Шефот на македонската дипломатија од говорницата инсистираше на почитување на меѓународните договори и особено на принципите и вредностите на Советот на Европа, кои беа засилени со четвртиот самит на Советот на Европа во Рејкјавик
Обраќање на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски пред Парламентарното собрание на Советот на Европа
Европските интеграции на Македонија, која идната година ќе одбележи 30 години од членството во Советот на Европа и дваесет години од кандидатурата за членство во ЕУ, како и нагласувањето на важноста од почитувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права беа клучни точки во обраќањето на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски пред Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) за време на неговата посета на Стразбур.
Тој од говорницата инсистираше на почитување на меѓународните договори и особено на принципите и вредностите на Советот на Европа, кои беа засилени со четвртиот самит на Советот на Европа во Рејкјавик. Министерот се осврна и на актуелните кризи и предизвици со кои се соочува европскиот континент, а за време на посетата на Стразбур имаше и работни средби со највисоките претставници на Советот на Европа.
Во Стразбур нагласена важноста за почитување на пресудите на Европскиот суд за човекови права
Македонскиот министер притоа се осврна и на важноста на спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права.
– Чест и одговорност е да застанам пред вас денес за да размислите за прашање што ја погодува суштината на нашиот заеднички европски идентитет – нашата колективна посветеност на човековите права, владеењето на правото и интегритетот на институциите што ги штитат нив. Во срцето на оваа заложба лежи Европскиот суд за човекови права, институција што служи не само како последна инстанца туку и како основа на правдата и достоинството за милиони наши граѓани. Како што рече поранешната претседателка на Судот, Сиофра О’Лири, конвенцијата служи како инструмент на мирот и чувар на демократијата и владеењето на правото низ Европа – истакна министерот Муцунски.
Тој нагласи дека Македонија ги прифати пресудите на ЕСЧП „не како наметнување, туку како можност – да ја потврдиме нашата посветеност на вредностите за кои сите тврдиме дека ги поддржуваме“.
– Без разлика дали преку правни реформи или соочување со непријатните вистини за нашите сопствени системи, ние го избравме патот на усогласеност, без разлика колку е тежок. Тоа не е само законска обврска – тоа е морален императив. Сепак, постои растечка тенденција во делови од нашиот регион да се гледаат пресудите на ЕСЧП како сугестии, а не како обврзувачки пресуди. Ова ги поткопува самите основи на нашата архитектура за човекови права и ризикува да го наруши кредибилитетот на нашите институции. Кога земјите одложуваат или одбиваат да ги спроведат овие пресуди, особено кога се однесуваат на правата на малцинствата или ранливите групи, тие испраќаат опасна порака – дека за некои права може да се преговара и дека правдата може да се одложува на неодредено време – нагласи Муцунски пред ПССЕ.
Според него, во Македонија е отфрлен тој поим. Властите избраа да дејствуваат кога ќе се соочат со пресуди на ЕСЧП, дури и кога тие одлуки бараа да се направат тешки избори и да се занимаваат со длабоки прашања.
– Ние разбираме дека вистинската демократија не е само за волјата на мнозинството, туку за заштита на правата на секој поединец, без разлика колку е мал или маргинализиран неговиот глас. Лесно е да се почитува законот кога е погодно, но токму во моменти на непријатност и тешкотија нашата посветеност на владеењето на правото е вистински тест – рече тој.
Министерот за надворешни работи на Македонија притоа го повика нашиот регион да размислува за оваа реалност. Неуспехот да се спроведат одлуките на ЕСЧП не само што им штети на поединците чии права се загрозени – туку и го ослабува нашиот статус како демократски нации.
– Тоа му кажува на светот дека ние избираме кога да ги почитуваме институциите што ветивме дека ќе ги почитуваме. Ова, верувам, е многу поголема закана за нашето единство и нашата иднина отколку каква било политичка непријатност што може да произлезе од спроведувањето тешки пресуди – порача Муцунски.
Тони Гламчевски, дописник на „Нова Македонија“ од Стразбур
Патот кон членството во ЕУ останува со пречки што се чувствуваат како неправедни
Зборувајќи за Западен Балкан и неговата интеграција, односно и таа на Македонија во ЕУ, шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски нагласи дека и покрај сите напори, реформи и жртви, нашиот пат кон членството во ЕУ останува попречен од пречки што се чувствуваат сè понеправедно.
– Следната година мојата нација ќе одбележи 30 години од членството во Советот на Европа. Иако оваа пресвртница го одразува постојаниот напредок што нашата нација го направи кон демократските промени и интеграцијата со европските вредности, ние исто така се соочуваме со уште една, поотрезнувачка годишнина. Ќе поминат 20 години откако Европскиот совет ни го додели статусот на официјална земја кандидат за ЕУ. Дваесет години чекање, надеж и стремеж да се покажеме достојни за полноправно членство во семејството на ЕУ. Сепак, и покрај сите напори, реформи и жртви, нашиот пат кон членството во ЕУ останува попречен од пречки што се чувствуваат сè понеправедно. Процесот стана силно политизиран и се чини дека стативите се поместуваат токму кога им се приближуваме. Нашето патување беше обележано со вета наметнати од помоќните соседи, користејќи го нивното влијание за да го обликуваат наративот на начини што не одразуваат праведност или меѓусебно почитување. Ветувањето за интеграција, на моменти, беше нишано пред нас, само за да биде повлечено под тежината на геополитичките интереси и домашните размислувања во самата ЕУ – истакна Муцунски.
Ова не само што ја тестираше издржливоста македонските институции туку и трпението на нашиот народ, според македонскиот министер за надворешни работи.
– Замислете го разочарувањето на една нација што направила сѐ што е побарано од неа само за да ѝ кажат дека целта сè уште е недостапна. Како ја одржувате надежта кога чувствувате дека самите принципи за кои се залага Европската Унија – солидарност, правда и единство – се применуваат нееднакво? Издржавме длабоки неправди на ова патување. Навигиравме по промените на името, дебатите за идентитетот и историските спорови, сè за да ги исполниме барањата поставени пред нас. И додека многумина ќе ни кажат да не жалиме што ги направивме овие компромиси заради мирот и напредокот, не можеме да го игнорираме емоционалниот данок што го направи врз нашата нација. Чувството на предавство е длабоко, особено кога нашите искрени напори да се усогласиме со европските стандарди се дочекани со дополнителни одложувања и неизвесност – посочи Муцунски.
Но, и покрај ова, според Муцунски, ние одбиваме да му се предадеме на очајот.
– Нема да дозволиме овие неправди да поттикнат евроскептицизам или наративи за жртва. Наместо тоа, ќе продолжиме да се бориме за нашето заслужено место во Европа, водени од верувањето дека правдата на крајот ќе победи. Патот можеби е долг, но ние остануваме посветени на вредностите што ги претставува Европа и ќе продолжиме да се залагаме за процес што е фер, транспарентен и заснован на меѓусебно почитување – категоричен е Муцунски.
Подготвени сме да разговараме со нашите соседи, но врз основа на реципроцитет
Повеќемина пратеници му поставуваа прашања на македонскиот министер Тимчо Муцунски, но најмногубројни сепак беа тие од Бугарија, кои се интересираа за внесувањето на Бугарите во Уставот и изградбата на коридорот 8, добрососедските односи и почитувањето на договорот од Преспа и тој со Бугарија. Муцунски на многу дипломатски начин им одговори дека бара реципроцитет во односите, дека договорите што повлекуваат меѓународни обврски и покрај слабостите ќе бидат почитувани, не давајќи рок кога ќе бидат внесени Бугарите во Уставот, туку само дека се чека на новите избори во Бугарија и составувањето нова влада за да се разговара за сите овие прашања.
– Убедени сме дека уставната реформа се однесува на еден друг контекст. Колку уште амандмани треба да се направат за да ѝ се приклучиме на ЕУ? Дали некој ќе ни гарантира дека тоа ќе биде последниот амандман на Уставот што ќе ни биде побаран за да бидеме полноправни членка? Сакам да нагласам дека оваа уставна измена нема никаква врска со критериумите воспоставени од ЕУ, критериумите од Копенхаген, од Мадрид или европските „аки“ – придобивки. Ние сме подготвени да разговараме со нашите соседи за начинот на кој можеме да напредуваме, но врз основа на реципроцитет – заклучува Муцунски Т.Г.