Дводомниот парламентарен концепт се совпаѓа со концептот на сложени, федерални држави, а нашата држава не е таква. Тој предлог води кон федерализација на Македонија и е во целосна спротивност на унитарниот карактер на државата, кој, патем, е договорен и гарантиран од меѓународната заедница во Охридскиот договор, по конфликтот во 2001 година
Проекциите на претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, за, според него, „логичните последици“ за македонското општество и држава доколку не се изгласаат уставните измени и не почнат ефективните преговори за членство во ЕУ, водат до една веќе слушната идеја низ годиниве на независност на Македонија – за дводомен парламент. Таа идеја одвреме-навреме е промовирана од политичари од албанскиот блок, а секое нејзино реактивирање обично како крајна цел има рекомпонирање на досегашниот единствен и неделив, унитарен карактер на Македонија кон дводомност и федерализација на државата.
Откривање на „скриениот адут“ наречен дводомен парламент
Според познавачите на континуитетот на политичките состојби во Македонија, нечијата „привлечност“ на идејата за дводомен парламент, која неодамна ја реафирмираше Арбен Таравари, е фактот што таа треба да биде поткрепена најчесто со некаква (за почеток) „регионална поделба на државната територија“!
Па, во нафрлениот пакет од идеи на Таравари за дводомен парламент се споменува можност за регионализирање од видот на „20 развиени општини и можеби еден парламент (дом) со 20 градоначалници, а еден парламент со пратеници, како Конгресот и Сенатот во САД“. Експерти за политичко уредување потсетуваат дека токму регионализацијата е еден чекор до федерализација, односно поголема самостојност во одлучувањето на федералните единици, вклучувајќи го и правото на самоопределување до отцепување на мнозинскиот етникум (внатре, во регионот). Позната и применета формула во блиското минато од распаѓањето на југословенската федерација, која навистина мина низ крвав процес на национално-државно редефинирање, кое се чини сѐ уште не е завршено. Всушност, и самиот Таравари бара да се врати македонскиот устав од времето на Југославија, од 1974 година, но само во делот на решенијата за локална самоуправа, каде што општините имале поголема самостојност во одлучувањето.
Во тој контекст, идејата за дводомен парламент често спомнувана од албанскиот фактор во Македонија претставува своевиден сфумато-адут за некаков легален тек и процес на федерализација, односно формула според која делот од државата населен со мнозинско албанско население би добил „право на самоопределување до отцепување“. Инспирацијата и поттикот за ваквите, очигледно, незгаснати национални фантазии за „државно-ентитетско окрупнување“ веројатно се поткрепени со извојуваната независност на Косово, иако и понатаму е критична точка на регионот Западен Балкан, кој се стреми кон Европската Унија.