Фото: Игор Бансколиев

Во одговорите што ги доби „Нова Македонија“, истражувајќи за сценаријата што ги подготвува Српската црква, во врска со новонастанатите состојби поврзани со МПЦ-ОА, информациите од прва рака откриваат дека „СПЦ инстантно нема да се изјасни во врска со одлуката на Вселенската патријаршија сѐ до претстојниот собор на СПЦ, со работен карактер“, кој е закажан за 16 мај оваа година. Имено, соборот на СПЦ ќе започне на 15 мај и тој ден ќе има свечен карактер. Од СПЦ велат дека соборот е со историска тежина, зашто на него Српската црква ќе одбележи 100 години од томосот за автокефалност издаден од Вселенската патријаршија

ЗА ДИЛЕМИТЕ НА СПЦ ВО ВРСКА СО МПЦ-ОА И ОДЛУКАТА НА ВСЕЛЕНСКАТА ПАТРИЈАРШИЈА

Молкот на Српската православна црква (СПЦ) по одлуката на Вселенската патријаршија да ѝ признае канонски статус на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) станува најголемата мистерија за црковната јавност во православниот свет.
Сите цркви чекаат одговор од СПЦ, но таа сѐ уште молчи. Што може да се крие зад молкот, какви дилеми и сценарија се во игра кај СПЦ?
„Нова Македонија“ истражуваше, а информациите велат дека СПЦ инстантно нема да се изјасни во врска со одлуката на Вселенската патријаршија сѐ до претстојниот собор на СПЦ, со работен карактер, закажан за 16 мај оваа година. Соборот, кој ќе започне на 15 мај и ќе има свечен карактер, од СПЦ велат дека е со историска тежина, зашто на него Српската црква ќе слави 100 години од томосот за автокефалност издаден од Вселенската патријаршија. Во споменатиот томос на СПЦ, епархиите од Македонија ѝ се дадени на СПЦ.
Соборот почнува во Сремски Карловци, локација што српскиот собор ја одреди за нивниот „историски момент“, со литургии за единство на СПЦ, а веќе следниот ден ќе продолжи во Белград, со работен дел на состаноци.
Како што дознава „Нова Македонија“ од свои извори, во подготвениот дневен ред има три точки за разговор. Првата точка се Украина и односот на Вселенската патријаршија и на Руската православна црква, при што се очекува СПЦ да застане на страната на Руската црква. Втората точка на дневниот ред се Косово и односите со Србија. И третата точка, која е важна за нас, се МПЦ-ОА и анализа на одлуката на Вселенската патријаршија.
Неофицијалните најави се дека Српската црква ќе излезе со став дури откако ќе ги разгледа сите детали со сите претставници на соборот.
Нашите извори посочуваат дека соборот на СПЦ ќе констатира дека вселенскиот патријарх направил упад во СПЦ во период кога СПЦ и МПЦ биле блиску до решение на деценискиот спор.

– СПЦ тоа ќе го образложи така што ќе констатира дека губитници од одлуката на Вселенската патријаршија се и МПЦ и СПЦ. СПЦ ќе смета дека е губитник затоа што ѝ се одзема правото на менаџирање со процедурите за доделување томос, а на тој начин и омаловажена. Заклучокот на соборот на СПЦ, според информациите на „Нова Македонија“, ќе биде и дека МПЦ е губитник затоа што ѝ се одзема придавката македонска. Со тоа, таа ќе се отвори нов проблем, поточно спор со Бугарската црква, токму поради името Охридска архиепископија и кому тоа име му припаѓа – посочуваат изворите.
Истите извори велат дека со „одземањето на придавката македонска за МПЦ“ е задоволен интересот на Грчката црква. Дополнително, во врска со истото тоа, на МПЦ со бришењето на придавката ѝ е создаден проблем со „управувањето со епархиите во дијаспората“.
Според овие информации, соборот ќе треба да донесе одлука со која „меко“ ќе му стави до знаење на патријархот Вартоломеј дека е „еден од виновниците“ за војната во Украина, со тоа што признал автокефална црква и го поделил народот. Во истиот контекст, тој би требало да биде прозван дека е поврзан политички со Американците, а дека одлуката на Вселенската патријаршија за МПЦ ја донел по сугестија на американскиот амбасадор во Србија, Кристофер Хил.
Нашите извори велат дека ова е најверојатното сценарио што треба да се очекува како одговор од Српската црква и кое, на некој начин, треба да предизвика поделба на јавноста во Македонија.