Фото: Игор Бансколиев

Македонските политичари како да го изгубија чувството низ годините дека ако и во најмала дразба се појави чувството за неисполнети ветувања кон граѓаните, тие се должни транспарентно да се преиспитаат, да ги преслушаат својата совест, своите соработници, а и гласот на народот. А никако неспособноста да се реализира ветената програма редовно да се затскрива со илјадници други причини, кои никогаш не се поврзани со оној што го дал ветувањето. Затоа и имаме држава во која политиката се практикува на начин „купи ден продај“, наместо на реализација на програми и проекти што се важни за благосостојбата на граѓаните и за развојот на државата

Британската премиерка по само 45 дена
се повлече поради неможност да ги исполни планираното и ветеното, а македонските?

Задача на секој доблесен политичар е да го исполнува она што го ветил пред граѓаните и да се бори со сите сили да го реализира тоа, но практиката во Македонија во овие нешто повеќе од три децении самостојност покажа дека ветувањата што ги даваат политичарите служат само за да се доберат до власт, а потоа прекуноќ се заборава она што се ветило.
И не само што не се исполнуваат ветувањата, никој не чувствува ниту ронка одговорност пред граѓаните поради она што им го ветил, а не го исполнил. Напротив, во Македонија се прават чекори во обратна насока, односно се носат одлуки за кои граѓаните ниту им дале мандат на своите политички претставници за такво нешто, а уште помалку таквите одлуки биле ставени во нечија изборна програма. Едноставно кажано, политичарите во оваа земја три децении ги манипулираат сопствените граѓани и не чувствуваат ниту малку одговорност за тоа.
За разлика од кај нас, политичарите во развиените демократии се држат до она што го ветиле пред своите гласачи и во моментот кога ќе почувствуваат дека не можат да го испорачаат тоа што го ветиле, се повлекуваат од политичката сцена.
Таков беше и неодамнешниот чин на британската премиерка Лиз Трас, која по само 45 дена на власт, поднесе оставка на функцијата бидејќи почувствува дека не може да ја реализира програмата за која го добила мандатот.
– Прифаќам дека имајќи ја предвид ситуацијата, не можам да го исполнам мандатот врз основа на кој сум избрана во Конзервативната партија – изјави Трас, појаснувајќи ја одлуката за својата оставка.
Ваков чин на одговорност на македонската политичка сцена нема, а неспособноста да се реализира ветената програма редовно се затскрива со илјадници други причини, кои никогаш не се поврзани со оној што го дал ветувањето. Затоа и имаме држава во која политиката се практикува на начин „купи ден продај“, наместо на реализација на програми и проекти што се важни за благосостојбата на граѓаните и за развојот на државата.

– Да бевме ние, долгорочно наназад гледано, одговорно општество, понесувањето одговорност за неостварените ветувања и програми кај нас ќе беше вообичаена практика. Нормално е дека ако не можат да се остварат ветувањата, проекциите или резултатите што се навестени и ветени пред граѓаните, тогаш мора да се поднесе оставка и да се бара решение во рамките на поширокиот демократски процес, што подразбира почитување уставни законски одредби, нова демократска практика, висока политичка култура – вели универзитетскиот професор Живко Андревски.
Според него, постојат три клучни работи што им овозможуваат на овдешните политичари да не се повлекуваат кога ќе ги изневерат очекувањата на граѓаните.
– Прво, тоа е ниското ниво на политичка култура, второ, неказнување од страна на гласачкото тело поради неостварените ветувања, односно лажење на народот и трето, неодговорност во однос на генерациите што доаѓаат, според онаа формула, политичарот мисли на идни избори, а државникот на идни генерации. Кај нас, дури и најдиректните носители на власта го разбираат владеењето како политичари и политиканти, а не како државни функционери што се платени, односно привилегирани, за да го носат товарот на одговорноста – истакнува Андревски.
Тој уште додава дека е нормално да има некаков расчекор меѓу она што е ветено и оствареното, но клучните ветувања врз кои е конципирана програмата што ја поддржале граѓаните, мора да се оствари, во спротивно одговорност мора да има.

– Најбитно е структурните ветувања да се остваруваат, а дека има отстапувања што се на штета на граѓаните има и тоа ја разголува позицијата на политичарите, по што станува јасно дека станува збор за остварување лични, групни, партиски или други видови интереси. Тоа значи дека власта се смета за сопственост. Затоа и се случува да има неветени проекти, непотребни, историски, економски, политички неоправдани. Но доколку тие неветени остварувања исполнуваат барем два критериума, дека решаваат некој акутен проблем и дека придонесуваат за развој на општеството, тогаш може да се најде оправдание за таквиот потег. Но ако не решаваат проблем и не го стимулираат развојот, а се директно врзани за некакви јавни, но и прикриени интереси, тоа значи дека станува збор за типичен пример на неодговорно однесување – констатира професорот Андревски.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски проблемот со неисполнетите ветувања и немањето одговорност кај македонските политичари го лоцира во граѓаните.
– Тоа е затоа што граѓаните не ги казнуваат политичарите што не ги исполнуваат своите задачи дадени во мандатот. Нашата мината влада доби мандатни писма, во кои некои министри добија задачи и приоритети што премиерот ги имаше за нив. Ние ниту ги видовме, ниту, пак, се испорачани. Сè додека граѓаните не го казнуваат тој недостиг од одговорност кон својот мандат, политичарите нема да се грижат за тоа. Во Англија тоа чувство е поразвиено и затоа Лиз Трас мораше да ја каже причината на својата оставка токму така, дека не може да го исполни ветеното, иако, според мене, има друга причина поради која таа си заминува – вели Арсовски.