Фото: Игор Бансколиев

Во истражувањата и анализите на неколку домашни и странски организации се лоцираат причините и последиците од феноменот на иселувањето на
стручниот кадар од државата

МАКЕДОНИЈА СЀ ПОВЕЌЕ СЕ СООЧУВА СО ПРОБЛЕМОТ НА ИСЕЛУВАЊЕ НА ВИСОКООБРАЗОВЕН КАДАР

Македонија сѐ поинтензивно и сѐ посериозно се соочува со проблемот на таканаречениот „одлив на мозоци“, односно иселување на високообразовани луѓе од државата. Заминувањето на високообразовани граѓани во странство резултира со недостиг од образован и квалификуван кадар внатре, во земјава, во домашните компании. Оние што се одлучуваат на овој потег велат дека ја напуштаат својата држава поради мноштво фактори, како ниската заработувачка, малата перспектива за напредок во работата, длабоката партизираност и форсирање партиски кадри без компетенција и без воспоставен мериторен систем на вреднување, при што сѐ повеќе се чувствуваат нееднаквоста и немањето правна држава итн.
Појавата на одлив на мозоци не е карактеристична само за Македонија туку е присутна во целиот регион.
Јанос Аман, главниот уредник на „Еуроактив“, вели дека економската миграција навистина е негативна за земјите од Балканот, но има некои показатели што даваат и надеж, не толку во контекст на намалувањето на динамиката на одливот на мозоци, туку повеќе во контекст на т.н. зголемување на финансиските приливи по основа на девизните дознаки во државите од каде што се иселиле луѓето. Јанос Аман истакнува дека оние што се отселиле од своите држави, користејќи ги своите високообразовни квалитети стануваат економски влијателни и моќни луѓе, а во исто време дел од своите заработувачки ги праќаат назад дома, за помош на своите семејства. Во овој момент во Европа не постојат процени како и во колкава мера се одвива процесот за враќање на дел од заработувачката на имиграцијата во своите татковини од Балканот.

Македонија со најниски дознаки од печалбарите

Според медиумот, некои од балканските земји, како Македонија и Романија, имаат многу ниска стапка на праќање пари од емиграцијата назад.
– Македонија со 3,4 отсто и Романија со 3 отсто од регионот имаат најниска стапка на испраќање средства назад во татковините од печалбарите. За разлика од нас, состојбите се подобри во Србија, со 7,3 проценти, и членката на ЕУ Хрватска, со 7,1 отсто. Додека, пак, бројката е значително повисока во земјите што не се членки на ЕУ, Црна Гора (12,6 проценти), Косово (18,9 проценти) и Албанија (9,9 проценти) – пишува порталот.
Овие бројки покажуваат дека во некои случаи одливот на мозоци на некој начин може да се компензира со дознаки, но тоа не е целосна замена за луѓето што ја напуштиле државата.
Резултатите од студијата на темата поврзана со одлив на мозоци од Македонија на фондацијата „Фридрих Еберт“ само го потврдуваат она што веќе одамна е загрижувачки тренд во државата. Според документот, одливот на мозоци од земјата се случува бидејќи младите ја губат волјата да останат во државата.
Според Марија Топузова Латковиќ од Институтот за социолошки и политичкоправни испитувања, кој е спроведувач на студијата, најзагрижувачки е што дури 67 проценти од испитаниците во анкетата се жалат на финансиски проблеми и не веруваат дека по образованието ќе најдат работа.
Невладините организации што активно се залагаат за правата на младите предупредуваат дека трендот може да стане уште позагрижувачки доколку не се преземат сериозни чекори во насока на мотивација на активно вклучените млади и едуцирани луѓе што се залагаат за позитивни промени во општеството.
Европската агенција за статистика „Евростат“ неодамна објави дека над 16.000 македонски граѓани, и покрај строгите здравствени мерки наметнати поради пандемијата, добиле работна виза за престој во една од земјите на Европската Унија.
Во извештајот на „Евростат“ се забележува дека оние што заминале од Балканот и од Македонија на печалба во Европа се од сите образовни профили, и тоа од највисоки нивоа на образование, па до основно образование.
Инаку, од регионот најмногу работни визи добиле Србите, и тоа за 40.000 нивни граѓани, потоа Албанија, чии граѓани добиле 37.000 визи, следни се Босанците, кои добиле 35.000 работни визи, а последни на листата на „Евростат“ се граѓаните на Косово и Црна Гора.
Според Стопанската комора на Македонија (СКМ), незапирлив е трендот на одлив на високообразован кадар од земјава, но велат дека овој тренд постои и во Европа и на глобален план.
– Причините се од различна природа, најчесто се смета дека се од финансиска природа или од квалитетот на животот во нашата земја. Несоодветни плати во однос на искуството и образованието има, но има професии, како оние во ИТ-секторот, со кои младите можат веднаш по дипломирањето да се вработат и да имаат солидна плата, а тие сепак се решаваат да заминат од нашата земја – велат од СКМ.
Кога зборуваме за квалитетот на животот, како што додаваат од комората, најчести причини на младите да заминат, пред сѐ, се институционалната неефикасност, недовербата во институциите, неефикасното владеење на правото, слабиот здравствен систем, несоодветното вработување и плата во споредба со образованието, отсуството на вредности, отсуството на професионалното унапредување и обука.

Партизацијата го зголемува иселувањето

Славица Кузмановска од здружението за правно-економски истражувања и образование „Јуридика“ од Скопје вели дека во истражувањето спроведено со млади на возраст од 18 до 29 години, на прашањето што ги тера младите да емигрираат во странство, иако обично мислиме дека тоа е нивото на платата што ја примаат, сепак се покажало дека високите плати не се предност, но се посветува поголемо внимание на можноста за професионален развој на работното место, како и безбедноста на работата.
Младите очекуваат работни места што ќе им дадат можност да се дружат со колегите, а дури потоа доаѓа висината на платата како услов што ќе ги привлече на некое работно место.
Кузмановска исто така го истакна како проблем тоа што младите сметаат дека треба да бидат членови на одредена политичка партија за да најдат пристојна работа, што е системски проблем на кој треба да му се посвети поголемо внимание и да се искорени со промена на политиките што се спроведуваат за младите.
Универзитетскиот професор Михал Вит вели дека либерализацијата на пазарот на трудот во принцип треба да се поттикнува. Тој објаснува дека ако одиме кон целосна либерализација на движењето на стоки и капитал, тогаш треба да следува и либерализација на движењето на луѓето.
– Но со овие плати, вие не можете да привлечете ни работници од држави што имаат пониски плати од македонските – вели тој.
Вит запрашува зошто некој од Молдавија, на пример, би дошол да работи во Македонија за 100 евра повеќе ако може да оди во Полска и да работи за 500 евра повеќе.
– Знаете, работната сила се движи кон региони, држави и кон пазари на труд каде што добиваат значителна маргинална разлика во нивните плати. Во тренд во овој момент е да се имигрираат и високостручните кадри инженери, научници, уметници, доктори, но и занаетчиите и обичната работна сила од Балканот и Македонија – вели Вит.

Во пандемијата ни сменува и медицинари

Во светло на актуелните настани за обележување е дека Германија е традиционалната локација каде што се одлева македонскиот медицински кадар. Во периодот за време на пандемијата, но и пред неа, на интернет и на социјалните мрежи може да се најдат огласи за работни места за лекари во Германија, но и курсеви со поволни цени по германски јазик за медицински персонал.
Според податоците од истражувањето на Лекарската комора на Македонија, вкупниот број емигрирани лекари е приближно 12 отсто од лиценцираните лекари, со тренд на пораст. Најпожелни дестинации за работа во странство на нашите медицинари се: Германија, Словенија, Блискиот Исток, Северозападна Европа и Швајцарија. Според истражувањето, најзначајни фактори што ја поттикнуваат емиграцијата на медицинарите се невработеноста, немањето пристап до рана и квалитетна доедукација, обука и специјализација, како и финансиите.
Д-р Мартин Јовановски истакнува дека лекарот што заминува од Македонија обично се наоѓа во најплодните години и е во врвот на својата професионална кариера.
– Можноста кога се млади лекарите е поголема за адаптација во надворешна средина и за максимално придонесување за таа нова работна средина, така што најверојатно склопот на особини што го дефинираат новиот македонски печалбар од лекарската фела сосема се вклопува со трендот – вели Јовановски.
Тој притоа објаснува и зошто Германија е главната дестинација на македонските лекари емигранти.
– Преголемата апсорптивна моќ на Германија, можноста веднаш да се почне со платена работа додека се завршува т.н. пробација, можноста за добивање платена специјализација, одличните услови за одмор, дополнителна работа, платени дежурства. Дополнително сè што нам ни недостига во оваа држава – истакнува докторот.