Енергетската криза, зголемените трошоци за струја и студениот бран што деновиве го зафати европскиот континент ја поттикнаа јавната дебата низ Европа за некои до скоро невообичаени прашања. На пример, како најдобро да се заштеди енергија? На колку степени да се нагодат термостатите? Граѓаните на Германија, Франција и на Британија имаат свои искуства, а секој на свој карактеристичен начин се справува со овие предизвици…

Како граѓаните на Германија, Британија, Франција зимава се справуваат со енергетската криза

Со опаѓањето на температурите и зголемените трошоци за струја, Европејците се принудени да ги намалат своите потреби по пат на штедење и откажување од одредени навики. Дури и во релативно богатата Западна Европа, луѓето ја рационализираат потрошувачката на енергија. Германија ја регулира температурата на работните места, француските политичари се фотографирани со зимски јакни во затворен простор, во обид да дадат водечки пример. Во Британија, пак, лондонските пожарникари сметаа дека е неопходно да ги предупредат жителите да не палат отворени огнови дома.

Германија: Регулирање на термостатот според видот на работата

Термостатите на многу работни места во Германија се намалени на 19 степени Целзиусови во согласност со владините прописи. Ако работниците стојат или се активни, бројчаникот се спушта за дополнителен степен. За оние што работат работи за кои е потребна „тешка“ физичка активност – користење електрични алати, преоптоварување, копање и сечкање – законот наложува работна температура од 12 степени.
– Секој заштеден киловат-час помага малку да се ослободиме од зависноста од испораките на руски гас – се вели во новата регулатива, позната како „Уредба за обезбедување на снабдувањето со енергија преку краткорочни ефективни мерки“.
Некои простории во јавните згради, вклучувајќи ги и заедничките места каде што луѓето не се задржуваат, како што се салите и ходниците, воопшто не можат да се загреат. Има исклучоци за болниците, домовите за стари лица и училиштата.
– Во однос на продуктивноста, работодавачот исто така мора да има интерес вработените да не страдаат од хипотермија – изјави за „Дојче веле“, Анет Вал-Вахендорф, потпретседателка на Здружението на германските компании и работни лекари. Таа препорача топол чај, ручек-прошетки, ќебиња и два пара чорапи.
Германските власти се надеваат дека јавниот сектор ќе послужи како „добар пример“. Во приватните домови, мерките се „понежни“ – спуштањето на термостатот е охрабрено, но не е потребно.
Меѓутоа, истото тоа не може да се каже за владините и приватните станбени блокови, каде што греењето се контролира централно. Станбените здруженија во Берлин одлучија да обезбедат греење само до 17 степени ноќе и 20 степени во текот на денот.
Јута Хартман од Германското здружение на станари изјави за вестите на РТЛ дека го смета овој потег како непотребен со оглед на зголемените трошоци за греење.
– Не гледаме никаква потреба, бидејќи станарите природно сакаат да штедат – рече таа.

Британија: Трошоците за струја двојно повисоки од лани

Британија го имаше најжешкото лето досега, над 38 степени Целзиусови; благ ноември во кој почнаа да цветаат афион; и тогаш, пресврт, декември беше со замрзнат дожд и снег.
Во саботата, Британија ја откри кампањата за јавниот сервис под слоганот „Сето тоа се собира“. Владините совети беа: со намалувањето на радијаторите кога не сте во соба може да заштедите 70 фунти (85 долари) годишно и приспособувањето на поставките на котелот така што ќе биде потребно малку подолго време за да ја достигне целната температура на просторијата може да заштеди 100 фунти (121 долари).
Британските власти, сепак, се загрижени поради тоа што луѓето го жртвуваат своето здравје за да заштедат пари за греење. Владата им препорачува на луѓето да ги загреваат просториите што често ги користат на температура помеѓу 18 и 21 степен Целзиусов.
– Носењето неколку тенки слоеви е подобро да се зароби топлината отколку да се носи еден дебел слој – советуваат официјалните лица, а „имањето многу топла храна и пијалаци е исто така ефикасно за да се загрее“.
Британија не е позната по екстремните временски услови, но веќе оваа зима, студениот бран предизвика температури под нулата, продлабочувајќи ја загриженоста за околу три милиони семејства со ниски приходи што се борат да ги загреат своите домови.
Во услови на неверојатни сметки за енергија, Владата одлучи да се вклучи со субвенции, со што просечната месечна сметка на домаќинството е околу 208 фунти (253 долари). Но тоа, сепак, е приближно двојно повеќе од трошокот од минатата година.
Сара Чепмен, менаџерка за застапување во Вандсворт фудбанк во јужен Лондон, рече дека членовите на персоналот се особено загрижени за оние на броилата за претплаќање – околу четири милиони луѓе, многу од нив сиромашни – кои треба однапред да платат за својата енергија.
– Буквално се среќаваме со луѓе што немаат ништо на мерачот. Значи, светлата се гасат, фрижидерот се гаси и тие сепак ја губат онаа малку храна што ја имаат во фрижидерот. Семејствата живеат во една соба за да заштедат на топлина и светлина. Еден господин треба да го чува инсулинот во фрижидер и тој се гаси. Ризиците по здравјето се огромни – рече таа.

Франција силно се потпира на добрата волја на своите граѓани

Кога Франција го претстави својот план за заштеда на енергија за оваа зима, премиерката Елизабет Борн рече дека 19 степени е „правило“. Таа очигледно цитираше регулатива што првпат беше воведена во нафтената криза во 1970-тите и пропишува дека сместувачките капацитети со централно греење треба да се одржуваат на просечна температура од 19 степени.
Компаниите теоретски би можеле да се соочат со илјадници долари казни доколку ги прегреат своите простории, иако нема знаци дека политиката се спроведува. Слично на тоа, парижаните што сакаат да бидат топли и здрави додека спијат, тешко дека полицијата ќе им тропне на вратата. Француската влада се потпира на добрата волја на своите граѓани.
– Извршната власт се потпира на доброволна трезвеност – коментира францускиот весник „Монд“.
Се очекуваат и одредени заштеди на енергија од неодамна воведените мерки за борба против климатските промени, вклучувајќи ја и забраната за надворешни топлински светилки на терасите во рестораните и кафулињата. Во Париз, терасите што беа преполни за време на пандемиските зими беа главно напуштени за време на студениот период минатата недела.
Франција постави систем за предупредување за недостиг од енергија за оваа зима, кој ќе ги предупреди жителите и деловните субјекти кога ситуацијата ќе стане критична. Во тој случај, јавните власти би ја намалиле топлината во нивните згради на 18 степени Целзиусови. Од бизнисите би било побарано да ги намалат внатрешните температури за два Целзиусови степени (за време на шпицот на потрошувачката.
За да избегаат од студот, некои Европејци одлучија да поминат подолги делови од зимата во посончевите делови на континентот, вклучувајќи ја и Шпанија, која исто така го ограничи греењето на 19 степени. Н.М.