Фото: Игор Бансколиев

Отворањето „културни клубови“ со називи, односно имиња на контроверзни историски ликови, препознаени како соработници на фашизмот, а кои се Бугари со изразено антимакедонистичко дејствување, претставува „носечки проект“ на политиката на актуелна Софија, со која се чини сака да издејствува две работи: измени во македонскиот устав, за стипулирање на бугарското малцинство во него и со нов статус, и провокација за македонското општество, за пред ЕУ да биде претставено како недемократско, со изразена омраза спрема Бугарите

Бугарски културни клубови со програмски предвидени провокации, називи и со говор на омраза

По отворањето на „приватните бугарски културни клубови“ во Македонија, вчера се отвори и т.н. „државен културен клуб“ во Скопје, како пандан на македонскиот Културно-информативен центар во Софија. Навистина, при Амбасадата на Бугарија во Скопје одамна функционира ист таков културно-информативен центар, кој до пред извесно време, раководен од претходната директорка, работеше исклучително активно, а многу коректно и педантно реализираше проекти на размена на искуства на авторитети со висок уметнички и културен углед и достигнувања (на пример, со гостувања на бугарски драмски автори и режисери, кои од своите колеги во Македонија беа и сѐ уште се респектирани).
Но таквите заемно уважувачки проекти и соработка за респект, која се развиваше во насока на постапки достојни за поддржување, и што можеа да послужат како образец во поширок контекст, па дури и за надградба на односите помеѓу државите, наеднаш се прекинаа, откако македонските евроинтеграции за Бугарија станаа цел за себе и по себе за реализација на анахроните политики на Софија. со атрибути на хегемонија, односно нивно посегнување кон историјата, јазикот, традицијата, културата на македонскиот народ и македонската држава.

Софија креираше и ја засили својата кампања за нечие „бугарско
освестување“

Како некаков предизвик во билатералните односи меѓу Македонија и Бугарија, откако македонските евроинтеграции се под уцена на бугарското вето во ЕУ, источниот ЕУ-сосед постојано бара форми и начини како на своите анахрони историски аспирации спрема Македонија да им даде европски аргумент и тежина. Од појавата на т.н.француски предлог на прегoварачката рамка за Македонија, во која услов за отворањето поглавја во преговорите се уставни измени за внесување одредено самодекларирано бугарско малцинство во земјава, Бугарија ја засили својата кампања на негово „освестување“. Отворањето „културни клубови“ со имиња на контроверзни историски ликови, препознаени како соработници на фашизмот со изразено антимакедонистичко дејствување, претставува „носечкиот проект“ на бугарската политика спрема Македонија, со која се чини сака да издејствува две работи: измени во македонскиот устав, за стипулирање на бугарското малцинство во него и со нов статус, и провокација за македонското општество, за пред ЕУ да биде претставено како недемократско, со изразена омраза спрема Бугарите. Притоа, бугарската политичка елита е задоволна што своите асимилаторски аспирации спрема Македонија и македонската нација успеа да ги спакува како барање за заштита на човековите (малцинските) права, иако не помислува да направи реципрочен гест за македонското малцинство во Бугарија.
Уценувачко-провокаторската политика со отворање клубови со спорни имиња се разбира дека очекувано создава амбиент за револтирана реакција во македонското општество, што резултираше со измена на Законот за именување на здруженија и фондации (според кој бугарските клубови треба да се преименуваат до 15 февруари), но и обиди за физичко демолирање на клубовите. Исто така очекувано, по секој инцидент поврзан со клубовите создадени со фундаментална провоцирачка намера, има дипломатски реакции на протест, незадоволство и осуда од министерствата за надворешни работи на Бугарија, но и на Македонија.

Културните клубови што ги отвора Бугарија во Македонија
се претворија во алатка за провокација на македонските граѓани

Во последната таква епизода, Македонија и Бугарија го осудија нападот на клубот „Цар Борис Трети“ во Охрид, трет инцидент по ред за месец и половина од неговото отворање. Скопје оцени дека станува збор за вандалски чин, додека од Софија стигнаа остри реакции дека станува збор за брутален акт на омраза. Протестна нота испрати и бугарското МНР, кое најави дека на македонската амбасадорка во Софија ќе ѝ врачи остар демарш по повод нападот врз бугарскиот културен клуб во Охрид.
Македонското министерство за надворешни работи и премиерот Димитар Ковачевски упатија пораки за одговорно однесување, негување на добрососедските односи и почитување на европските вредности кон кои цели земјата.
– Граѓаните да бидат достоинствени, да се однесуваме во согласност со европските манири – порача Ковачевски, а од надлежните институции се бара итна истрага за расветлување на инцидентите.
Во контекст на инцидентите, бугарскиот претседател Румен Радев уште еднаш порача дека нема да биде тргнато ветото за почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ сѐ додека не бидат внесени Бугарите во македонскиот устав, ставајќи на знаење дека Бугарија нема намера да се откаже од својата политика на притисок, провокации и манипулација со принципите на ЕУ.
– Очигледно е дека т.н. културни клубови што ги отвора Бугарија во Македонија нескриено се користат како алатка за провокација на македонските граѓани, општеството и државата за изнудување на уставните измени. Навистина е несфатливо зошто Бугарија толку инсистира на лоши односи со Македонија и македонскиот народ, со правење блокади од измислени причини на македонскиот пат до ЕУ. Уште полицемерно е што притоа не се откажува од својот традиционален наратив за Македонците како „братски народ“. Тоа, секако, се болни удари за Македонија, а невозможно е и ЕУ да не гледа дека Бугарија манипулира со вредностите на Унијата и ги злоупотребува за уценување на Македонија. Едно од објаснувањата за таквиот попустлив однос на ЕУ спрема Бугарија е што нејзиното однесување ѝ создава изговор за немањето визија што сака да направи со регионот на Западен Балкан. Во ЕУ сѐ уште сметаат дека е политички некоректно да кажат отворено дека не сакаат понатамошно проширување, па добредојдено им е ваквото уценувачко-провокаторско однесување на земјите-членки спрема земјите-кандидати, како ова на Бугарија спрема Македонија – вели политичкиот аналитичар Александар Пандов.

Отворањето бугарски културни клубови во Македонија е дел од
„извежбаната“ бугарска политика спрема Македонија

Замижувањето на ЕУ пред нечесните хегемонистички намери на бугарските барања за менување на македонскиот устав и помошта да ги артикулира како „малцински права“ ја прават Унијата соучесник во прекршувањето на нејзините вредности и принципи, особено што го премолчува и толерира неспроведувањето на Бугарија на пресудите од Европскиот суд за човекови права за да им овозможи право на здружување на Македонците во Бугарија. Од една страна, ЕУ бара уставни измени во Македонија за „човекови права“ на Бугарите, а има „замаглен вид“ кога Бугарија не им ги дозволува истите такви права на Македонците во таа земја, верифицирани во пресудите на Судот во Стразбур. Слично како и за малцинските права на Македонците во Бугарија, ЕУ не ја перципира ниту провокацијата со фашизам во имињата на клубовите што се претставуваат како „културни“, кои ги отвора нејзината членка во Македонија.
– Отворањето бугарски културни клубови во Македонија е дел од „извежбаната“ бугарска политика спрема Македонија, маска зад која се кријат пропаганда и провокации. Самите имиња на клубовите се нескриена провокација со фашизам. И ЕУ наместо да го осуди тоа, очигледно го толерира. Всушност, таквата толеранција на ЕУ на фашистичките провокации и не зачудува, со оглед на фактот дека од Денот на Европа, 9 Мај, го отстранија значењето на Ден на победа против фашизмот. Под маската на културни клубови, бугарската политика има намера да ја спроведува својата историска пропаганда. Историјата и археологијата се две научни дисциплини што им се многу „мили“ на политичарите, затоа што се најпогодни за постигнување одредени политички и национални цели, кои немаат ништо заедничко со науката – затоа што целта на историската наука не е да поддржува и оправдува, а најмалку од сѐ да „докажува“ политички цели, туку објективно да го изучува минатото – вели универзитетската професорка, историчарката Наде Проева.


НАЈНОВА БУГАРСКА ПРОВОКАЦИЈА
Македонскиот јазик изоставен од таблите

Вчера, на отворањето на подновениот Културно-информативен центар (КИЦ) на Република Бугарија во Скопје, забележливо беше отсуството на македонскиот јазик на информативните табли, што може да се оцени како нова провокација. Пред влезот на центарот, означувачките табли со името на овој бугарски „државен клуб“ се само на англиски и на бугарски јазик, а не е забележано означување на официјалниот јазик на земјата домаќин – македонскиот јазик. На тој начин, уште на влезот во овој бугарски КИЦ во Скопје се чини се упатува отворена порака во центарот на главниот град на Македонија, во духот на „традиционалната провокација“ на бугарската политика за непризнавањето на македонскиот јазик. Освен како, провокација ваквиот чин на изоставување на официјалниот јазик на државата домаќин е спротивен и на законските прописи, за што се чека реакција од надлежните македонски институции.