Фото: Игор Бансколиев

Притисни малку, му суфлираше првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров, на првиот премиер Никола Кљусев, додека тој се обидуваше да го отвори шампањското на спонтаната прослава на скопскиот плоштад, по повод позитивниот одглас на референдумот за независност. Она суфлирачко „притисни малку“ на Глигоров од пред 31 година може да е и убава порака до целото македонско општество, да се ресетира и одново „да притисне“ малку повеќе за напредокот и благосостојба на својата земја

ИДЕАЛИТЕ ОД 8 СЕПТЕМВРИ КАКО МОТИВ ЗА НОВО ОПШТЕСТВЕНО-ПОЛИТИЧКО РЕСЕТИРАЊЕ

Пораките испратени во онаа септемвриска вечер од плоштадот „Македонија“ во центарот на Скопје и натаму одѕвонуваат во ушите на македонските граѓани и ја враќаат вербата дека може подобро, без оглед на сите предизвици со кои се соочува државата, дека мора подобро, во интерес на генерациите што се собраа пред 31 година на скопскиот плоштад да ја прослават независноста, со верба за посветла иднина, во име на оние што тогаш не беа родени и кои за празникот првпат слушнале од своите родители, но и во име на оние што во поранешната федерација потајно мечтаеја за сопствена независна држава.
Тој изблик е сè уште присутен, без оглед што владее општ впечаток дека го нема истиот интензитет, но примерите за повремени успеси на државата, било на спортски, на културен или на научен план, покажуваат дека македонските граѓани сакаат да веруваат дека ќе биде подобро на секое поле и во ниту еден момент не се откажуваат од основната премиса врз која ја изградија оваа држава, дека заедно можеме сè.
Заедно минавме низ многу премрежиња во овие нешто повеќе од три децении, но во ниту еден момент никој не се посомнева дека славеничкото шампањско беше залудно отворено.
– Притисни малку – му суфлираше првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров, на првиот премиер Никола Кљусев, додека тој се обидуваше да го отвори шампањското на спонтаната прослава на скопскиот плоштад.
Покрај Глигоров и Кљусев, на бината, меѓу другите, беа качени министрите Блаже Ристовски, Јован Андонов, Јордан Мијалков, Столе Трајановски, Ѓорѓи Наумов, Ѓорѓи Ефремов, Илија Андонов-Ченто и тогашниот потпретседател на претседателот на Република Македонија, Љубчо Георгиевски.
– Граѓани и граѓанки на Македонија, дозволете вечерва вам и на сите граѓани и граѓанки на Македонија да ви ја честитам слободна, суверена и самостојна Македонија – се обрати со растреперен глас Глигоров.
Прославата беше круна на епилогот од референдумот на 8 септември 1991 година, на кој излегоа над 95 отсто од граѓаните и позитивно одговорија на референдумско прашање „Дали сте за самостојна Македонија, со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“. Самостојна Македонија е денешна реалност, со право да стапува во сојузи во кои самата ќе сака. Тоа го направи со влезот во НАТО пред некоја година, а на пат е ова сојузење да го направи и во рамките на Европската Унија.

Впрочем, тоа беа основните определби врз кои се темелеше македонската независност, евроатлантски интеграции и негување на западните вредности, како демократија, владеење на правото, почитување на малцинските права, граѓански слободи, пазарно ориентирана економија и многу повеќе дури и од она што денес го има и кај некои актуелни земји-членки на ЕУ.
Она суфлирачко „притисни малку“ на претседателот Глигоров од пред 31 година може да е и убава порака до целото македонско општество, да се ресетира и одново „да притисне“ за напредокот на својата земја.
Универзитетскиот професор Борче Давитковски смета дека Македонија има сили да се врати на определбите од времето кога ја прогласуваше својата независност, но дека треба сите заедно тука да се фокусираат врз работите што може да им донесат благосостојба на нејзините граѓани.
– Може да се направи оваа држава одново да тргне напред, но треба да се паметни тие што ја водат. Прво и основно, треба да се постигне единство, не во смисла на некаква коалициска влада или слично, туку единство меѓу политичките субјекти за стратегиските интереси на државата. Влеговме во НАТО, на пат сме за ЕУ, што е наш приоритет, и ако политичките партии во земјава постигнат согласност за одредени прашања, државата ќе тргне напред – вели Давитковски.
За него, единството од пред 31 година резултирало со создавање независна и самостојна Македонија, а сега истото тоа единство треба да се обнови заради создавање една просперитетна држава.
– Токму тоа единство е исклучително важно за да се направат неопходните реформи. Реформите се тие што сега ќе ја придвижат државата напред и треба сите да се посветат на тоа. Живееме во време кога имаме и поголеми приоритети, тука е уште пандемијата, се соочуваме со енергетска криза, економијата е оптоварена, имаме и идентитетска пандемија од Бугарија, така што обединети можеме полесно да ги надминеме овие работи – нагласува Давитковски.
Тој додава дека како што пред 31 година тогашните политичари имале визија за тоа што е добро за Македонија и во кој правец таа треба да се движи, така треба да се однесуваат и актуелните политичари, или ако немаат сопствена визија, да не отстапуваат од она што се приоритети за државата.

– Ако политичарите се вистински визионери, а не политиканти, иако за мене сите се политиканти, без оглед дали се на власт или во опозиција, и ако мислат за иднината на оваа држава, ќе работат во нејзина полза. Ние имаме бела чума, слаб економски развој, едноставно имаме многу теми околу кои политичките партии можат да се обединат и за тие прашања, без оглед кој ќе биде во иднина на власт, да имаат еден постојан консензус – истакнува Давитковски.
Професорот смета дека тоа ресетирање може да се направи така што заеднички ќе се посветиме кон она со што државата реално располага.
– Ние не сме многу богата држава, ние немаме руда, немаме машинска индустрија, не можеме да произведуваме автомобили и ракети, но можеме да развиваме земјоделство, култура, здравство заради благосостојба на населението и особено, она што е најевтино, тоа е образованието. Тоа се работите што треба да ги развиваме и тоа ќе ја врати земјава на вистинскиот колосек – констатира Давитковски.
Според него, со инвестирање во образованието ќе се продуцираат кадри што со своето знаење може и тука да придонесат, додека оние што ќе излезат надвор, ќе ја претставуваат својата земја во најдобро светло.
– Треба да бидеме препознатливи. Здравството треба да се донесе на такво ниво да можат граѓаните да бидат сигурни дека утре ќе бидат совесно и стручно лекувани. Земјоделството, земјава може толку многу да произведува, што во вакви времиња на криза можеме самите да произведуваме храна. Имаме култура, археологија, имаме што да покажеме пред Европа и светот. Тоа треба да го афирмираме – потенцира Давитковски.
Професорот смета дека ако во 1991 година сме се определиле за независна и самостојна држава, тогаш треба да ги градиме нејзините институции според европските норми.

– Треба да владее Мерит-системот. Да се вработуваат луѓе што се стручни и квалитетни, а не партиски војници. Доста е со полнење на администрацијата. Треба мала стручна администрација, која малку ќе чини. Со тие пари што сега ги фрламе за нивни плати, ќе изградиме енергетски капацитети. Покрај тоа, имаме европски закони, но треба да почне нивното имплементирање без одложување. Така ќе се вратиме на оној 8 септември од пред 31 година. Имаме сè што треба – категоричен е професорот Давитковски.
Тој уште додава дека како што имавме консензус за референдумот пред 31 година, така и сега треба да постигнеме општ консензус за иднината на оваа држава.