Детското одморалиште „Пелистер“ напуштено и заборавено од сите
И годинашниот зимски распуст заврши за учениците. Но, за жал, децата од Битола, и по девет години, откако „привремено“ беше заклучено, останаа без своето детско одморалиште „Пелистер“. Децата и зимава немаа можност да уживаат во чистиот воздух и природата во ова некогаш најпосетено одморалиште, во кое зимските одмори ги поминуваа илјадници деца, не само од Битола туку и од земјава.
Повозрасните битолчани добро се сеќаваат – порано пред секој зимски распуст битолските родители мака мачеа како да ги запишат своите деца да зимуваат токму на Пелистер. Интересот за зимување во одморалиштето, проследено со скијање и санкање на Пелистер, беше огромен. Не само од Битола туку и од другите градови во Македонија интересот за престој на Пелистер, особено во зима, беше далеку над капацитетот на одморалиштето. Тие години се користеа секакви „врски“ за да се дојде до легло на Пелистер. Покрај од Битола, најголемиот број од нив беа деца од Велес и скопската населба Петровец, кои на Пелистер, во организација на Министерствата за труд и социјала и на Министерството за екологија, доаѓаа да ги наполнат своите бели дробови со свеж и чист пелистерски воздух.
Покрај раководството на детското одморалиште „Пелистер“, и Министерството за труд и социјала и Министерството за животна средина мака мачеа како да ги задоволат барањата на заинтересираните дечиња и родители што сакаа да зимуваат на Пелистер за да скијаат и да дишат чист воздух.
Денес кога Битола „се дави во нечист воздух и се задушува во чад“, на Пелистер, во кој, како што велат екологистите, „кислород има колку ти душа сака“, од детскиот џагор нема ни трага ни глас. Од пред повеќе од девет години, кога концесионерот се откажа да управува со одморалиштето и му стави клуч на детското одморалиште „Пелистер“, тоа за децата не само од другите градови, туку и за битолските, стана неостварлива пуста желба. Откако се затвори, по неколкуте неуспешни продажби, на одморалиштето е ставен – катанец. Така, речиси една деценија е заклучено и оставено да пропаѓа, заборавено и од претходните концесионери и од надлежните.
Неуспешни обиди за продажба
Во изминатиот период во неколку наврати детското одморалиште „Пелистер“, кое, за разлика од другите такви одморалишта во државата, сѐ уште не е целосно руинирано и е доста зачувано, повеќепати беше дадено на продажба, но, за жал, на неколкуте електронски аукции не се јави никој заинтересиран да го купи. Иако во првиот момент се сметаше дека поради атрактивноста на одморалиштето и поволната цена, од околу 400.000 евра, ќе се јават заинтересирани да го купат одморалиштето, сепак не се случи тоа.
Подоцна Министерството за труд и социјала распиша уште три аукции за електронска продажба на одморалиштето, но сите тие пропаднаа. На крајот, на последната аукција одморалиштето беше понудено да се продаде за 48.646.684,50 денари, или нешто повеќе од 800 илјади евра, колку што изнесуваше почетната цена, но повторно никој не се јави.
По неуспешната четврта аукција, на одморалиштето му беше ставен катанец и оттогаш не е организиран ни летен ни зимски одмор за учениците. Со тоа буквално се запечати судбината на детското одморалиште „Пелистер“.
И политичарите немоќни да најдат решение
Во изминатите години пред секои избори (без разлика дали се претседателски, парламентарни или локални), детското одморалиште „Пелистер“ постојано беше предмет на меѓупартиска пресметка, но иако во изминатите над девет години се сменија локалните власти на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, ниту една од нив не успеа да го стави во функција одморалиштето.
Тоа не ѝ успеа ни на независната советничка група „Поинаку“, која раководи со советот и која за време на локалните избори го искажа својот револт поради состојбата во која се наоѓа(ше) детското одморалиште „Пелистер“, кое веќе неколку години не работи и е оставено да пропаѓа на невообичаен начин.
– Денес, понесени од тишината што веќе пет години доминира на местото каде што поминаа генерации деца и млади, се одлучивме на мал чекор со една симболика преку цртежи од деца да потсетиме на децениите наназад, кога секое лето и зима тука имаше деца од цела Македонија и Југославија. Во џагор, преку забава и игра, се дружеа и ги запознаваа знаменитостите на Баба Планина, во чист воздух и здрава животна средина. Ова место беше симбол на другарството, на првото детско осамостојување, на првите скијачки акробации и детски забави. Сега сето тоа е замрено, во длабока тишина и уште еден неуспех на минатата и сегашната власт, која никако да го реши проблемот со рестартирање, или да се започне негова рехабилитација во репрезентативен објект, кој ќе ги понуди сите содржини што му се потребни на едно дете за негово нормален развиток – беше пораката што независната група „Поинаку“ пред изборите ја испрати до битолската јавност.
Но во последно време не само партиите туку и советниците на „Поинаку“ молчат и не пуштаат глас за детското одморалиште „Пелистер“. Одеднаш, како и за другите политички партии, и за нив судбината на детското одморалиште „Пелистер“ стана небитна. Сите се вадат дека немаат надлежност за детското одморалиште и дека за неговата судбина единствено е надлежно Министерството за труд и социјална политика.
Неуспешно префрлање на топката
Пред извесно време локалната самоуправа на Битола испрати барање до Министерството за труд и социјална политика и побара одморалиштето да ѝ се даде на управување на Општината. Но оттаму добија негативен одговор, во кој се наведуваше дека тие имаат намера да го реновираат одморалиштето и повторно да го разработат, но, за жал, не напишаа кога имаат намера да го направат тоа.
Во тоа префрлање на топката кој е (не)одговорен за пропаѓањето на одморалиштето никој не чувствува вина што пропаѓа еден таков објект, кој во овој момент, кога Битола и битолчани се дават во нечист воздух, многу добро ќе им дојдеше барем на најмладите битолчанчиња да дишат чист воздух.
Да се стави клуч на едно од најубавите детски одморалишта во Република Македонија, какво што е детското одморалиште „Пелистер“ и тоа сега, кога најголемиот број, не само битолчани туку и граѓани на Република Македонија, и млади и стари, се жалат на енормното зголемување на загадениот воздух што го дишат и кога поради нечистиот воздух многумина заболеа од тешки болести, навистина е, во најмала рака, грев.
Кога тоа беше во функција, поради огромниот интерес на децата, и смените беа намалени, па, така, многу често наместо седумдневни летни одмори, се практикуваше тие да бидат скратени на пет дена.
Децата, покрај на чистиот воздух и дебелите сенки под моликовите дрвја, секојдневните претпладневни и попладневни прошетки, најмногу им се радуваа на „часовите“ за слободни активности, вечерните игранки и журки, кога некои од нив ги доживеаја и своите први љубовни романси.
Во детското одморалиште „Пелистер“ сега нема ни трага ни глас од некогашната весела детска атмосфера. Сега таму најгласно „зборува“ само тишината.
Иронијата да биде поголема, пред детското одморалиште „Пелистер“ не само што ги нема дечињата туку ги нема ни детските цртежи, кои беа неми сведоци на неуспешните државни и локални политики, кои се покажаа како неспособни да го стават во функција едно од најубавите детски одморалишта не само на Пелистер туку и во државата.
Менде Младеновски, за „Нова Македонија“ од Битола