Овие општествени тензии се присутни и во другите земји, но ние сме најслаби затоа што имаме нефункционални институции, кои не можат да се носат со промените, потребите и случувањата во земјата и во светот. Генерално гледано се наоѓаме во период кога водата зоврива и кога ќе го исфрли капакот под притисок. Начинот на кој може да се постигне решение е различен, тврдат упатените, но пред сѐ, неопходно е да се превенираат ризичните сценарија и државата да им помогне, а не да им одмага на граѓаните и различните стопански гранки

КОГА ИНСТИТУЦИИТЕ ЌЕ ЗАТААТ

Македонија подолг период поминува низ период на општествени и социјални потреси, кои се предизвикани од повеќе фактори. Последиците од здравствената криза со ширењето на коронавирусот, која подоцна беше дополнета со енергетската и економската криза, и понатаму се чувствуваат, а социјалната напнатост и тензиите се манифестираат низ повеќе различни облици.
Во изминатиот период се случуваа неколку протести за зголемување на платите во јавната администрација, атмосферата во македонскиот парламент е сѐ понепријатна, а изливи на нервоза, бес, па дури и насилство имаме и на улиците, кога на пример беа нападнати полицајци. Кои се причините за вака акумулираното незадоволство, за силниот набој на нервоза и како да се справиме со тоа?
Феноменот на социјална напнатост, како што се објаснува во научната сфера, се јавува во услови кога долго време некои проблеми остануваат нерешени или не се остварени очекувањата на луѓето, првенствено во остварување на нивниот подобар стандард. Незадоволството на луѓето може да биде поттикнато и од неисполнување на политичките цели, како што е на пример и долгонајавуваниот почеток на преговори за пристапување на Македонија во Европската Унија, кој произлезе и од целосната блокада од страна на Бугарија.
Социолозите ги гледаат причините за ваквата состојба како последица на глобалните процеси што го зафатија светот. Граѓаните се изложени на силна психолошка војна, која по завршувањето на пандемијата сѐ повеќе се разгорува преку пласирање информации преку социјалните медиуми и интернетот. Луѓето постојано се под напад од најчесто непроверени информации, пласирани низ социјалните мрежи, за економска криза, страв од нови заразни вируси, па и за почеток на трета светска војна!

– Тензијата во општеството сѐ уште не го достигнала врвот. Следува период на ослободување на насобраната енергија, која се кумулира по двегодишната социјална изолација на луѓето поради пандемијата со ковидот. Но карантинот го немаше тој социопсихолошки елемент, како што е сега. Гледајте што се случува насекаде околу нас, луѓето се нервозни за банални причини, или тоа што се случува во парламентот. Тоа можеби ни изгледа и забавно, но работите се сериозни, од аспект што парламентот е местото каде што треба да се апсорбира таа социјалната енергија од луѓето. Ние сме доведени во ваква состојба затоа што не дејствуваат институциите во нашата земја, кои се оптоварени со корупција и непрофесионалност. Овие општествени тензии се присутни и во другите земји, но ние сме најслаби затоа што сме сиромашни и имаме нефункционални институции, кои не можат да ги носат промените во светот. Не постои ни желба во институциите и кај луѓето да се сменат работите. Генерално гледано се наоѓаме во период кога водата зоврива и кога ќе го исфрли капакот под притисок. Начинот на кој може да се постигне е различен: тој може да биде и без насилство и без вистински жртви, но и да биде потрагичен. Се плашам оваа насобрана тензија да не се прелее на улица, што ќе доведе до ослободување на социјалната енергија – ни изјави социологот Илија Ацевски.
Граѓаните тешко ќе можат да се справат со социјалните и економските тензии, затоа што сите тие се засегнати од тоа што се случува во моментот во државата, што ќе влијае и на односите во семејството, сметаат психолозите.
– Не сите еднакво можат да се носат со стресот и сите емоционално различно го доживуваат. Не постои магичен совет како полесно да се надмине оваа состојба. Грижата за себе е најважна, но таа треба да се поставува и претходно пред да се случат тешкотиите од економската криза или сл. Доколку претходно сме биле подготвени да се соочиме со различни проблеми, полесно ќе ги надминеме тензичните периоди во општеството. Посветувањето на самиот на себе е најдобрата одбрана. Но прашањето е колку од луѓето го правеле тоа пред да се соочат со проблемите. Индивидуалното дејствување сигурно нема да ги реши проблемите за кои се надлежни власта или другите институции. Кога не се случува тоа и кога тие што се избрани не ги исполнуваат нашите очекувања се јавуваат протести – вели психологот Мирјана Стојановска Јовановска.