Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, денеска ги прими копиите од акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор и шеф на Делегацијата на Европската унија, Микалис Рокас, притоа посочувајќи дека неговата дипломатска мисија започнува во исклучително важен момент за Европската иднина на земјата и во таа смисла, изразувајќи уверување дека со силна заемна посветеност ќе се обезбеди одлучен напредок на патот кон реализација на нашата стратешка определба за идно членство во ЕУ – соопштија од Министеството за надворешни работи.
Муцунски изразил задоволство од досегашната континуирана поддршка на Европската унија за унапредување на реформските процеси, стабилноста и просперитетот на земјата, и ја потенцирал нашата подготвеност за натамошно продлабочување на меѓусебното партнерство засновано на заедничките вредности и интереси.
На средбата, како што велат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија била акцентирана и важноста од што поскора интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ, а во тој контекст бил поздравен и неодамна донесениот План за раст за Западен Балкан како значаен политички и финансиски влог на ЕУ во регионот и дополнителен поттик за остварување на оваа заедничка цел.
Досега оваа функција во земјава ја извршува евроамбасадорот Дејвид Гир.