Фото: Игор Бансколиев

Во интерес на пошироката јавност, „Нова Македонија“ направи новинарска опсервација на случувањата поврзани со „бранувањето на ставовите“ кај еден дел од пензионерите, при што ги пренесуваме мислењата и ставовите на сите засегнати страни, како и ставот на претседателката на СЗПМ, Станка Трајкова

ПЕНЗИОНЕРСКОТО (НЕ)ЗАДОВОЛСТВО КАКО ПОВОД

Изминатиот период се случија одредени бранувања и протести кај дел од пензионерите поврзани со состојбите во СЗПМ и неодамнешниот избор на новото раководство, како и во однос на располагањето и трошењето на пензионерските пари од членарина и солидарниот фонд за посмртна помош. Од Иницијативниот одбор на пензионерското движење „Тука сме“ излегоа со став дека изборите во СЗПМ биле извршени со „непочитување на пропишаните норми“, при што изразија и сомневање за „ненаменско трошење на пензионерските пари“.
Тие бараат средба со министерката за труд и социјална политика, како и организирање посебна трибина, под нејзино покровителство, на која покрај нив би учествувале и претставници на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија, претседателката на СЗПМ и претставници на други субјекти што имаат допирни точки со пензионерската проблематика и отворените прашања од нивна страна.
Се огласија и од партијата на пензионерите, од каде што сметаат дека состојбите во пензионерската организација укажуваат на потребата од сериозен ангажман за нивно анализирање.
– Особено во делот на организирањето, изборите за раководствата на сите нивоа, и прибирањето, располагањето и трошењето на средствата од членарината, кои за секој пензионер се шест евра на годишно ниво, но достигнуваат милионски суми кога ќе се земе вкупната бројка на пензионери, кои се над 330 илјади – сметаат од Партијата на пензионерите. Но оттаму негираат каква било поврзаност со протестите, отфрлајќи ја политичката заднина како опција.
Во врска со сите овие случувања со свое видување се јави и Станка Трајкова, претседателка на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија (СЗПМ).
Таа специјално за „Нова Македонија“ дава и хронолошки осврт, изнесувајќи ги и своите аргументи во однос на сите овие случувања.

-На 28.3.2023 година имаше протест на група пензионери пред седиштето на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија за нерегуларности во изборите во Здруженијата на пензионери и Сојузот (изборот во Сојузот сѐ уште не беше извршен). Критики имало и ќе има. Ако тие критики се направени врз база на соодветни анализи, поткрепени со факти и аргументи, тие критики се позитивни и корисни, но во спротивно носат немир, разединување и поништувајќи на сето она од кое имале корист во случајов илјадници пензионери низ десетици и десетици години. Да се протестира не е забрането, но треба да се соодветни времето, местото, начинот, кој стои зад ова и целта на протестот, а тие што протестираат да бидат луѓе со принципи и достоинство признаено од мнозинството – нагласува Трајкова.
Таа изнесува и низа свои аргументи во однос на времето, местото, начинот, целта, поврзано со протестите.
– Зошто не се протестираше пред изборите во здруженијата или се чекаше на резултатите, па кога одредени личности не добија доверба од своите другари, колеги и пријатели, решија да протестираат, но ако беа избрани немаше да протестираат. Изборите и прашањата за одредени работи се решаваат најнапред во разграноците, па во здруженијата и во Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, преку давање препораки, насоки и известувања. Таму се добива и довербата и од таму се почнува решавање на одредени прашања. Од таму се црпе легитимитетот. Се поставува прашањето што сака да се постигне? Дали целта е од лични побуди или за доброто на сите 300.000 пензионери? Што се бара? Да нема хуманитарна помош? Пензионерите да седат затворени дома? Да нема активности, дружења…? Меѓу тие што протестираа или можеби ги организирале протестите за раздвојување на членарината има луѓе што со години биле учесници и ги фалеле овие активности, добивале помош, учествувале на ревии, на спортски натпревари и друго, но тогаш биле меѓу избраните. Зошто сега не се избрани треба самите да се запрашаат? – нагласува Трајкова.
Претседателката на СЗПМ ја наметнува и дилемата дали, всушност, ова има и друга заднина, кој не се однесува на подобрувањето на животот на пензионерите?
– Негодувањето треба да се артикулира преку Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, и тоа за: нова листа на лекови, за подобар стандард, покачување на лимитот за ослободување од партиципација за болничко лекување, за лекар и подвижни аптеки во рурални средини, отворање старски домови и геријатриски центри и друго, а за развивање на социјално-хуманитарната дејност Сојузот може да им држи лекции на оние што велат дека тие би можеле да го прават тоа подобро! – категорична Станка Трајкова, претседателка на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија. А.Д.