Лицемерните политики на ЕУ, вклучително и кон земјава, ја направија Унијата некредибилен партнер кон кој светот веќе пристапува со резерва
Повеќедецениската блокада на македонските евроинтеграции, најпрво од Грција, потоа од Франција и на крајот од Бугарија, беше еден од показателите дека Европа ги напушта сопствените принципи и вредности, повеќе или помалку свесна дека токму отстапувањето од изворната европска идеја ќе ја остави на маргините на светските случувања.
На основаните забелешки дека непринципиелните европски политики кон земјава ќе направат од Европската Унија некредибилен партнер кон кој во иднина сите ќе пристапуваат со резерва, душегрижнички реагираа некои домашни интелектуални кругови со тврдењата дека нема ништо проблематично во европскиот однос кон Македонија бидејќи „ние сме тие што сакаат да влезат во европскиот клуб“, а ЕУ и натаму ќе остане клучен играч на светската политичка сцена и затоа што поскоро треба да влеземе, без оглед на цената, и без оглед на испорачаните барања што го прават Брисел неконзистентен, неконсеквентен, со политики на два колосека, па дури и лицемерен.
Покрај сето горенаведено, последните случувања поврзани со мировните преговори за Украина го покажаа и следното: дека истата таа ЕУ не само што веќе престана да биде фактор туку стана и обичен пасивен набљудувач на процесите што се случуваат на европско тло, без никаква сила и моќ да го крене гласот и да застане во одбрана на сопствените принципи и интереси.
Имено, во трговската војна со САД околу царините, ЕУ е големиот губитник бидејќи прифати сѐ што ѝ беше наметнато, а ист таков губитник е и околу изнаоѓањето мировно решение за Украина. Контурите на идниот мировен договор ги поставија американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин на неодамнешниот самит на Алјаска, а сега ќе се договараат деталите како да се воспостави траен мир. Европејците подоцна беа поканети во САД од чиста куртоазија, само колку да им биде соопштено дека тие ќе мора да ја платат обновата на Украина и да се грижат за нејзината безбедност така што ќе трошат милијарди евра за купување американско оружје. Со други зборови, европската економија со децении ќе ја спонзорира украинската обнова без можност за вистински европски развој и просперитет.
Дел од домашните познавачи на европските процеси немаат никаков сомнеж дека ова што сега се случува со Европа ги влече корените многу одамна, а пречките на македонските евроинтеграции биле само еден од сигналите за погрешниот европски неолиберален курс.
– Со години, токму врз примерот на односот на ЕУ кон Македонија, предупредував дека ако вака продолжи, Европа целосно ќе го изгуби кредибилитетот и ќе дојде моментот кога таа повеќе нема да биде релевантен фактор. Тоа сега се случува. Европа е таа што инсистираше на промена на името спротивно на меѓународното право, не ги исполнуваше дадените ветувања за почеток на пристапни преговори по промената на името, го суспендираше правото на еден народ на сопствен идентитет преку внесување билатерални прашања во процесот на проширување, така што ова е епилогот. Кога истата таа Европа го напушти меѓународното право, отстапи од сопствените критериуми и принципи, од демократските вредности, тогаш таа повеќе не е респектабилен партнер. Тоа на Европејците директно им го кажа и американскиот потпретседател пред извесно време. Наместо ЕУ внатрешно да се реформира, да го заокружи процесот на проширување, да работи на силен европски економски простор, таа, водена од европските либерални елити, ја загуби целта, па многу земји членки почнаа да си водат суверенистички политики за да не бидат одвлечени во амбисот кон кој ги влече официјален Брисел – констатираат соговорниците.
Опасни игри на Брисел за вовлекување на Европа во војна
Повеќе од извесно е дека нападот врз нафтоводот што ја снабдува Унгарија со сурова нафта не е одлука на Украина, туку е нареден од некои поголеми центри на моќ, исто онака како што своевремено беше нападнат и онеспособен гасоводот „Северен тек 2“
Европските либерални елити очигледно не се задоволни од нивното маргинализирање при носењето крупни одлуки, па на сите начини се обидуваат да го минираат мировниот процес за Украина така што се обидуваат да испровоцираат ширење на конфликтот на поширок простор. И тоа не се однесува само на бриселскиот концепт за одвојување колосални финансиски средства за масивно вооружување на Украина (и на Европа), туку и на конкретни активности и акции на теренот, преку кои Брисел како повеќе да се подготвува да ја прелее војната на европско тло, а не да воспостави мир.
Во тој контекст може да се набљудува и неодамнешната акција на украинските безбедносни сили што го бомбардираа нафтоводот кон Унгарија, со единствена цел да го прекинат снабдувањето со руска нафта за оваа земја откако таа отворено се спротивстави на европските намери за дополнително продолжување на војната со Русија.
Повеќе од извесно е дека нападот врз нафтоводот што ја снабдува Унгарија со сурова нафта не е одлука на Украина, туку е нареден од некои поголеми центри на моќ, исто онака како што своевремено беше нападнат и онеспособен гасоводот „Северен тек 2“, со што на Германија ѝ беше испратена јасна и недвосмислена порака на чија страна треба да стои. По тој напад Германија го промени односот кон руско-украинскиот конфликт и тоа го плаќа со целосен колапс на сопствената економија.
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто неодамна ја обвини Украина за напад врз „важна дистрибутивна станица“ на нафтоводот „Дружба“ во руската област Брјанск.
– Последниот напад врз нашата енергетска безбедност е скандалозен и неприфатлив – нагласи унгарскиот министер за надворешни работи во понеделникот. Брисел и Киев се обидуваат да ја вовлечат Унгарија во војната во Украина веќе три и пол години, а сè почестите напади на Украина врз нашата енергетска безбедност имаат иста цел – остро реагираше Сијарто. Шефот на унгарската дипломатија повтори дека руско-украинската војна „не е војна на Унгарија“ и нагласи дека Унгарија „сака да остане настрана“.
– Ова се класични провокации што може да доведат до ескалација на конфликтот и негово проширување од Украина и на други европски земји. Унгарија цело време се спротивставува на војната во Украина, одбива да воведе санкции, одбива да го прекине увозот на руска нафта и гас, става вета на некои европски одлуки, така што некои центри очигледно ќе се обидат преку вакви напади врз инфраструктурата важна за Унгарија да испровоцираат унгарска реакција. Тоа се опасни игри и ако војната од Украина се прошири и кон Европа, тогаш прогнозите се повеќе од страшни – коментираат дел од познавачите. С.Т.
Трамп и Путин ги предвидоа милитаристичките провокации
од Брисел за поткопување на мирот и продолжување на војната
Еден важен детаљ, а се однесува на дадена забелешка во искажувањето на претседателот на Русија, Владимир Путин, на заедничката прес-конференција со претседателот на САД, а која имаше полна суштина и форма и која ја предвиде далековидоста на лидерите на САД и Русија (брифирани од нивните национални разузнавачки служби). Имено, Путин ја даде таа забелешка во множина, за да може јавноста да разбере дека е заеднички став на обајцата претседатели (на Русија и Америка). Забелешката опфаќаше две позиции, односно дека Трамп и Путин:
1. Најпрво, очекуваат Киев и европските престолнини да го прифатат сето договорено на средбата Трамп-Путин конструктивно!
2. И второ, Европејците плус Киев, да не создаваат пречки и да не се обидуваат да го нарушат планираниот напредок преку провокации и заткулисни интриги!
Се разбира, на оваа забелешка, следуваа полуофицијални негодувачки реакции од страна на милитаристичката европска Коалиција на подготвените, во соработка со официјален Киев. Токму во тој контекст се случи ракетирањето на нафтоводот кон Унгарија (официјално, делото е сторено од страна на украинската војска, веднаш по завршувањето на самитот во Алјаска). Се разбира дека Киев ниту има толку стручни човечки ресурси да го организира тоа, ниту има технички средства и софистицирано наведувачко оружје за да го изведе. Така, европските јастреби направија уште еден обид за тешка провокација за договараниот сеопфатен мир, за што предупреди двоецот Трамп-Путин.
Според мислењата на воено-политичките аналитичари, пораката на опскурните милитантни кругови од ЕУ беше:
1. Брисел сѐ уште е тука и може да направи да се прелее војната и во Европа, а посебно на тлото на суверенистичките (неподобни) членки на ЕУ.
2. И второ, дека Брисел ѝ дава последна опомена на Будимпешта, но и на другите источноевропски суверенистички лидери дека натамошните дисциплинирања би можеле да бидат и посурови и дека либералните елити на Брисел се способни да удрат и на најсензитивните сегменти на животот на граѓаните каде што владеат „непослушните лидери“, и тоа во енергетскиот сектор… сакајќи да се факторизираат како незаобиколен услов во кроењето на новите светски мапи. П.Р.