторики за коалицирање. Активирањето на хашките случаи се чини дека во Македонија е правно и политички „нагазна мина“ за секој политички фактор (и од власта и од опозицијата) со амбиции за освојување на власта, за која (исто така) од меѓународниот фактор е „препорачано“ да биде коалициска меѓу партии со различен етнички предзнак.
– Со предизвикот за правдата во Македонија за судско процесирање на хашките случаи, во етичко-политичка смисла, државата се поставува во едно мошне шекспировско искушение: „Нека се спроведува правдата, макар и да пропадне светот“. Хашките случаи во политички контекст имаат статус на „завршена работа“. Нивната амнестија ги има поминато сите легални и легитимни процедури (судски и во законодавниот дом), и тоа во време на власта на двете доминантни политички опции. Така што, правно гледано, нивното процесирање е непотребно, но правдата и понатаму не е задоволена. Политичката дилема во Македонија, поврзано со овој случај, е дали „ќе пропадне светот“, т.е. воспоставениот поредок и односи во земјата, ако се „спроведе правдата“. Амнестијата за хашките случаи е спроведена како влог за помирување во општеството, со Охридскиот рамковен договор, но прашање е како се одрази тоа на градењето на системот на правда и правичност во Македонија. Меѓународната заедница, не само со Охридскиот договор туку и во повеќе ситуации потоа, имаше значително (дури и пресудно) влијание во носење политички решенија, често на сметка на правдата и правичноста. Тоа се покажа и со педесетината предмети на СЈО, кои беа кулминација на неказнивоста. Но одговорност има и меѓународната заедница, но не треба таа да се префрли само на меѓународните фактори, поголема е одговорноста на домашните политички чинители. Најчесто изговорите за деградирање на правдата се дека политичкиот момент не е погоден за нејзино стриктно спроведување. Секогаш е време за правда, но не само за старите случи туку и за неправдите и деградирањето на правдата што ни се случуваат сега. Ние практично немаме ни почнато со градење на системот на правда и правичност – вели историчарот Александар Литовски.