Фото: Архива

Цената на струјата за граѓаните и за малите потрошувачи во Македонија ќе ја пресметува приватна компанија

Граѓаните и малите потрошувачи во Македонија се наоѓаат пред нова ценовна неизвесност по најавата од првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) дека од 1 јануари „ЕВН хоме“ како универзален снабдувач ќе ја соопштува новата цена на струјата. Стравувањата од нови струјни удари врз буџетите на македонските потрошувачи произлегуваат и од тоа што во новите законски одредби „ЕВН хоме“ ќе ја пресметува и определува наместо РКЕ, а регулаторот само ќе проверува дали калкулациите се точни!

Прво отворено прашање: Дали ќе следуваат сериозни ценовни реперкусии за македонските потрошувачи?

Според првиот човек на Регулаторната комисија (РКЕ), Марко Бислимовски, „регулаторите (РКЕ) само ќе ги проверуваат тарифниот систем и начинот на пресметка“, што му остава простор на универзалниот снабдувач да ги „диктира“ условите за одредување на новата цена на електричната енергија.
Од Министерството за економија (МЕ) вчера се обидоа да ја разбијат „неизвесноста“ за тоа дали цената на овој енергент ќе биде повисока, за што објаснија дека „се очекува на новиот распишан тендер за избор на универзален снабдувач со електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи да се избере конкурент со помала профитна маржа“. На тој начин, според толкувањето на министерот за економија Крешник Бектеши, би можела да се намали цената на струјата на регулираниот пазар?!
Преминувањето кон нов модел на одредување на конечната цена на струјата, во кој клучниот збор би го имала компанијата универзален снабдувач, може да предизвика сериозни ценовни реперкусии за македонските потрошувачи. Во досегашната практика Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) се покажа како успешен контролор и коректор при прифаќањето на барањата на компаниите што учествуваат во производството, преносот и дистрибуцијата на електричната енергија. Какво беше нејзиното влијание за определување прифатлива цена на струјата за граѓаните може да се види и со последното поскапување на струјата во јули годинава. Тогаш почетните пресметки со кои излегоа од Регулаторната комисија за енергетика покажуваа дека струјата треба да поскапи за околу 20 отсто доколку бидат прифатени сите барања на енергетските компании. Од „Електродистрибуција“ побарале зголемување за 32,17 отсто, систем-операторот МЕПСО за 53, а преносниот систем МЕМО за 83,3 проценти. Причините поради кои електрокомпаниите бараа зголемување на цената на струјата беа дека имаат зголемени трошоци на работење! На крајот, по „пеглањето“ на разликите за пријавувањето на производствените трошоци на компаниите, струјата во просек беше зголемена за околу 4,5 отсто, и тоа со зголемување на ДДВ од десет на 18 отсто.

Второ клучно прашање: Дали универзалниот снабдувач ќе ги искористи новите законски прописи за остварување на приватните интереси на компанијата?

Професорот Ристо Цицонков во врска со влијанието на измените на Законот за енергетика врз формирањето на цената на струјата вели дека постои потенцијална можност „универзалниот снабдувач да ги искористи новите законски правила за остварување на приватните интереси на компанијата“.
– Од тоа што можев да го проследам во медиумите, станува збор за административна промена, која се однесува на начинот на соопштување на цената на струјата, како што е примерот во другите европски земји. Тоа значи дека останува истата методологија за формирање на цената на струјата, а ако остане така, тоа ќе биде добро. Но не треба да занемариме дека „ЕВН хоме“ е приватна компанија, чиј интерес е да остварува повисок профит! Не е исклучена можноста во следните калкулации да се обиде да прикаже повисоки трошоци при пресметката на новата цена. Регулаторната комисија (РКЕ) ќе има можност да го контролира тоа само до некое ниво. Претходната практика покажува дека државата може да вети нови субвенции за „балансирање“ на производствените трошоци и новата цена на струјата, која на крајот секако ќе ја платат граѓаните преку државниот буџет. Не верувам дека во изборна година ќе дојде до поскапување на струјата, но неизвесно е како универзалниот снабдувач односно „ЕВН хоме“ ќе се однесува при следните пресметки на новите тарифи. Новите измени му даваат можност да оствари повеќе приходи, преку повисоки цена на струјата – ни изјави Цицонков.

„Но пасаран“: Ако цената оди нагоре, граѓаните нема да можат да издржат ново поскапување на струјата и на енергентите

Марјан Ненов од невладината организација „Но пасаран“ смета дека граѓаните не можат да издржат ново поскапување на струјата и на енергентите, по најавата за промените и проширувањето на опфатот на потрошувачите во повисоките и поскапи блок-тарифи.
– Граѓаните ќе плаќаат сѐ повисоки сметки за електрична енергија. Тоа негативно ќе се одрази врз нивниот стандард, а наедно ќе значи и губење на средната класа – изјави Ненов.
Од 1 декември треба да почне дневната евтина тарифа на струјата, која ќе биде два часа, односно од 13 до 15 часот. Новата цена на струјата треба да се донесе до крајот на месецов, а да ќе важи од почетокот на идната година. Бислимовски рече дека нема да се прават никакви промени кај тарифните блокови, и покрај сугестиите на ММФ.
– РКЕ го носи тарифниот систем и кажува во кој опсег ќе бидат блок-тарифите. Има забелешки од ММФ дека блоковите треба да се намалат, но одговорно тврдам – блоковите и нивниот опсег нема да се намалат. Блоковите даваат резултати. Воведената реформа има ефект и има заштеди од 16 отсто. Дури и тоа што беше потопла зимата има удел, но сепак до овој процент е стигнато со штедење на домаќинствата и факт е дека потрошувачката е намалена – рече Бислимоски.

М.Ј.


Бектеши наспроти Бислимовски

Во измените на Законот за енергетика, кој ќе почне да се применува од Нова година, Регулаторната комисија за енергетика ќе проверува, а цената на струјата за домаќинствата и за малите потрошувачи ќе ја утврдува „ЕВН хоме“. Претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски, вели дека надлежноста на регулаторот ќе биде да направи проверка, но неизвесно е дали ќе може и да интервенира. Тој објаснува дека таквиот начин се практикува речиси во сите земји, како и дека, освен Македонија, регулаторот ја соопштува цената на струјата уште во Србија и во Косово.
– Регулаторот е да регулира тарифи за пренос и за дистрибуција. Ќе ја објави „ЕВН хоме“, а претходно ќе ја контролира РКЕ, каде што ќе се проверува дали ќе бидат правилно применети тарифните системи – вели Бислимовски, кој објасни дека „не е познато дали ваквата промена ќе доведе и до зголемување на цената на електричната енергија“.

Тој прецизира дека РКЕ ќе направи проверка дали цената е соодветно пресметана и ќе укаже каде има потреба од корекции ако има отстапувања. Но формулата, како што истакнува, е јасна за сите енергетски компании.
– Никако нема да имаме повисока цена на струјата, имајќи предвид дека тоа е предвидено со Законот за енергетика. РКЕ има обврска да изврши надзор и да утврди дали пресметките се направени како што треба.
Со последните измени на Законот за енергетика воведовме универзален снабдувач, кому рокот му истекува наредната година, а започната е постапката за нов универзален снабдувач – изјави министерот за економија Крешник Бектеши по најавите дека РКЕ отсега нема да ја одредува цената на електричната енергија, туку тоа ќе го прави „ЕВН хоме“.
Министерот истакна дека и по 1 јануари 2024 година ќе биде истиот тарифен систем. Според него, претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски, ќе има право да интервенира во цената ако се утврди дека пресметките не се направени правилно.


Кој е универзалниот снабдувач на струја „ЕВН хоме“?

„ЕВН хоме“ е австриска компанија преку која од јули 2019 година домаќинствата во Македонија добиваат електрична енергија во согласност со обврските од целосната либерализација на пазарот на електрична енергија на почетокот на годината. Компанијата е снабдувач со струја за домаќинствата и малите потрошувачи што не избрале снабдувач на отворениот пазар.
За потсетување, единственото претпријатие „АД Електростопанство на Македонија“ во 2005 година се подели на три претпријатија, и тоа АД ЕЛЕМ за производство на електрична енергија, АД МЕПСО, чија дејност е преносот на електрична енергија, и ЕСМ АД за дистрибуција на електрична енергија. Со купопродажниот договор во април 2006 година ЕСМ АД станува сопственост на концернот ЕВН АГ од Австрија, a со ребрендирањето во 2008 година претпријатието го добива името „ЕВН Македонија“ АД Скопје. „ЕВН хоме“ е правен субјект што произлегува од „ЕВН Македонија“.