Одлуките на АСНОМ – основа за изградување национална (државна) стратегија на Република Македонија

Деновиве во новинарско истражување низ историските архиви е пронајден документ од поновата македонска историја што датира непосредно по осамостојувањето. Според оцените на многумина интелектуалци, професори и дипломати со кои се консултиравме деновиве, документот претставува „научна есенција за стратегиските насоки за развојот на младата македонска држава“.
Автор на текстот, во кој од оваа временска дистанца навистина се потврдува една научна вистина и може слободно да се нарече и „водич и правила за некогашните, сегашните и идните лидери на нацијата и државата“, е професорот Томе Батковски. Неговиот труд е презентиран на научниот собир во организација на МАНУ и Институтот по национална историја, одржан на 17-18 ноември 1994 година.
Материјалот содржи извонредни заклучоци и проекции за Македонија и македонскиот народ, при што неговото теоретско јавно претставување пред речиси 30 години се покажува како апсолутно вистинито, неговата актуелност е недвосмислена, а потребата од негова применливост (општествено-политичка и безбедносна) се покажува како неопходност!
Во таа насока, на страниците на нашиот весник, за сите граѓани на Македонија, редакцијата на „Нова Македонија“, поаѓајќи од својата мисија, визија и уредувачка политика, го објавува документот во целост, интегрално.

Педесет години по Првото заседание на АСНОМ, во услови на постоење на самостојна, суверена и независна Република Македонија, но, наедно, сѐ уште во време на незгаснати освојувачки и разбивачки апетити спрема македонскиот простор и битието на македонската нација, пожелно е покритичко и посестрано пристапување кон прашањето на изградување на нејзината национална (државна) стратегија. Во таа смисла, сметам дека, од теоретски, практично-политички и безбедносен аспект, е потребно свртување кон одлуките на овој историски настан, зашто, колку и да изгледа парадоксално, токму во услови на самостојност (како и кај други нации што формираа свои самостојни држави „излегувајќи“ од постојните федерации) пред македонската нација со многу поголема општествена нужност и ургентност се истакнува проблемот на натамошното опстојување и развивање, што, пак, има своја јасно изразена и незаобиколива историска димензија. АСНОМ го прокламира создавањето на македонската државност и во рамките на југословенската федерација беше продолжена нејзината градба. Сега треба да биде дефинитивно вообличена и завршена македонската државна зграда.

Првото заседание на АСНОМ претставуваше чин на државноправно конституирање на македонската нација со формирање на македонската држава како рамноправна федерална единица во Демократска Федеративна Југославија. На овој настан од исклучително историско значење за зачувувањето и доизградувањето на македонското национално битие беа донесени акти од државноправно и уставно значење, меѓу кои посебно треба да се имаат предвид следниве: Решението за прогласување на АСНОМ како врховно законодавно и извршно народно претставничко тело и највисок орган на државната власт во Македонија; Решението за одобрување на решенијата, заповедите и задолженијата земени од Главниот штаб на НОВ и ПО за Македонија; Декларацијата за основните права на граѓаните во Македонија и Решението за воведување на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава. Со овие акти оригинерно беше решено прашањето на организацијата на највисоките органи на државната власт во Македонија и некои други прашања на државната власт во Македонија и прашања на државната организација и политичкиот систем, како, на пример, положбата на националните малцинства, за кои е речено (точка 2 од Декларацијата) дека им се осигуруваат сите права на слободен национален живот.
Одлуките на Првото заседание на АСНОМ означија, по формирањето на Србија, Бугарија и Грција како национални држави во 19 век и на Албанија во втората деценија од овој век, формирање национална држава на македонската нација, како последна во овој дел на Балканот. Имено, тие претставуваа неоспорен факт, но, во исто време, носеа тешко историско бреме. Имено, со создавањето на македонската држава беше запрено натамошното угнетување, обезличување и уништување на припадниците на македонската нација на еден дел од нивната етничка територија, но остана историската одговорност за зачувувањето на националната самобитност на Македонците во Бугарија, Грција (односно Пиринска и Егејска Македонија) и во Албанија; беа примирени, но не и дефинитивно запрени националистичко-експанзионистичките сили во соседните земји насочени, во крајна линија, кон територијални посегања спрема просторот на македонската држава; беа промовирани нови национално-општествени вредности, но присутни беа и рецидивите од минатото, пред сѐ како последица од систематски и долготрајно реализираните туѓи пропаганди и, пошироко, влијанија меѓу македонското население.
Покрај разликите на идеолошко-политички план, што како неминовност ги донесе воспоставувањето на новата социјалистичка власт по август 1944 година, поларизацијата и тонусот во политичката свест меѓу припадниците на македонската нација ги карактеризираше, имено, мората на историското бреме, и тоа на основната релација: можно – остварливо (во дадените историски околности) во поглед на битните интереси на Македонците на нивниот етнички простор; проклетството на разните „манства“ (бугароманство, србоманство…) се заканува со својата „судбоносност“ на подолг период да го оневозможи вистинското политичко обединување на Македонците околу генералната линија на нивниот опстанок и развиток; често поделбите и омразата меѓу самите Македонци се изразени до тој степен, што ги прават неспособни и неподготвени за навремено и објективно согледување на процесите и односите во самата земја и околу неа, кои се насочени кон разбивање на битието на нивната нација и целината на нивниот простор.

 

2. Во поглед на нацијата и територијата, што покрај власта се основни белези на секоја држава, треба да се каже дека со одлуките на АСНОМ се направи „синтеза на нацијата и нејзините интереси и се заврши едно историско поглавје од борбата на македонскиот народ за негово самоопределување“. Со асномските одлуки за првпат во својата историја македонскиот народ е прифатен во меѓународната заедница со својот национален идентитет. Со авнојските и асномските одлуки се обезбеди „единство на нацијата, иако македонската држава се конституира на еден од деловите на Македонија – врз овие одлуки СР Македонија можеше во својот Устав да ја утврди должноста да се грижи за македонското национално малцинство во соседните земји“.
Стратегиската основа на воспоставувањето на новата социјалистичка власт беше насочена кон конституирање на национална држава на македонскиот народ како федерална членка на југословенската федерација, во која рамноправно ќе ги остваруваат своите национални права и припадниците на националните малцинства. При посматрање на релацијата АСНОМ – македонска држава – македонска нација – државна територија, треба да се има предвид единството на македонската нација (како државотворна) и територијата како политичко-географско-историски однос со битно влијание врз опстојувањето на Македонецот – како составен дел од неговата историја и неговото национално битие. Тоа значи дека секое поголемо нарушување на структурата на населението што ќе биде на штета на припадниците на македонската нација на дадената територија – претставува, всушност, загрозување на безбедноста на државата Македонија.
Припадниците на македонската нација преку оружена борба, заедно со другите југословенски народи против фашистичките окупатори, ги создадоа основните историско-политички претпоставки за својата национална независност и слобода. АСНОМ беше круна на таа борба – македонската држава е резултат на организираните настојувања за реализирање на единството на историските интереси на македонската нација. Ниту слободата ниту државата Македонците не ја добија од никого, затоа имаат природно и легитимно право (преку македонската држава) на заштита на единството на својата нација и територија, а притоа водејќи сметка за остварувањето на правата на националните малцинства во согласност со светските стандарди во дадениот историски момент. Наедно, тие имаат природно и легитимно право да се грижат, што значи да преземаат конкретни мерки и активности на меѓународен план (во мултилатералните и билатералните односи) за реализирање на правата на македонското национално малцинство во соседните и други држави.

3. Од аспект на третиранава тема, потребно е кратко свртување кон опкружувањето на Република Македонија од историски агол, при што би требало да се има предвид следново:
– македонскиот простор е редок пример во Европа по тоа што претставува изразена зона на судири на интересите на државите што ја опкружуваат;
– национализмот и територијалните посегања од соседните држави спрема македонската територија со вклучување па одредени големи сили во дадениот историски период (Отоманската Империја, Русија, Австро-Унгарија, фашистичка Германија, фашистичка Италија, Велика Британија, СССР). Всушност, задоволувањето на националистичките барања на соседите за одредена голема сила значело само нивно користење за остварување на сопствените сфери на влијание во овој дел на Балканот и Европа;
– непризнавањето на македонската нација со спроведување политика на денационализација и асимилација, кои имаат оставено најтрагичен печат врз македонскиот човек;
– антимакедонската пропаганда како историска константа на националистичките посегања спрема Македонија;
– малобројноста на македонската нација вo однос на нациите што ја опкружуваат претставува нејзин објективен хендикеп;
– границите на Македонија, имајќи го предвид констатираното, лесно станувале и можат да станат извор на напнатост, односно „балканизација“.
Кога станува збор за современите безбедносни аспекти од опкружувањето на Македонија, може да се каже дека доаѓа до ревитализирање (одмрзнување) на стари експанзионистички шеми спрема нејзиниот простор. Заеднички именител и јасен индикатор за експанзионистичките намери на националистичките сили кај соседите претставува непризнавањето на македонската нација, односно негирањето на нејзиното историско право да опстојува на дел од сегашната територија на Македонија. Преку негирањето на постоењето, односно самобитноста на Македонците, се прави простор за реализирање на територијалните претензии спрема Република Македонија. Имајќи го предвид историското искуство, треба да се очекува дека при операционализирањето на ревитализираните (одмрзнатите) експанзионистички шеми, националистичките сили ќе се потпираат (или ќе настојуваат да се потпрат) врз оваа или онаа велика сила, што ќе биде во зависност од поклопувањето на меѓусебните интереси и дадениот однос на силите на поширок меѓународен план. Притоа, не треба да се очекува примена на воена сила – во современиот свет државите настојуваат своите стратегиски политички цели да ги реализираат со примена на невоени средства и методи, а тоа значи преку реализирање широк дијапазон на разузнавачко-субверзивни дејства на подолга патека, што, паралелно, се проследени со официјални изјави за пријателство и соработка (позната тактика на „успивање на жртвата“ на меѓународна сцена).

4. Во основа на изградувањето на национална (државна) стратегија се наоѓа објективното и навремено согледување на општествените конфликти на внатрешен и надворешен план, кои директно или индиректно влијаат врз загрозувањето на битните елементи на државата – територијата, населението и власта, односно идентификувањето и проценувањето на интегративните и дезинтегративните (во однос на државата) процеси, односи и сили.
Според теоријата на конфликти, противречностите во областа на културата, односно на нормите на разни општествени групи, можат да бидат причина за делинквентна дејност. Таму каде што постои „културен хибридизам“, иде кон конфузија во нормите на однесување, остри конфликти, уништување на општествената контрола и, најпосле, кон распространето непочитување на законот. Според теоријата на поткултурата, што е произлезена од теоријата на конфликтите, поткултурата и општата култура можат да бидат во конфликтен и неконфликтен однос. Пример за конфликтен однос претставува делинквентната поткултура, за која се карактеристични сопствени норми на однесување, сопствен систем на вредности во кој позитивно се вреднува криминалното однесување. Делинквентната поткултура најпрво се јавува таму каде што доаѓа до поврзување на делинквентната и неделинквентната средина, односно за да се исполни една незаконита улога, таа мора да има поддршка во непосредната средина, да дојде до поврзување на носителите на општопризнаени вредности со носителите на криминални вредности.
Македонија ја карактеризира, покрај постоењето на македонската нација како државотворна и најмногубројна, и постоење на повеќе национални малцинства и етнички групи; покрај Македонската православна црква егзистираат и други верски заедници и секти (мали верски заедници). Тоа, објективно, ја усложнува општествената состојба, ставајќи ја власта пред тешка задача да изнаоѓа доволно легални канали за задоволување на политичките, националните, етничките, верските и културните права на сите свои граѓани. Паралелно на површината на општествениот живот избиваат национални, политички и верски конфликти, кои ја загрозуваат, односно можат да ја загрозат, безбедноста на државата.

а) На национален план основниот конфликт произлегува од легитимниот интерес и право на македонската нација за зачувување и развивање на својата национална држава и сепаратистичките интереси и цели на великоалбанските националисти во земјава, поврзани со оние во Косово и Метохија и Албанија. Великоалбанските националисти го истакнуваат барањето за создавање „албанска држава“ на територијата на Македонија, што е во согласност со генералната теза за „велика Албанија“ – една држава што ќе ги собира сите Албанци на Балканот. Ваквото барање реално би можело да се оствари на два начина: 1. по насилен пат – со војна, и 2. по мирен пат – со федерализација на Република Македонија. И едниот и другиот начин би биле погубни за македонската држава, уште повеќе би ги разгореле национализмите и експанзионизмите кај соседните држави и би предизвикале оружен судир на овој дел од Балканот. Не задоволувајќи се со високиот степен на правата што како припадници на национално малцинство ги уживаат, албанските националисти од 1944 година до денеска континуирано, со послаб или посилен интензитет, применуваат разни форми на илегално дејствување насочени кон загрозување на безбедноста и општествениот поредок на македонската држава. По 1990 година, кога беше промовиран политичкиот плурализам, албанските националисти еден дел од своите илегални активности префрлија на јавен терен. Два момента придонесуваат за зголемување на општествената опасност од дејствувањето врз великоалбански позиции: прво, меѓу великоалбанските националисти од Македонија, СР Југославија, Албанија и во трети земји постои општа согласност во поглед на реализирањето на идејата за „велика Албанија“ (етничка Шќипнија), што значи дека и во иднина треба да се очекуваат комплексни и конкретни потфати во насока на дезинтеграција на Македонија; второ, далеку најголемиот број од припадниците на албанското национално малцинство во Македонија се од исламска вероисповед, додека далеку најголемиот дел од припадниците на македонската нација се од православно-христијанската вера. Тоа ја зголемува и без тоа изразената етничка дистанца меѓу Македонците и Албанците, самиот конфликт се заострува, сѐ повеќе прераснувајќи во национално-верски.

б) На политички план конфликтите имаат повеќе аспекти: прво, постоењето на огромен број политички партии наспроти вкупната бројка на населението и големината на гласачкото тело (над 60 партии со гласачко тело од околу 1.360.000 избирачи). Во политичката теорија е познато дека политичките системи со повеќе од четири политички партии спаѓаат во екстремниот плурализам и се нестабилни. Расцепкувањето на гласачкото тело во поизразен обем со бескомпромисната борба на водствата на политичките партии за освојување или приграбување на дел од политичката власт, особено во период на неопходно внатрешно (политичко, економско) и меѓународно стабилизирање, објективно има негативен општествен резултат.
Потоа, доаѓа до формирање политички партии чие членство е, според националната и верската припадност, речиси „чисто“ – се отвора фронт на борба на национално-етничко-верски колективитети (а не на граѓанинот како основен политички субјект), што е инкомпатибилно на граѓанското општество и, порано или подоцна, доведува до негова дезинтеграција и, во случајов, може да доведе до дезинтеграција на македонската држава. Програмирањето и инструментализирањето на националните, односно етничките и верските колективитети се карактеризира со силен емоционален набој, што дополнително ја продлабочува етничко-верската дистанца, доведува до формирање посебни норми – различни и спротивни на општоважечките и, во крајна линија, до реализирање на паралелна власт на дадената територија спрема која аспирира политичкото водство на колективитетот.
Освен тоа, расчекорот помеѓу веќе прокламираното граѓанско општество и се уште реално несоздадените претпоставки за негово заживување. Овде три прашања посебно се истакнуваат: формалноправно и фактички се уште недефинираните форми на сопственост со доминација на приватната сопственост; силниот притисок од наследените состојби од минатиот општествено-политички систем и се уште неформираната граѓанска класа и слоевите карактеристични за граѓанското општество. Последново е особено значајно од аспект на државотворната – македонската нација, зашто токму национално свесна, политички организирана и економски подготвена граѓанска класа, во дадените историски услови на Балканот, треба да биде носител на заштитата и развивањето на македонскиот национален интерес и на македонската држава воопшто (процес што во развиените западни земји течел пред повеќе од 200 години). Сметам дека позитивното развивање на ова прашање не им оди во прилог на националистичко-експанзионистичките сили во соседните земји, и затоа тие нема благонаклонето да гледаат на него, туку ќе настојуваат да го попречат.

в) На верски план, основен белег даваат одредени противречности, во значителна мера историски условени, помеѓу двете конфесии на кои им припаѓаат најголем број верници во Република Македонија – Македонската православна црква и Исламската верска заедница. Покрај постојните фактори на верската дистанца – историското искуство кај македонскиот народ, произлезено од долговековното ропство под Отоманската Империја кога исламската вера била користена од властодршците за спроведување геноцид врз православното христијанско население, од една страна, и различната традиција, обичаи и начин на живот воопшто, од друга, во поново време се јавува поизразено политичко организирање и инструментализирање на граѓаните врз верска основа, што уште повеќе ги усложнува меѓуверските состојби и односи. Поради големата исполитизираност често се случува политичките борби да добијат верска конотација, а верските несогласувања и конфликти – политичка. Како индикатор за степенот на меѓусебните односи помеѓу двете верски конфесии може да послужи податокот дека ИВЗ ги прекина односите со МПЦ поради незадоволување на нејзиното барање за симнување на крстовите од саат-кулите во Битола и во Прилеп.
На верски план е значајна и засилената пропаганда на одредени партии што опфаќаат граѓани од редот на албанското и турското малцинство меѓу припадниците на Македонците муслимани, со крајна цел нивно одродување од македонското национално битие и фактичко завладување со територијата на која сега живее овој дел од македонската нација.
Од страна на ИВЗ има појава на пребројување на сите припадници на исламската вера, при што се манипулира со бројка од над 50 отсто од вкупното население во Република Македонија, врз основа на што се смета дека во македонскиот парламент бројот на пратениците би требало да биде во истиот сооднос (над 50 отсто од пратениците да бидат од редот на граѓаните со исламска вероисповед). Настрана што се работи за неточни податоци, зашто според пописот од 1991 година бројот на граѓаните со православно-христијанска вера изнесува 1.355.816 или 66,66 отсто, додека бројот на граѓаните со исламска вероисповед изнесува 611.326 или 30,06 отсто од вкупниот број верници, оваа појава укажува на настојувањето да се изврши хомогенизација врз исламска верска основа и нејзино експонирање во политичката сфера, што на подолги патеки може да има мошне негативни последици врз стабилноста на македонската држава.

5. Во периодот од 1944 година до денеска во Република Македонија се одвиваат неколку процеси што можат мошне негативно да се одразат врз нејзината безбедност. Тие се однесуваат токму на припадниците на македонската нација и државната територија. Имено, станува збор за: нарушувањето на демографската структура на штета на македонското население; намалувањето на бројот на населението во повеќе градови; трајното иселување на македонски семејства во западноевропските и прекуокеанските земји, при што во последниве дваесетина години се зголемува бројот на иселеници од редот на младата интелигенција. Овде со неколку илустрации ќе ги потврдам првите две констатации.
Нарушувањето на демографската структура во Македонија се карактеризира со опаѓањето на учеството на Македонците во вкупното население на државата и, наедно, изразеното зголемување на учеството на Албанците. Така, според пописот од 1953 година, во Македонија живееле – 860.699 Македонци или 66 отсто од вкупното население, додека бројот на Албанците изнесувал 162.524 или 12,4 отсто од вкупното население; според пописот од 1991 година, во Македонија живееле 1.314.283 Македонци или 64,62 отсто од вкупното население, додека бројот на Албанците изнесувал 427.313 или 21,01 отсто од вкупното население. Ваквиот голем пораст кај Албанците е резултат пред сѐ на енормниот наталитет меѓу припадниците на ова национално малцинство (22,2 промили, наспроти наталитетот кај Македонците – 10,3 промили) и на механичкиот прилив на албанско население од Србија, односно Косово и Метохија. Последица на ваквите движења во демографската структура е перманентното намалување на бројот на Македонците во однос на Албанците во западниот дел на државата заклучно со општината Куманово, при што повеќе села и градски населби стануваат етнички чисти.
За илустрација на вторава констатација ќе се послужам со пописот од 1991 година, спореден со податоците од пописот во 1981 година. Така, во општината Битола е регистрирано опаѓање на бројот на населението за 12,2 отсто; во општината Прилеп за 1,4 отсто; во општината Демир Хисар за 16,3 отсто; во општината Кратово за 8,6 отсто; во општината Крива Паланка за 5 отсто; во општината Ресен за 8,5 отсто; во општината Крушево за 5 отсто.
Ако се имаат предвид фактите за тешкото минато на македонскиот народ, геноцидот што врз него беше вршен до 1913 и по оваа година, за неговата малобројност, што е објективен хендикеп наспрема земјите од поблиското и поширокото опкружување, заедно со претходно презентираните податоци станува појасна ургентната потреба од запирање на овие негативни процеси со легални мерки и активности на кои државната власт има не само легитимно право туку и обврска спрема државотворната нација.

6. Имајќи ги предвид сложеноста и тежината на историското минато, внатрешните конфликти и притисоците однадвор врз битните аспекти на самостојноста и сувереноста на Република Македонија и македонската нација и, наедно, водејќи сметка за политичкиот, економскиот и културниот развој на земјата, нужно се поставува прашањето за изградување национална (државна) стратегија на нашава држава. Притоа треба да се тргне токму од фактот дека на Првото заседание на АСНОМ е создадена македонската национална држава, во која рамноправно со припадниците на македонската нација живеат и граѓаните од редот на националните малцинства, а во која како службен беше утврден македонскиот народен јазик. Со оглед на почетниот стадиум на развој на македонската држава, потребно е таа, преку реализирање на стратегиските правци на политички, економски, културно-образовен и безбедносно-одбранбен план, покрај основните задачи од обезбедување на државниот суверенитет, територијалниот интегритет, демократскиот плуралистички политички живот, економската стабилност, да обезбеди посилен развој на македонското национално битие на сите полиња и да се избори за националните права на деловите на македонската нација што како национални малцинства живеат во соседните земји. Паралелно со тој процес е потребно македонската државна власт со широко отворање на легалните канали да овозможи реализација на правата на националните малцинства во земјава, во согласност со современите светски стандарди.
Основна претпоставка за изградување и реализација на национална (државна) стратегија претставува постигнувањето консензус на политичките субјекти во земјава. Колку тие ќе бидат на нивото на историската задача за да се соочат со сложената општествена стварност, да ја респектираат македонската национална држава и македонската нација како државотворна, претставува фактичко прашање на кое одговор ќе даде претстојната политичка практика. Но, во секој случај, непостигнувањето консензус за ова прашање ќе претставува елемент на дестабилизирање на земјава.