Поранешниот шеф на македонската дипломатија, Никола Димитров, во гостување на ТВ21 најави враќање на македонската политичка сцена, иако нагласи дека не ни престанал да биде активен.
– Јас во блиска иднина ќе ѝ обзнанам на јавноста во каква форма ќе делувам. Да видиме колку граѓани има што сакаат во оваа држава да има ред и колку граѓани има што сакаат законот, системот да важи на целата територија и да биде еднаков кон секој граѓанин – изјави Димитров за ТВ21.
Движењето на Димитров наводно ќе биде наречено Балкански центар за конструктивни политики – Солуција, според сознанијата на порталот „МКД“.
Димитров беше министер за надворешни работи во Владата на Зоран Заев, а потоа беше вицепремиер за европски прашања по изборите во 2020 година. Тој остана без функција во јануари минатата година, со промената на владиниот состав предводен од актуелниот премиер Димитар Ковачевски.
Димитров моментно е ангажиран од невладината организација во Приштина, Балканска група за истражувачки политики.