Уште едно навраќање кон неевропските наративи во францускиот предлог
Македонската дипломатија треба да изгради сериозен системски приод и професионален тим и да ги искористи сите политички и дипломатски мрежи за да ги сузбие неевропските наративи вградени во францускиот предлог, а особено вториот протокол, што ги прифати претходната влада, порачуваат експертите за меѓународни односи пред претставувањето во Брисел на идејата за одложено дејство на уставните измени од страна на македонската влада
Премиерот Христијан Мицкоски и шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски денеска и утре во Брисел со европските партнери ќе разговараат за уставните измени и правното толкување на заклучоците на Европскиот совет во кои се наведува дека Македонија нема да продолжи во втората фаза од преговорите за членство без уставни измени за впишување на Бугарите во него. Оваа посета на Брисел на високите македонски претставници всушност ќе биде со цел за своевидно работно претставување на идејата на македонската влада за одложено дејство на уставните измени, кои се услов од францускиот предлог за отворање на поглавјата од преговорите и барање начин да се избегне билатерализација на преговарачкиот процес, односно некаква гаранција дека Бугарија понатаму нема да поставува вета за Македонија за билатерални прашања и нејзини интереси. Експертите упатени во евроинтеграциите сметаат дека македонската дипломатија треба да изгради сериозен системски приод и професионален тим и да ги искористи сите политички и дипломатски мрежи за да ги сузбие неевропските наративи вградени во францускиот предлог, а особено вториот протокол, што ги прифати претходната влада.
Ќе се бараат гаранции за избегнување на билатерализацијата преку институциите на ЕУ
Во неформалните брифинзи во македонското МНР пред посетата во Брисел било наведено дека, сепак, овој предлог пред сѐ ќе се разгледува како идеја со европските партнери, но нема да биде формализиран како документ.
– Францускиот предлог плус е дополнување на сето ова што постои во моментов како фактичка состојба на таков начин што ние ќе бидеме апсолутно сигурни, без никаква дилема, дека од моментот кога ќе ги почнеме преговорите со ЕУ, понатаму нема да имаме билатерализација на нашиот пристапен пат. Тоа не значи дека некоја земја членка нема да може да нѐ блокира на тој пат, по однос на неиспорачување реформи во делот на јавни финансии, по однос на неиспорачување реформи во делот на владеење на правото…, но да престанат овие билатерални барања што повеќе од 30 години нѐ влечат нас – изјави во интервју министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски пред патувањето во Брисел.
Муцунски во интервјуто наведува дека таквите гаранции можат да се постигнат преку институциите на ЕУ доколку Унијата е сериозно посветена на нас и на регионот.
– Гаранцијата примарно ја бараме преку институциите на Европската Унија, на тој начин што ќе има сериозна посветеност не само кон нас туку и кон регионот. И сметаме дека покрај одложената примена на уставните измени, примената на пресудите на Европскиот суд за човекови права, како и воспоставување некој систем помеѓу нашата држава и европските институции, може да биде праведлив пат напред – изјави Муцунски.
Македонската дипломатија да биде доследна на барањата што дојдоа од граѓаните
Во македонската јавност за ваквиот предлог да се побара согласност од ЕУ за одложено дејство на уставните измени (да бидат изгласани во македонското собрание, но да стапат во законска сила по завршувањето на преговорите, односно пред формалното стапување на Македонија како членка на ЕУ) веќе извесно време циркулира името „француски предлог плус“. Предлогот пред европските партнери ќе го претстави премиерот Христијан Мицкоски, но во јавноста лебдат дилемите колкави се реалните изгледи тој да биде прифатен во Брисел.
– Досега многу им беше лесно во Брисел да ни ја повторуваат мантрата „исполнете ги условите од францускиот предлог и евроинтеграциите на Македонија ќе се активираат или ќе продолжат со отворање на поглавјата“. За жал, Брисел т.е. ЕУ инсистираше на полесниот пат – да го намали отпорот од страна на Македонија да бидат прифатени условите што се наметнаа од нејзините непримерни членки, без да навлегува во тоа дали се праведни или неправедни, па дури и дали се во согласност со принципите на Унијата. Имаше и време и многу можности за конструктивен и систематски пристап, за инклузивен процес што ќе вклучеше европски умови што имаат искуства и знаење.
Сите возови ја напуштија станицата празни и се остави ова важно прашање да се решава „од нога“ по ходници во хотели и аеродроми. Но ние, како држава на која ѝ се загрозени националните интереси со францускиот предлог, а особено со протоколите, со секој билатерален договор (во име на членството во ЕУ) намалуваме дел од својот суверенитет и интегритет и треба да се избориме да бидат исправени тие непринципиелни неправди. Заради нас, но и заради реномето што ЕУ мора да го гради, доколку сака Украина да верува во нејзините ветувања. Македонската дипломатија треба да изгради сериозен системски приод и професионален тим и да ги искористи сите политички и дипломатски мрежи за да ги сузбие неевропските наративи вградени во францускиот предлог, а особено вториот протокол, што ги прифати претходната влада. Мораме разумно и принципиелно да го претставиме тој дома испреговаран наратив, во контекст на актуелниот историски момент, кој се сведува на борба на два светогледа: империјалистички наратив на непочитување територијален интегритет, малцински права, јазик и култура на соседни суверени држави (кој доведе до војна во Украина, а во нашето соседство Бугарија ги користи истите алатки, помогната од ЕУ-државите, за да го вгради во преговарачката рамка) и современиот европски наратив, кој се заснова на почитување на нормите на меѓународното право, на конвенциите, на основните човекови права – вели Ида Мантон, експертка по меѓународни преговори и медијација.
Францускиот предлог, според Мантон, е спротивен на демократските принципи на кои е заснована ЕУ.
– Самиот француски предлог е спротивен на сето она за што Унијата е направена како проект на одржлив мир, но и демократските принципи на кои е заснована. Овој договор не е штетен само за македонските национални интереси туку е штетен за неопходната кохезија и обединување на сите Европејци околу идејата за слободна и праведна Европа. Штетен е и за довербата во други меѓународни договори и целиот систем на меѓународното право. Нема да биде лесно Брисел да се измести од неговата удобна позиција во однос на условување на Македонија со францускиот предлог, но македонската дипломатија мора да биде доследна на барањата што дојдоа од граѓаните, кои ја казнија претходната власт поради откажување од идентитетските прашања и компромисите со кои граѓанството не се согласи, но Бујар Османи ги протурка – заклучува Мантон.