Кој прв спомена шарм? Колку што се сеќавам, во Преспа или околу Нивици, на новинарско прашање како ќе дејствуваат во решавањето на сложените состојби во кои се најде земјава, нашиот бивш министер за надворешни работи Никола Димитров одговори: Ќе ги шармираме! Тој што поседува шарм, физички или интелектуален, и ако знае да го употреби во позитивни насоки, тој може да се смета за умен и способен човек. За политичкиот и дипломатски бал што се случи во Нивици се има зборувано, пишувано и потврдено со сведоштва во многу наврати, но мислам дека не пречи ако ги спомнеме уште еднаш или уште неколкупати. Многу земји и народи знаат колку гнев и горчина предизвикуваат таквите настани кога владата наместо да ги брани интересите на сопствената држава, таа отстапува пред повлијателниот политички противник и распродава сѐ што ќе ѝ дојде при рака.
Заев, во улога на администратор, со балкански манир ги пречека високите гости од ЕУ, како Могерини, Јоханес Хан и големата Меркел, која пред Ципрас ни понуди нешто конкретно, да го смениме името, потоа сѐ друго ќе биде топ! Невештиот Заев по ѓаволски смислениот предлог на Меркел, сега во улога на послушен администратор, спонтано ја извади црвената вратоврската од околу тилот и му ја подари на Ципрас. Тоа требаше да значи потајно согласување и своевидна капитулација на Македонија во Нивици!
Своевремено претседателот на Франција, Франсоа Митеран, кажано нешто конкретно кога изјави: Ако треба да одбереме меѓу Грција и Македонија, ќе ја земеме Грција, бидејќи таа е поголема од Македонија. Администраторот и верник Заев, кога го почувствува ветерот од север, се прекрсти и помоли за чудесниот ден полн со радост за него и со длабока траума за Македонија. Во тој момент сите ние граѓаните помисливме дека сега ќе се активира шармот на Димитров и на дипломатски начин ќе ги реши сите политички и дипломатски недоразбирања што се случуваат во ЕУ, Балканот и Македонија!
За жал, ништо, апсолутно ништо не се случи, само се почувствуваа празнина и тотален молк, ни се пристори како шармот на Димитров да испарил во преспанското небо! Дали Димитров го насочи својот шарм во погрешна насока или тивко и срамежливо сакаше да ни каже дека и во историјата на Франција имало денови на горчина и гнев! Пргавиот Никола, немајќи друг излез, се втурна во историјата и со гласот на Нарцис ни порача: За време на Втората светска војна, по понудата на нешто конкретно од страна на тогашна фашистичка Германија, владата на Франција на чело со Петeн потпишува капитулација. Што треба, сега, да ја прелистаме цела историја на Франција и на Европа и да пронајдеме каде и зошто се случувале понуди и капитулации! Така нѐ уверуваше гласот на Нарцис. Да, во Франција се случи капитулација, но од гневот и горчината на францускиот народ се роди силен антифашистички отпор, предводен од Шарл де Гол, за на крајот заедно со уште неколку европски земји, меѓу кои и ние, да ја присилат фашистичка Германија да капитулира, без да ѝ биде дадено или понудено нешто конкретно. Се разбира, не можеме да ги споредуваме двата случаја, тој во Виши и овој во Нивици, но кога станува збор за негрижа или погрешна процена на политичките настани, сакале или не, треба да се согласиме дека меѓу двата историски настана има блискост.
Наместо прошетка низ историјата, за Димитров ќе беше пополезно ако со својот шарм нѐ однесеше низ париските ноќни клубови, како „Фоли Бержер“, „Мулен руж“, „Лидо“ или „Крејзи хорс“, каде што во доцните часови од ноќта се изведуваат француски игри што не предизвикуваат горчина и гнев, туку убави девојки, кои личат на самовили кога долгите нозе ги дигаат до главата, ја слават убавината на животот. Но со девојките од ноќните париски клубови треба да бидеме многу внимателни, бидејќи ако тие ни понудат нешто конкретно, главите ќе не болат со години. Тука администраторот Заев и шармерот Димитров покажаа зрела дипломатска претпазливост и не го предизвикаа шармот на девојките со долги нозе.
По некое време, Димитров и Заев од познати причини се лизнаа и заминаа во политички заборав, место што тешко се поднесува. Заев си го одбра за наследник Ковачевски, а Димитров му ги препушти надворешните работи на господинот Бујар Османи, кој се потврди и како дизајнер.
Претседателот Макрон нема речено дека ако треба да одберат меѓу Македонија и Бугарија, ќе ја земат Бугарија бидејќи е поголема од Македонија, ниту друг висок француски политичар нема кажано такво нешто, ниту се има изјаснето да ни се понуди нешто конкретно! Сепак, во европскиот и балкански дипломатски круг се врти и шета таканаречениот француски предлог. Чие дело е овој предлог во кој се забележани сите историски, територијални и културни желби на Бугарија, која долго време ги посакува? Па, нели, иако мала земја, со францускиот отпор ѝ покажавме на фашистичка Германија што е нешто конкретно, бидејќи и Бугарија во тоа време беше близок сојузник на нацизмот и фашизмот? Со ваквите извртени настани, како ли се чувствува сега Шарл де Гол?
Комичниот Ковачевски не го интересираат ваквите сериозни политички состојби, тој како големо уво слуша што и која одредница ќе му ја определи Заев, кој засега дејствува од незнајно место. Затоа за Ковачевски не требаат повеќе кажувања.
Министерот Бујар Османи ни покажа дека е и добар дизајнер. На црна табла со бела креда, Османи ни го нацрта патот, составен од 35 скалила, кој нѐ води кон портата за влез во ЕУ. Во 34-те скалила, нѐ уверува дизајнерот Бујар, просторот е чист, тука Бугарија не може ништо да направи за да го спречи нашето одење кон врвот, кон замислениот идеал кон ЕУ. Само на 35-то скалило Бугарија може да направи нешто мало, речиси безначајно и затоа не смееме да ја пропуштиме оваа историска шанса, заклучи Бујар Османи. Кога го гледав и слушав, си помислив како е можно министерот и дизајнер Бујар Османи да е толку наивен и да мисли дека ние граѓаните сме до таа мера недоветни за да поверуваме во неговата излитена приказна! И малите деца знаат дека ако некој сака да ве спречи по патот по кој одите, тоа нема да го направи во првото, ниту во второто или десетото скалило, тоа ќе го направи кога ќе бидете пред самата цел и тогаш ќе излезат сите побарувања на Бугарија што ги посакува и замислува во однос на Македонија со децении! Предлогот за нешто конкретно изнесен од Османи е трагикомичен, полн со хазардни дипломатски игри.
Бидејќи дизајнерот Османи се покажа како неспособен дипломат, каков што беше и неговиот претходник, шармерот Димитров, наместо да ни раскажува приказни за бугарски скалила за европски ветришта и балкански магли, подобро ќе биде да донесе еден од париските ноќни клубови во кои девојките со долги нозе ги поткреваат и вртат своите фустани и, така, во недостиг од сериозни политички личности, барем ќе се нагледаме френч кан-кан.
Автор: Коле Манев