Фото: Игор Бансколиев

Клучната дилема пред која е исправен секој граѓанин во оваа држава е зошто воопшто гласа на избори, дали за да му биде нему подобар животот како што е во секоја нормална држава или, пак, за да им го зголеми финансиското конто на тие што ги изгласал. Вака како што сега стојат работите произлегува дека македонските граѓани се само обична гласачка машинерија што служи само за давање легитимитет на поединци и партии за полнење на нивните џебови, а притоа народот од година на година тоне во сè подлабока сиромаштија

Главен предизвик за влез во политиката: Располагање со јавните пари!?

Македонските граѓани се сведоци на децениско урнисување на државата по сите нејзини основи, а вината за таквите состојби треба исклучиво да се бара во т.н. новопечени квазиполитичари, кои како носители на јавна власт или државни функционери ја сфаќаат таа можност како извонредна шанса за лично богатење и бенефиции за партијата наместо како шанса да сработат нешто во интерес на граѓаните и на сопствената држава.

При „располагањето“ со јавните пари, грото од политичарите се водат од личните и партиските
интереси

Јавноста памети стотици политичари што продефилираа изминатите три децении на македонската политичка сцена, влегувајќи во политиката како луѓе од народот, а излегувајќи како новопечени богаташи со експресно заработени станови, дуќани, ексклузивни плацеви, бизниси, автомобили, пари, како и многу други бенефиции што ги искористиле додека биле на функција, а продолжуваат да ги користат и подоцна.
Ако на сето ова се додадат немањето ефикасен закон за потекло на имот, политизираното судство, кое како по правило никогаш не гони високи функционери, коруптивната спрега меѓу бизнисот и политиката, тогаш станува јасно дека во Македонија во политика се влегува единствено за лично и партиско богатење и за ништо друго.
Впрочем, таквата перцепција се потврдува и со најновото истражување на јавното мислење на Институтот за политички истражувања – Скопје, спроведено за емисијата „Детектор“, кое покажа дека 80,4 отсто од анкетираните граѓани сметаат дека при трошењето на јавните пари политичарите се водат од личните и партиските интереси, наспроти само седум отсто што сметаат дека при трошењето на јавните пари политичарите се водат од интересот на граѓаните.
Во една таква ситуација, клучната дилема пред која е исправен секој граѓанин во оваа држава е зошто воопшто гласа на избори, дали за да му биде нему подобар животот како што е во секоја нормална држава или, пак, за да им го зголеми финансиското конто на тие што ги изгласал. Вака како што сега стојат работите произлегува дека македонските граѓани се само обична гласачка машинерија што служи за давање легитимитет на поединци и партии за полнење на нивните џебови, а притоа народот од година на година тоне во сè подлабока сиромаштија.

Сè додека од политичарите не се бараат отчетност и одговорност, тие ќе продолжат да се водат исклучиво од личните и партиските интереси

Универзитетскиот професор во пензија Борче Давитковски смета дека политичарите ќе продолжат да се водат исклучиво од личните и партиските интереси кога станува збор за трошењето на народните пари сè додека од нив не се бараат отчетност и одговорност.
– Од самостојноста до денес демократијата кај нас ја сфаќаме само да се приграбат власта и привилегиите. Не ја сфаќаме како отчетност и одговорност. Тоа е опачината на демократијата. Не е само работата да ја грабнеш власта, туку треба да бидеш отчетен и одговорен за она што си го сработил. За жал, сè додека некој не одговара за погрешни политики, за погрешно водење на државата, за погрешни решенија било на влада или на конкретен министер, на бирократијата што со години го шиканира народот, на судовите што ништо не решаваат, додека нaе проработи принципот на отчетност, а особено одговорност, сè ќе биде вака како што е, лошо – вели Давитковски.
За него нема никаква дилема дека кај нас практикувањето на власта е само заради богатење на поединци и нивните партии, без да се води сметка за интересот на граѓаните.
– Секој сака да ја освои власта и да го товари магарето бидејќи знае дека што било да направи нема да одговара. Можеби кога ќе му истече мандатот ќе се почне некаква постапка, но тоа брзо ќе се забошоти и делото по некоја случајност ќе застари. Можеби некои маргиналци и ќе одговараат за нешто, но оние високи функционери што ги носат одлуките, тие остануваат по правило недопирливи. Очигледно постои некој џентлменски однос меѓу лидерите на политички партии да не се одговара. Никој досега од крупните риби, од највисоките нивоа на политичко одлучување, нема одговарано овие три децении. Сè додека тие не одговараат, ќе продолжат да си се богатат на функциите, а народот ќе осиромашува – категоричен е професорот Давитковски.
Тој направи и една паралела за односот на функционерите во развиените европски демократии, кои доколку не работат во интерес на граѓаните, веднаш се соочуваат со нивен одговор.
– Во Франција, на пример, вие може да ја тужите француската влада за носење на некој закон што им причинува штета на граѓаните. Кај нас тоа е измислена именка. Политичарите кај нас не одговараат пред народот што ги избира, туку одговараат пред своите политички лидери.
Сè додека не се промени тој код, односно менталитетот на политичарите, ќе тонеме. Јас во овој момент не гледам некој што би се залагал за отчетност и одговорност и кој би ја вршел функцијата во интерес на граѓаните и државата. Без отчетност пред народот, особено кога некому ќе му истече мандатот, нема ништо. Имаме закони со кои може да се утврди потекло на имот, но институциите не работат како што треба – истакнува Давитковски.

Според него, ако сакаме оваа лоша практика на ограбување на народот и државата конечно да прекине, мора да изградиме концепт, според кој, сите што ќе имаат намера да се занимаваат со политика ќе бидат подготвени да го прават тоа на транспарентен и одговорен начин.
– Ние сме мала држава, но мораме да изградиме некакви принципи врз кои ќе се практикува власта. Потребно е да се изгради еден концепт каде што сите што сакаат да се занимаваат со политика ќе треба да го почитуваат таквиот концепт. Не смееме да дозволуваме во политиката да влегуваат луѓе со неформално и несоодветно образование, да стануваат директори, раководители, пратеници… Доволно е да се види само нивото на дискусија во парламентот. Кога кај нас група пратеници предложиле некаков закон? Тука народните избраници чекаат Владата да предложи закон. На прсти може да се избројат таквите случаи во изминатите 30 години, кога пратениците седнале и напишале некаков закон во интерес на граѓаните без да ја прашаат Владата. Ретко се случило такво нешто. Дури и некој пратеник да предложи закон, мора да оди на мислење кај Владата и ако таа не го одобри, попусто е сè. А формалноправно, Собранието е тоа што ги носи законите и кое врши политичка контрола на Владата, додека кај нас испаѓа обратно. Сите механизми ни се измешани – посочува Давитковски, притоа додавајќи дека во земјава, наместо демократија, владее партократија и затоа без мера се трошат народните пари, кои наместо во проекти што треба да им го подобрат животот на граѓаните, завршуваат во џебовите на поединци и во партиските каси.


Уставниот суд го укина членот што предвидуваше паричен надоместок за избран или именуван функционер во оставка

За функционер што поднел оставка не следува апанажа

Уставниот суд на вчерашната седница го укина членот 22 од Законот за плата и другите надоместоци на избрани и именувани функционери. Содржината на овој член е дека пратеник, функционер и раководен работник што поднел оставка или е разрешен од должноста пред истекот на времето за кое е избран, именуван или назначен ги има сите права како другите функционери, меѓу другото, и право на надоместокот популарно наречен „апанажа“.
Овој член, според судот, нема уставна оправданост. Судот го зема предвид фактот дека до оставка или до разрешување доаѓа поради некаков вид одговорност поврзана со вршењето на доверената функција. Според судот, оставката и добивањето паричен надоместок во вакви случаи се меѓусебно неспоиви. И затоа е донесена укинувачка одлука, одредбата е спротивна на владеењето на правото, кое е една од темелните вредности на нашиот устав, предвидена во членот 8.
Иницијативата е поднесена на почетокот на 2022 година, од страна на Глигорие Ќатоски, адвокат од Струга. Оспорени беа седум члена од Законот, од 19 до 25, но судот го оцени само членот 22 како спротивен на Уставот. Оваа одлука на Уставниот суд е конечна и влегува во сила откако ќе се објави во „Службен весник“.