Колоризација: Дејан Јовески, „Нова Македонија“

На страниците на македонската историја засекогаш ќе биде впишано дека на 12 септември 1942 година, Стив Наумов и Мите Богоевски, кај селото Болно, Ресенско, во борба против бугарската војска и полиција се самоубиваат, како чин на непокор. Не се предале и се бореле до последниот куршум. Прв бил погоден Стив, а откако Мите ја потрошил сета муниција, ја активирал бомбата што им останала и така загинале хероите. Стив Наумов на неполни 22 години и Димитар Богоевски на 23 години ја положија својата младост за слободата и независноста на македонскиот народ и неговата државност

Од историските архиви: 81 година од смртта на Стив Наумов и Мите Богоевски

Во националната македонска меморија засекогаш е врежано сеќавањето за илјадниците херои што ги дадоа животите за македонската слобода и независност што денес ги имаме. Современата македонска држава е творба на неколку генерации од илинденскиот период и антифашистичката борба, а херојската саможртва е симбол на македонската борба за слобода и независност. Меѓу знајните и незнајните македонски херои што се жртвуваа за македонските национални интереси особено место заземаат имињата на Стефан Наумов-Стив и Димитар Богоевски–Мите, кои ги положија своите млади животи во борбата против бугарскиот фашистички окупатор во Втората светска војна.
Засекогаш на страниците на македонската историја ќе биде запаметено дека на 12 септември 1942 година, Стив Наумов и Мите Богоевски, кај селото Болно, Ресенско, во борба против бугарската војска и полиција се самоубиваат, како чин на непокор. Двајцата Македонци не се предале и се бореле до последниот куршум, а откако ја потрошиле сета муниција, ја активирале бомбата што им останала и загинале. Стив Наумов на неполни 22 години и Мите Богоевски на 23 години ја положија својата младост за слободата и независноста на македонскиот народ и неговата државност.
По херојскиот чин, бугарските окупатори ги изложиле нивните тела во селото Болно за да ги распознаат роднините на Мите, при што, двете тела биле фотографирани од страна на бугарските војници. Потоа, Стив Наумов и Мите Богоевски биле закопани во близината на местото каде што загинале, но бидејќи месното население започнало да ги посетува гробиштата, бугарските војници ги откопале телата, ги оставиле покрај реката за да се распаднат, а потоа ги однеле во непозната насока. До ден-денес не се знае нивното гробно место.
Стефан Бошков, внукот на Наумов, за овие историски настани вели дека во септември 1942, партизанскиот одред заминал од Болно. Останале само Стив и Мите, со задача ако уште некој дојде да го примат во одредот. Но биле предадени и опколени од бугарската полиција, која мислела дека таму ќе биде целиот одред.
– Мите заминал кон долната страна од коријата, а Стив кон горниот дел, за да се пробие кон Јанковец. Прв загинал Мите, кој бил погоден со куршум во главата. Стив се борел додека имал оружје, но откако останал без куршуми, си го одзел животот со последната бомба што ја имал – вели Стефан Бошков.
Утредента окупаторите ја викнале сестрата на Мите, која ги препознала телата. Тие ги закопале привремено во блиската шумичка, а потоа ги откопале и ги чувале крај реката уште некој ден. Подоцна, без никој да знае, ги однеле во непознат правец, веројатно од страв дека нивните гробови ќе станат светилиште на партизанското движење и народот, зашто и двајцата биле легенди на Битола и Преспа, нагласува Бошков. Д.Ст.

Мите Богоевски / Стив Наумов

Стив Наумов – раководител на партизанскиот одред „Даме Груев“

Откако во 1941 во Македонија ќе влезат бугарските фашистички окупатори, Стефан-Стив ќе биде еден од првите борци против фашизмот во Битолско. Работел на прибирање оружје, муниција и на организирање на востанието против бугарскиот окупатор. На 2 август 1941, Стив Наумов е еден од главните организатори на Илинденските демонстрации во Битола против бугарскиот фашизам, кои биле слични на Илинденските демонстрации што една година порано, во 1940, во Прилеп, Скопје и во Охрид беа организирани од Ченто, Кузман Јосифоски-Питу, Орце Николов и Борка Талески против српската окупација во Македонија. Во април 1942 година, Наумов учествува во формирањето на битолскиот партизански одред „Пелистер“. Еден месец подоцна, на 6 мај 1942 година, Стив Наумов на улица во Битола го убива бугарскиот областен полициски началник Ќурчиев. Бугарските фашисти распишуваат награда од 200 илјади лева за главата на младиот Македонец. Во јуни 1942 год. станал член на Оперативниот штаб на Народноослободителните партизански одреди на Македонија. Учествува и во формирањето на битолско-преспанскиот партизански одред „Даме Груев“ на 6 јули 1942 г. над ресенското село Златари. Стив Наумов го раководи одредот „Даме Груев“ при нападот на бугарската полициска станица во селото Кажани, Битолско, на 18-19 август 1942 година. Есента истата година заминал на задача во Преспа, каде што со Димитар Богоевски-Мите требало да ја координира борбата на партизанските одреди.


Момчето од Болно

Димитар Богоевски-Мите напишал повеќе песни, но најголем дел од неговото творештво е изгубен. Во 1935 година додека учел во Ресен за првпат се претставил како поет, и тоа со песните „Осамотен патник“, „Несреќен Илија“, „Покрај река“, „Мало коњче“ и „Два врапци“. Познат како „момчето од Болно“, со изразити македонски национални чувства, пред малата матура ја рецитирал својата незачувана песна „Легенда за македонските Славјани“, а слична била и незачуваната песна „Богомили“.
Постои сомнеж дека по неговото самоубиство, околу педесетина македонски патриотски необјавени песни и роман се однесени во Бугарија. До денес во Македонија се зачувани неговите песни: „Сат“, „Ученичка тетратка“, „Покрај река“, „Висибаба“, „Спроти Илинден“ (1938), „Стојанка млада партизанка“, „Триесет и девет минаја“ (напишана по повод влегувањето на одредот „Даме Груев“ во с. Смилево на Илинден 1942 година), „Разделвачка“ (објавена во весникот „Наша реч“ во 1940 година) и др. Во 1940 година тој испратил голем број стихотворби во весникот „Наша реч“ во Скопје, но била објавена само песната „Разделвачка“. Редакцијата имала намера да му издаде збирка со неговите песни, но во меѓувреме весникот престанал да излегува. Тогаш се изгубила целата архива на весникот, а со тоа и трагата на неговите песни. Во пролетта 1942 година, Богоевски ја напишал песната „Партизанка“, која заедно со песната „Спроти Илинден“ ја размножил на машина. Подоцна „Партизанка“ станала една од најпопуларните народни песни во Преспанско.
Димитар Богоевски–Мите во песната „Триесет и девет минаја“ го претставува континуитетот на илинденската традиција и во неа можеме да прочитаме: „На стари еден војвода, На Илинденски комита, Лоша го старост наведе, Црни го мисли испиле. Лута го тага изела, За таа пуста слобода. Но, што му очи светнаја, Што му се лице разведри? Кога си виде внуците, Во нова рува комитска, Со танка пушка на рака, Со срце машко во гради, Силна го надеж утеши. Радост го в старост окрепи, Срце на младост затупка. Осуна славен Илинден, Во светла, бела промена, Над славно село Смилево. Во горда Бигла планина, Триесетидевет години, минаа како векови. Султанот сојде нов дојде. Излегоа нови спахии, Стегнаа нови синџири…“.