Додека обвинителите во Бугарија ги истражуваат наводните руски шпионски активности во Агенцијата за национална безбедност, бугарскиот премиер јавно изразува сомневање дека руските разузнавачи работеле директно против добрите односи со Македонија. Тој за бугарските медиуми изјави дека кавгите на неговата земја со соседот биле влошени токму од руските разузнавачи и нив ги посочува за главни виновници за влошувањето на бугарско-македонските односи. Кои се ставовите на нашите политички аналитичари за ваквиот експлицитен став на Петков, бидејќи некои од нив препознаваат тенденциозна заднина?
Премиерот на Бугарија ја обвини Русија дека е виновна за лошите односи меѓу Софија и Скопје
Ѕидот што го постави Бугарија за Македонија пред портите на ЕУ, во кој речиси три години постојано удира нашата држава, деновиве бугарскиот премиер Кирил Петков се обидува да го „редизајнира со графит“. Тој „испишува“ парола, со која вината за постоењето на „ѕидот“ ја адресира, ни помалку, ни повеќе – на руска шпионажа?!
Петков тврди дека руски разузнавачи работат
против добрите односи со Македонија
Додека обвинителите во Бугарија ги истражуваат наводните руски шпионски активности во Агенцијата за национална безбедност, бугарскиот премиер изразува сомневање дека руските разузнавачи работеле против добрите односи со Македонија. Тој за бугарските медиуми изјави дека кавгите на неговата земја со соседот биле влошени од руските разузнавачи.
– Ми беше пријавено дека руски шпиони работеле конкретно против односите меѓу Бугарија и Македонија. Некој се обидува погрешно да ги претстави интересите на Бугарија. Интересот на Русија отсекогаш бил да го спречи Западен Балкан да има европска иднина – изјавил Петков за бугарски медиум.
Од една страна, оваа изјава на бугарскиот премиер, согледана во контекст на декларираната волја и активности за напредок во македонско-бугарските односи во насока на повлекување на бугарското вето за македонските преговори со ЕУ, може да биде разбрана како обид на Петков за барање алиби пред ЕУ, за неразумните уцени што неговата земја (водена од неговите претходници) ѝ ги прави на Македонија. Вешто играјќи по жицата на актуелната европска костернираност од Русија поради нејзините воени дејства во Украина, Петков преку акцијата за внатрешно справување со русофилството во Бугарија се обидува да добие поени пред ЕУ со истиот наратив применет и за македонско-бугарските односи. Со еден удар, спакуван во „приказна“ – убиени две „муви“!
– Справувањето на Бугарија со нивното внатрешно руско влијание не е некоја голема вест, па дури ниту нова за импликациите на таквото влијание врз македонско-бугарските односи. Сепак, тоа е нивна, бугарска „приказна“, и не е наша, македонска. Со ескалацијата на руско-украинскиот конфликт сите земји на Балканот на некој начин се притиснати да изберат страна. Во овој случај, Бугарија нема сосема чист наратив кога станува збор за руското влијание во нејзиниот внатрешен политички амбиент, па бугарскиот премиер Петков се обидува да испрати јасна порака со конкретни акции на разоткривање на руските агенти во тамошните институции, но со изјавата за влијанието врз односите со соседите, дека неговата земја ја позиционира на европската, прозападната страна. Илузија би бил обидот Македонија да се стави во контекст на русофилство, кога е јасно видливо дека тоа во споредба со она во бугарското општество е минорно. Освен тоа, мојот впечаток (сепак без конкретна информација) е дека и оваа изјава на Петков е во контекст на наративот дека сака решение за затекнатиот македонско-бугарски проблем, без поразени и победници – вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
Проектирањето на најголемиот дел од вината за напрегнатите билатерални односи меѓу Македонија и Бугарија врз трета страна, сепак, не успева да ја постигне посакуваната уверливост, покрај фактот дека и понатаму не се повлекуваат од бугарска страна условите за почеток на македонските преговори со ЕУ, поставени во Декларацијата на бугарското собрание и објаснувачкото писмо и меморандумот до земјите-членки на Унијата, за македонските евроинтеграции. И покрај манифестираниот оптимизам за напредок во работата на комисиите (дури и на најспорната – историската), дури и бугарскиот премиер Петков внимава да не му се испушти ветување за повлекување на ветото.
Софија ни подметнува пакет од русофилија и русофобија
– Имам впечаток дека со изјавата за „руските шпиони што ни ги расипале односите“, бугарскиот премиер манипулативно го користи растечкиот тренд на русофобија во западната политика и медиуми. Обидот да се прикаже дека Русите ја расипале европската свадба на Македонија и Бугарија е подметнувачки од бугарска страна. Всушност, Бугарија е таа што јасно и отворено се позиционираше непријателски спрема Македонија во ЕУ. Нека не ни подметнуваат нам Бугарите, ни русофобија, ни русофилија и нека не си прават алиби за нивните непријателски политики спрема Македонија. Ние сме докажано антифашистичка земја! Во тек се големи геополитички и геостратегиски поместувања, на работ сме на еден мултиполарен свет, а Македонија е заглавена во локална жабокречина, во која ни е важна Бугарија. Таквиот контекст во мигов нѐ става на губитничката страна. Реално, во овој миг, кога и ЕУ е пред искушението на тежок економски колапс, треба да ги преиспитаме нашите аргументи за влез во Унијата по секоја цена, а со таков развој на настаните бугарското вето е неважно и воопшто не треба да се преговара за нивните недостојни услови и уцени – вели професорката Солза Грчева, претседателка на Глас за Македонија.
На сосема различна позиција од професорката Грчева е Петар Богојевски, лидер на движењето „Македонски концепт“. Тој има слични ставови какви што искажа бугарскиот премиер Кирил Петков. Петар Богојевски смета дека „позитивен исчекор“ во македонско-бугарските преговори е што „е препознаена вмешаноста на руското разузнавачко влијание во креирањето амбиент за влошување на односите“.
– Безмалку пет години не пропуштам можност при коментирањето на македонско-бугарските односи да нагласам дека тие се влошени и дека бугарското вето за македонските евроинтеграции е нарачано од Москва. Мило ми е што моите укажувања ги потврди и бугарскиот премиер Петков. Навистина со задоцнување, но не е доцна за отстранување на руското влијание од бугарската политичка сцена и креирање конструктивен однос во македонско-бугарските односи и конечно повлекување на ветото за Македонија во ЕУ – вели Петар Богојевски.