Македонското здружение ОМО „Илинден“–Пирин со пораки на загриженост поради укинувањето на европскиот мониторинг за малцинства во Бугарија

  • Македонските активисти би можеле да се соочат со обвиненија за „поттикнување етничка омраза“ и да бидат притворани од бугарските власти, истакнуваат од ОМО „Илинден“–Пирин, која може да биде третирана како „нелегална“ организација доколку бугарските власти продолжат да ја одбиваат нејзината регистрација

Загриженост од можните последици од најавениот прекин на мониторингот за малцинства од страна на Европската Унија изразија од македонското здружение ОМО „Илинден“–Пирин, откако во декември би можел да биде одреден датум за затворање на мониторингот за случаите „ОМО-Илинден против Бугарија“, за првпат по 19 години. Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) на пленарната седница во Стразбур на први октомври одлучи да го затвори постмониторинг-дијалогот со Бугарија по 26 години и да ги следи случувањата во земјата во рамките на своите периодични прегледи.

ОМО „Илинден“–Пирин може да биде третирана како нелегална организација?!

По најавите за укинување на мониторингот, за последиците од таквата одлука за етничките Македонци од Пиринска Македонија загриженост изрази Атанас Кирјаков, истакнат член на ОМО „Илинден“.
– ОМО „Илинден“ може да биде третирана како „нелегална“ организација доколку бугарските власти продолжат да ја одбиваат нејзината регистрација. Тоа би значело одземање на правната заштита, пристапот до финансирање и учеството во јавниот живот, како и неможност за организирање јавни настани и санкции за учество во нерегистрирани активности – вели Кирјаков.
Но поопасно е тоа што против македонските активисти би можеле да се поднесат обвиненија за „поттикнување етничка омраза“ и тие да бидат притворани од бугарските власти.
– Обвинителството би можело да поднесе обвиненија по членови од бугарскиот Кривичен законик (чл. 162, 163) за „поттикнување етничка омраза“. Иако досега немало масовно осудување на членови на ОМО „Илинден“, укинувањето на меѓународната заштита може да доведе до кривични постапки – особено за наводно „поттикнување етничка омраза“ или „антидржавна дејност“. Реални казни затвор може да има особено ако државата преземе политички мотивирани чекори: обвинувања за финансиски прекршоци, како нелегално финансирање или перење пари, кои би можеле да се користат како алатка за репресија. Тоа би значело потенцијални условни или ефективни казни затвор од една до четири години во сериозни случаи – потенцира Кирјаков.
Последиците може да се однесуваат и на административни притисоци. Чести казни, контроли, пријави во полиција може да се користат како метод на заплашување.
– Членовите на ОМО „Илинден“ може да бидат дискриминирани на работното место, во училиштата, од локалната администрација. Може да има општествен притисок, особено во помали места – ризик од отворена непријателска атмосфера од соседи, вработувачи или институции, како и притисок врз семејството. Забележани се случаи на притисок врз деца на активисти – вели Кирјаков.
Можностите за дополнителни притисоци врз Македонците во Бугарија може да доведат до зголемен ризик за асимилација.
– Сето ова води до културни и идентитетски ризици и асимилација. Потиснувањето на културната активност, пречките при организирање собири, јазични активности и традиционални прослави ќе доведат до асимилација. Без правна и институционална поддршка, македонскиот културен и јазичен идентитет е изложен на исчезнување – заклучува Кирјаков.
Укинувањето на меѓународниот мониторинг ќе ги остави членовите на ОМО „Илинден“ и другите етнички Македонци во Пиринска Македонија изложени на зголемени ризици: правна несигурност, општествена изолација, културна репресија и психолошки терор.
Одлуките на Европскиот суд за човекови права веќе покажаа дека Бугарија ги прекршувала правата на здружување и систематски одбивала регистрација на македонски организации – што претставува сериозно кршење на меѓународните обврски. Без надзор, постои реална опасност од повторна и засилена репресија. Затоа неопходно е да се продолжи меѓународниот мониторинг над Бугарија во поглед на почитувањето на малцинските права, да се следат обидите за судски притисок врз активистите на ОМО „Илинден“–Пирин и да се обезбедат правна помош и меѓународна солидарност за погодените. Притоа треба да се документираат и јавно објавуваат сите случаи на притисок, закани, дискриминација и институционално исклучување и да се работи на јакнење на граѓанското општество и медиумската свест против националистичката стигматизација. С.Р.


Правата на Македонците во Бугарија остануваат нерешено прашање

Правата на лицата што ја потврдуваат македонската етничка свест се меѓу нерешените прашања од обврските преземени од Бугарија со членството во Советот на Европа (СЕ), според еден од известувачите на ПССЕ, Тив Крухтен (Луксембург), при што на здруженијата што ги претставуваат овие лица и понатаму им се одбива регистрацијата, и покрај повеќекратните пресуди на Европскиот суд за човекови права, беше истакнато неодамна во Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ). Бугарија е на чело на земјите членки на СЕ што не ги спроведуваат пресудите на судот за човекови права во Стразбур и тоа го прави речиси 20 години во одредени случаи, како што е оној што се однесува на здружението на лица што му припаѓаат на македонското малцинство ОМО „Илинден“-Пирин. Н.М.


Лидерот на ГЕРБ ја слави одлуката на ПССЕ

Борисов: Сите во Европа, со исклучок на Македонија, гласаа за укинување на механизмот

Лидерот на ГЕРБ и поранешен бугарски премиер, Бојко Борисов, заслугите за одлуката за укинување на мониторингот, исто како и за вклучувањето на земјата во Шенген и во еврозоната му ги припиша на владејачкото мнозинство во земјата.
– ПССЕ со години го укина механизмот за мониторирање на Бугарија. Две години се правеа секакви проверки, а вчера сите во Европа, со исклучок на Македонија, гласаа за укинување на механизмот – изјави лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов.
Триумфализмот на Софија не може да се смета за безусловен. Во соопштението објавено на веб-страницата на ПССЕ се изразува загриженост за состојбата на ромското население во Бугарија и се повикува на континуирани напори за негово вклучување, како и за извршувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), по одбивањата за регистрација на здруженија на лица што искажуваат македонска етничка самосвест. С.Р.