Во Собранието заврши расправата по Предлог-законот за финансиска стабилност
Собранието ја заврши расправата по Предлог-законот за финансиска стабилност во прво читање, а гласањето ќе се одржи на една од наредните седници.
Говорејќи за Предлог-законот, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски рече дека тој е еден редок пример кој навистина треба да биде со европско знаменце и усогласен со европска регулатива.
– ВМРО-ДПМНЕ ја предлагаше оваа регулатива пред две години и доколу тогаш беше донесена, сега финансиската дисциплина и политика, ќе беше на многу повисоко ниво од тоа што е сега. Овој закон прво мора да се почитува, затоа што, пред сè предвидува фискална политика и фискален совет, којшто треба да ја уредува фискалната и економската политика во целата држава – истакна Стојановски.
Тој рече дека СДСМ и ДУИ како Влада се финансиски недисциплинирани и водат политика на економско фијаско и ја задолжуваат државата за непродуктивни трошоци, без фискални правила кои го уредуваат нивото на јавниот долг. – Овој закон треба да биде рамка на функционирање. Но, она што ме загрижува е тоа што се носат закони кои Владата потоа не ги почитува, вели Стојановски, кој се сомнева дека и овој закон нема да се почитува.
– Никој не сака да се справи со катастрофалната финансиска состојба во државата. Со законот се предвидува формирање на Финансиски комитет, а со Буџетот е предвиден Фискален совет и двете тела имаат речиси исти надлежност – забележа Стојановски, кој рече дека е доста од формирање тела кои само ќе заседаваат, членовите ќе земаат финансиски надоместоци и ќе носат заклучоци кои потоа никој нема да ги почитува.
Пратеничката од СДСМ, Жаклина Лазаревска, реплицирајќи му на Стојановски, рече дека на опозицијата „ѝ паднала секирата в мед“ оти Владата треба да се справува со кризи предизвикани од пандемијата и од енергетската криза, а сега и со последиците од војната во Украина.
– Кога вие заминавте од власт, ја оставивте државата во никаква економска состојба. И сега кога ние треба да поминуваме низ кризи кои го зафатија светот, вие продавате лажна загриженост за трошењето на народните пари. Ние сè уште отплаќаме големи долгови, кои вие ги оставивте. Пет милијарди беше јавниот долг во 2017 година. Отплаќаме долгови за проекти какви што ги правевте – рече Лазаревска.
По завршувањето на расправата за Закон за финансиска стабилност, потпретседателот на Собранието Горан Мисовски сакаше да продолжи со 66 седница, но по процедуралната забелешка на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски дека треба да се продолжи со расправа по точките од 54-тата седница оти така биле договорени, Мисовски објасни дека не може да се работи по другите точки од таа седница оти доцни претставник од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Мицевски рече дека ќе го почекаат претставникот од Министерството за земјоделство да дојде и побара еден час пауза.