Според аналитичарите, образованието мора да биде приспособливо на брзиот технолошки развој и да има добри иновативни програми што ќе создаваат и градат стручен кадар, со соодветни вештини и знаења, кои ќе бидат препознаени и применети на пазарот на трудот. Но дали е така во Македонија
УПИСНИТЕ КВОТИ И СТУДИСКИТЕ ПРОГРАМИ КАКО ПОВОД
Деновиве во тек се уписите на факултетите низ државата, што ја наметнува и потребата од поширока опсервација и анализа за тоа какви се реалните состојби во сите сегменти. Она што на прв поглед паѓа во очи е дека соодносот помеѓу студиските програми во високото образование и потребите на стопанството и пазарот на трудот во Македонија се карактеризира со одредени противречности, но и изразена спротивност, за разлика од светските искуства и текови.
Или, со други зборови, образованието не генерира профили што му требаат на стопанството и недостигаат на пазарот на трудот. Така ни се случува истовремено да има зголемување на бројот на лицата што дипломирале на некоја од високообразовните институции, а истовремено да има недостиг од технички и високообразован електромашински кадар, како и недостиг од сметководители. Апсурдноста е уште поочигледна доколку се земат предвид податоците на Агенцијата за вработување, кои покажуваат дека од почетокот на 2022 година пристигнале околу 2.000 барања на странски државјани за вработување.Тоа значи дека како образовен систем и држава немаме усогласена политика и стратегиско планирање што им е потребно на економијата и на државата од аспект на стручен кадар.
Од друга страна, зголемувањето на бројот на студентите на високообразовните институции во Македонија е во спротивност со светските текови. Неколку светски истражувања покажуваат дека младите сѐ помалку имаат причина да му се посветат на високото образование. Според познавачите, оваа состојба се должи пред сѐ на недоволната координација помеѓу образовните институции и компаниите, како неможноста на македонското образование да се приспособи на брзиот технолошки развој.
Македонскиот високообразовен процес е во спротивност на светските текови
Неколку светски истражувања покажуваат дека младите сѐ помалку имаат причина да му се посветат на високото образование. Постојат повеќе причини за овој светски тренд. Од една страна е зголемувањето на финансиските трошоци при студирањето во високото образование, а од друга страна високообразовните личности повеќе не остваруваат високи приходи како во минатото. Во овие студии има примери кога адвокати или медицински лица се префрлиле на услужни или занаетчиски работни места, бидејќи овие работни места се подобро платени од професијата со која се стекнеле при високообразовниот процес.
Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат зголемување на бројот на запишани студенти, но и зголемување на лицата што го завршиле високото образование, како и лицата што се стекнале со магистерски и докторски звања. Но податоците покажуваат и поразителна бројка за реалните потреби на бизнисот и компаниите, бидејќи бројот на лицата што завршиле магистерски студии во областа на инженерството, производството и градежништвото изнесува само 15,9 отсто од вкупната бројка. Некои од познавачите велат дека овие бројки покажуваат дека има многу високообразовни институции што создаваат вишок кадар, кадар што реално не е потребен во стопанството, а истовремено опаѓа и квалитетот на кадрите што се стекнале со високо образование или специјализирале.
Кои се потребите на бизнисот и на компаниите
Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат тенденција на зголемување на бројот на запишани студенти, како и на бројот на оние што ги завршиле студиите или специјализирале, но и покрај тоа има недостиг од високообразовен кадар.
Владанка Трајановска, претседателка на Организацијата на работодавци, посочува дека од има недостиг од технички до високоедуциран електромашински кадар, а особено се забележува недостигот од сметководители, кои сѐ потешко можат да се најдат.
Оваа состојба се потврдува и од податоците на Агенцијата за вработување. Според овие податоци, компаниите имаат потреба од вработување лица што ги имаат следните занимања и соодветен степен: програмер, машински инженер, градежен инженер, информатички инженер, инженер за организација на работа, архитект, инженер за компјутерски науки, инженер за техничка сигурност, сметководител, електроинженер-контролор, информатичар и сл. Односно, во бизнисот има најмногу потреба од овој кадар.
Каде е решението?
Познавачите на оваа проблематика посочуваат дека проблемот може да се реши со реформи во високото образование, во примената на германскиот образовен систем, но и во соработката и координацијата помеѓу државата и компаниите. Високото образование треба да се усогласи со потребите на бизнисот и компаниите.
Во овој контекст, м-р Наташа Јаневска нагласува дека економијата треба да изгради трајно партнерство меѓу образовните институции, бизнисот и државата. Според Јаневска, образованието мора да биде приспособливо на брзиот технолошки развој и да има добри иновативни наставници што ќе создаваат и градат стручен кадар со соодветни вештини и знаења, кој ќе биде препознаен на пазарот на трудот. Дека е потребна соработка помеѓу високообразовните институции и компаниите покажува и словенечкиот пример. Емилија Стојменова-Дух, министерка за дигитализација, вели дека во Словенија постојат кадровски стипендии за кои словенечките фирми добиваат посебни субвенции од државата.
Потребите на бизнисот и на компаниите може да се решат и со примена на германскиот образовен систем, односно во дуалниот систем на образование. Меѓутоа, овој систем не е новина во нашата држава. Имено, принципот на дуално образование веќе започна да се воведува во македонското образование со германска поддршка, а првите класови започнаа во септември 2018 година. Според Јаневска, инвестицијата во дуалното образование е инвестиција во реалниот сектор и ефикасен начин на обезбедување практични вештини и компетенции потребни на стопанството. Тоа е можност компаниите да се вклучат во креирањето на потребниот кадар, во контекст на нивниот раст и развој, но и развој на државата.
Зголемен бројот на доктори, магистри и специјалисти
Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат спротивна тенденција во Македонија. Во академската 2021/2022 година се запишале вкупно 51.582 студенти, што претставува зголемување за 1,4 отсто во однос на академската 2020/2021 година. Овие податоци исто така покажуваат дека во 2021 година дипломирале 7.753 студенти на додипломски студии на високите стручни школи и на факултетите, што претставува зголемување за 12,2 отсто во споредба со 2020 година.
Податоците исто така покажуваат дека во 2021 година, звањето магистер на науки и специјалист го стекнале вкупно 1.976 лица, од кои 1.727 или 87,4 отсто се магистри и 249 или 12,6 отсто се специјалисти. Бројот на магистри и специјалисти, во споредба со 2020 годинa, е зголемен за 12,4 отсто. Во 2021 година, најголем број од магистерските трудови, 558 или 32,3 отсто, се од областа на бизнисот, администрацијата и правото, 22,2 отсто се од областа на општествените науки, новинарството и информирањето, следуваат инженерството, производството и градежништвото со 15,9 отсто, а преостанатиот дел од областите е со помал процент на застапеност.
Според овие податоци, во 2021 година, звањето доктор на науки го стекнале 201 лице, што претставува зголемување за 15,5 отсто во споредба со 2020 година. Најголем број лица докторирале во областа на здравството и социјалната заштита, 23,4 отсто, потоа на општествени науки, новинарство и информирање докторирале 17,4 отсто, следуваат бизнис, администрација и право со 15,9 отсто, уметност и хуманистички науки со 11,4 отсто, а преостанатиот дел од областите се со помал процент на застапеност. Лица што докторирале, односно 30,8 отсто ја вршат својата професија во образовната дејност.