Наскоро ќе се одржи седница на Генералното собрание на ОН на која ќе се расправа за усвојување на Резолуцијата за геноцидот во Сребреница. Неодамна, Бујар Османи, министерот за надворешни работи на Македонија, на прес-конференција изјави дека неговата земја не само што ќе ја поддржи оваа резолуција туку и ќе биде нејзин коспонзор заедно со Германија. Ова е негова одлука, како што рече, на која има право како министер за надворешни работи на државата.
Откако Македонија доби нова претседателка – Гордана Силјановска-Давкова, на изборите на 8 мај, Горан Илијевски, претседателот на Партијата на Македонците на Србија, во понеделникот испрати писмо до новата претседателка, во кое ја замолува да се огради од произволната одлука на министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој рече дека Република Македонија учествува како коспонзор во донесувањето на резолуцијата дека е извршен геноцид во Сребреница.
Илијевски е во Скопје и очекува одговор од претседателката Силјановска-Давкова преку нејзиниот кабинет, кој е во процес на формирање. За ова прашање, како и за претседателските и парламентарните избори во Македонија, Илијевски во обраќањето до српските медиумите наведува:
„Новите изборни резултати во Македонија пред сè покажуваат револт и отпор кон ДУИ-зирањето (албанизацијата) на Македонија. Прашање е дали ќе бидат стопирани отстапките на албанските партии, кои преку уцени добиваат преголема моќ и отидоа предалеку во своите барања. Бадентеровото владеење, кое не постои никаде во светот, во Македонија оди спротивно на основните постулати на парламентарната демократија и заедно со балансерот (за вработувањето на албанското малцинство) е причина за уништување на институциите со вработување непрофесионален кадар во Македонија“.
Илијевски го истакна и постоењето највисоко ниво на корупција во државата, кое мора да се прекине за државата да го постигне својот просперитет:
„Државата стана нефункционална, неспособните министри ги уништија образованието, здравството, судството, фондот на ПИОМ и воведоа највисок степен на корупција на сите нивоа. Партијата ДУИ дојде на власт и ги претера коруптивните активности без никаква контрола и одговорност. Се дерогираат сите лостови на власта, затоа што пред сѐ е важна припадноста кон партијата ДУИ“.
Илијевски посебно се осврна на постапките на Бујар Османи, министерот за надворешни работи на Македонија, исто така од редовите на партијата ДУИ.
– Министерот за надворешни работи, следејќи ги интересите на партијата ДУИ, не почитувајќи ги државните и националните интереси, кршејќи ги овластувањата и без одлука и согласност на Владата и претседателот на Македонија, а спротивно на Резолуцијата од 2010 година донесена во Собранието на Македонија, која не наведува геноцид во Сребреница (заклучок на Собрание), туку само злосторства, донесува одлука за македонско коспонзорство за резолуцијата за Сребреница. Ова нѐ поттикна да се обратиме до претседателката Силјановска-Давкова, која е и професорка по уставно право, да почне да става крај на владеењето на беззаконието според нејзините овластувања, а првиот чекор е да се суспендира одлуката за македонското коспонзорство зо резолуција за Сребреница. Одлуката на првиот државник мора да го одрази она што го очекуваат сите Македонци – нагласи Илијевски, кој упати посебна порака до Србија.
– Неопходна молба е Србија да разбере дека Македонците имаат сериозни внатрешни проблеми, кои ќе треба да се решат мошне бурно за да се зачува унитарноста на државата и тој процес мора да започне со новата влада, која е во процес на формирање и која не смее да подлегне на албанските националистички барања и уцени. Крајно време е и за Владата на национално единство на македонските партии, за да се елиминира влијанието на албанските партии, што е преголем предизвик и за сегашното мнозинство, кое ќе биде уценето да коалицира со албанската коалиција Вреди, која исто така има аспирации за голема Албанија, како и блиски врски со Курти. Очекувам барем сериозно да се разгледа ставот на Македонија за Резолуцијата за геноцидот во Сребреница и верувам во гордоста и храброста на новата претседателка да ја започне борбата за зачувување на Македонија и македонскиот национален интерес – изјави Илијевски за српските медиуми. Д.Ст.